ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Повод за протестот беше притворениот новинар Кежаровски, во случај што беше пример за губење на медиумските слободи во земјата, и предмет на бројни реакции, и од домашната прогресивна јавност, и од меѓународните тела и организации. Овој настан е добар повод јавноста да се потсети на состојбите, некогаш и сега
На 23 октомври 2013 година, новинарите излегоа на протест пред Музејот на македонската револуционерна борба (тнр. Музеј на ВМРО), кој беше насилно спречен од полицијата. Повод за протестот беше притворениот новинар Кежаровски, во случај што беше пример за губење на медиумските слободи во земјата, и предмет на бројни реакции, и од домашната прогресивна јавност, и од меѓународните тела и организации. Овој настан е добар повод јавноста да се потсети на состојбите, некогаш и сега.
Зошто? Затоа што е дегутантно тоа што го прават разни тутуле-балиња но и луѓе што се декларираат како сериозни новинари или аналитичари во медиумите и јавноста, кога велат дека сега било полошо од тогаш.
Очигледно, или се учесници и одобрувачи на злото, или страдаат од амнезија, или се едноставно, недоветни. Арно ама, има луѓе што паметат. А нешто останало и запишано.
Затоа, во продолжение, ви пренесувам текст, напишан на самиот ден на новинарскиот протест, 23 октомври 2013, на кој бев учесник, што е факт на кој сум особено горд.
„Музејот ги искара новинарите оти протестирале пред него. А пошто, нели и впрочем, музејот е зграда и не може да збори, гласот на музејот му го позајмија пастирот, а музиката, следствено, пастирските фрули.
И така, кара судот, ќе кара и музејот. Фрулите запиштеа: „Насилно сакале да влезат во музејот!“, иако на никој не му падна на памет тоа. А и ќотекот е воспитна мерка, излезена од рајот.
Понекогаш, како денес, и новинарите храбро ќе изедат и понекој пендрек и клоца под штит. Оти одбиваат да бидат соучесници во превоспитување на општеството според денес општоприфатливите шибицарски манири.
Новинарите и дел од граѓаните кои беа повикани јавно вчера (да потсетиме, не беше ова само новинарски протест, како што „просвираваат“ фрулите, јавно стои повикот на Интернет, па џабе и спиновите, чуму има не-новинари на протестот) денес пружија достоинствена партија, во која без сила го поразија режимот и неговите фрули.
Освен со поддршката за Кежаровски, која очигледно расте, денес новинарите и граѓаните го бранеа и уставното право на слобода на движење и слобода на протест, кое беше брутално прекршено од полицијата. Протестирачите не беа насилни и само се обидоа да пристапат до местото каде што имаа намера мирно, со молк, да протестираат, што им беше оневозможено, со сила.
Режимот е нервозен, оти знае дека ова соголување на режимот го виде цел свет, го видоа граѓаните. Режимот исто така треба да знае: следниот пат ќе нè има и повеќе, а и ќе бидеме поподготвени. На насилството да одговориме со уште повеќе ум и дух.
Денес секој трети џандар се смееше. Наскоро ќе почнат да паѓаат и штитовите“.
Тоа е она што го напишав пред 8 години. Го пишувам повторно и денес. За да не се заборави, и никогаш да не се повтори!