Дали македонската делегација во Берлин успеа да истурка добивање на датум за преговори во јуни? Имаме ли подржувач во Меркел а кочничар во ситуацијата е Макрон со својата девиза „прво Франција а потоа Балкан“!
Прво Македонија. Така стоеше во распоредот на средбите на домаќинката Меркел со пристигнатите балкански лидери во понеделникот, на 29 април. Македонскиот премиер Зоран Заев по тој распоред дојде кај Ангела Меркел во 16 часот, во нејзината канцеларијата. Не се знае како е правен распоредот на средбите ама Заев беше првиот лидер од Западен Балкан кој беше пречекан од Меркел, спроти Конференција за Западен Балкан. На неа покрај Заев учествуваати лидерите на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Косово и Словенија.
Состанокот кој беше свикан заеднички од страна на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон и официјално треба да започне по 19 часот.
Инаку на кратката средба со Меркел по официјалниот дочек, на која покрај Заев учествуваа и од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров заеднички било констатирано дека Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и дека тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан.
Премиерот Заев претходно во Берлин имаше средба и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини. Притоа, како што соопшти македонската влада, Заев и Могерини се согласиле дека за стабилноста на регионот и особено за придобивките на граѓаните на Северна Македонија и на Грција по Договорот од Преспа, неопходно е земјата да биде поддржана и да продолжи уште побрзо на патот кон очекуваната европска интеграција
Договорот од Преспа, за време на разговорот бил потенциран како успешен пример и одлична вест која регионот ја испраќа кон Европа, а беше потенцирано и дека денешната Конференција, меѓу другото, има цел да ги слави придобивките за регионот од Договорот.
Според најавите за денешната Конференција во нејзиниот фокус се наоѓа спорот меѓу Србија и Косово, но македонската делегација очекува и дека на неа ќе добие позитивни сигнали за отворањето на преговорите за членство со ЕУ во јуни, како награда за постигнатото во изминатиот период- во прв ред Договорот од Преспа но и започнатите реформи во повеќе области.
Впрочем, најмногу пофалби на почетокот на самитот во Берлин собраа Северна Македонија и Грција. И Меркел и Макрон на заедничката пресконференција истакнаа дека решението на спорот за името, кој се провлекуваше со години, е пример за тоа оти и најкомплицираните спорови може да се решат ако се покаже добра волја.
„Со развојот во Северна Македонија видовме многу храбри чекори, кои ни даваат надеж дека можат да се решат и долгогодишни конкликти. Затоа сакам уште еднаш за тоа срдечно да му се заблагодарам на нашиот грчки колега Алексис Ципрас како и на бугарскиот колега Бојко Борисов, кои секогаш се залагаа за тоа. И така ние денеска со сигурност че водиме дискусија со поглед на тоа дека големиот проблем на кој работевме повеќе од десет години сега можеше да биде решен“., истакна Меркел.
„Во изминатите месеци се покажа дека е можен напредок. Повеќе од 20 години по конфликтот кој предизвикуваше раскол на Балканот, успеавме, а во тоа Франција одигра решавачка улога, да го окончаме со договорот од Преспа. Видовме дека е можно да се надминат вакви спорови, кои претходно изгледаа нерешливи. Кога носителите на одлуки ќе одлучат да се ангажираат, а за тоа треба да им заблагодариме на Борисов, Ципрас и Заев, тогаш може и да се најде конкретно решение“, порача пак францускиот претседател.
