Глобусовата архива е преполна со документи за чудниот лик на „домицилниот шпион“ на Атина кој толку години успешно си ја обавуваше својата функција во скопските политички и новинарски кругови
Од инфекција со коронавирус во неделата наутро во Солун, почина Емануел Малелис, кај нас познат како Маноли. Неговата улога во политичкиот живот на земјава не е за потценување, дури и остави значаен печат, без оглед што тој на почетокот на својата кариера само удираше печати – тој во оној конзулат сместен на улицата Луј Пастер работеше во одделението за давање на визи. Кај него наводно доаѓале оние кои барале „протекција“, а тој таквото барање го визирал со создавање на понатамошни пријателки врски.
Неговата позиција во грчкиот конзулат уште во времето на СФРЈ се должи на тоа што тој го знаел македонскиот јазик, па бил „функционален“. Има медиуми кои тврдат дека Маноли е роден во околината на Лерин, женет со Македонка од Скопје и татко на две ќерки.
По завршување на мандатот во грчкиот козулат топј останува во Скопје и продолжува да работи на измислена функција во рафинеријата Окта која, во меѓувреме, доби грчки сопственик..
Во основа Емануел Малелис е човек кој е многу врзан со кабинетот на Љубчо Георгиевски, потоа со македонската елита генерално а министер за трговија а потоа и за економија во таа влада беше тогаш младиот Груевски, под чија надлежност беше приватизацијата на ОКТА. Позната е неговата сентенца дека кога се носела одлуката на Владата за приватизацијата на ОКТА не бил во салата каде се одлучувало! Отишол во тоалет. Каков изговор … пишувавме во Глобус за оваа епизода.
За епизодата има пишувано и професор Фрчкоски. Според