Премиерот Зоран Заев во оваа понеделничка средба со европски лидери влегува со значаен влог – средбата се смета за значајна, имајќи предвид дека Македонија е во очекување во јуни да ги почне преговорите со ЕУ по успешно решениот тридецениски спор за името со Грција. Неодамна, на 3-ти април, Заев имаше телефонски разговор со канцеларката Меркел, во кој, како што соопшти Владата, било потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Ципрас, како и заедничката владина седница, биле историски момент, и дека развојот на односите меѓу двете земји е позитивен пример за Западен Балкан и добра вест за Европа. Било речено дека спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува оти дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска полза за граѓаните. Во тој разговор, премиерот Заев од канцеларката Меркел побарал поддршка во врска со одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија која треба да ја донесе Советот на ЕУ во јуни. Притоа потсетил дека дека државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, и дека е време Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори, што ќе биде дополнително охрабрување земјата да продолжи со реформите
Во пресрет на мини-самитот во Берлин и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, испрати порака дека Северна Македонија „јасно заслужи да добие зелено светло за отворање на пристапните преговори во најбрзиот можен термин – уште пред годинешната летна пауза“. Решавањето на спорот со Грција и постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија тој ги оцени како патоказни сигнали за целиот регион.
„Оваа земја веќе една деценија добива позитивна препорака од ЕК кога станува збор за отворање на преговорите за членство, но тоа не се случи поради спорот за името. Ако сега, по решавањето на тој триесетгодишен конфликт, и покрај постигнатите реформи земјата повторно биде разочарана, постои опасност од внатрешна дестабилизација со соодветните последици за регионот. Со други зборови, само со веродостојна политика ќе успее унапредувањето на процесот на реформи на Западен Балкан и зачувувањето на нашето влијание во регионот“, изјави Хан за агенцијата ДПА.
Хан нема да присуствува на конференцијата во Берлин. Таму беше високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини. Иако е извесно дека Северна Македонија ќе биде истакната како позитивен пример во регионот заради решениот спор со Грција, сепак, се проценува дека главна тема ќе бидат Србија и Косово. На конференцијата, покрај македонскиот премиер присуствуваа претседателите на Србија, Косово и Црна Гора – Александар Вучиќ, Хашим Тачи и Мило Ѓукановиќ, премиерите на Албанија, Словенија и Хрватска – Еди Рама, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ, и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
Забелешки за овој состав на учесници имаше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за тоа говореше во неделното гостување на ТВ „Пинк“.
„Немам ништо против Шарец, напротив. Но зошто Шарец, а не Данчила? Зошто Пленковиќ, а не Орбан? Зошто не Борисов? Не е повикан Милорад Додик, кој доби најголем број гласови на граѓаните на БиХ на минатите избори, туку Звиздиќ. Со тој избор, јасно е дека нашата делегација ќе биде единствена што ќе зборува против независноста на Косово“, изјави Вучиќ.
Притоа откри дека за српската држава се заложиле токму оние кои не се повикани во Берлин – премиерите на Грција, Романија и Бугарија, земји – членки на квадрилатералата со Србија.
Пријателите Ципрас, Данчила и Борисов испратија писмо до Mеркел и Макрон, во кое, секако, се заложија за стабилност на регионот, но посебно се заложија за побрзо пристапување на Србија во ЕУ. Јас им се заблагодарувам за тоа. Ова досега не ѝ беше познато на јавноста“, изјави Вучиќ.
Во пресрет на конференцијата во Берлин, институтот Европска инцијатива за стабилност (ESI), објави анализа во која се оценува дека „Eвропската унија би требало да ја затвори Пандорината кутија на разговори за повторно исцртување граници по должина на етничките линии. Истовремено, ЕУ треба да договори веродостојна стратегија како Србија, Косово и остатокот од Западен Балкан можат да непредуваат во интеграцијата“.
Во анализата има опсежни образложенија зошто се опасни идеите за размена на територии како решение за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, а на ЕУ и се препорачува да ги отфрли таквите идеи. Во текстот се наведува дека Вучиќ има една реторика за меѓународните соговорници и друга за домашната јавност, а ЕУ мора да го предупреди за војнохушкачки изјави на негови министри.
Заедничката прес конференција беше по распоредот предвиена а 21 часот, после вечерата на Меркел и Макрон со сите гости. Но, малкумина нод новинарите веруваа дека таа конференција ќе биде одржана во тој тајминг. Засега може да се каже дека македонската делегација беше ѕвезда на попладнето и вечерта во текот на првиот и вториот дел од Конференцијата. Каков беше крајот ќе дознаеме во следните денови.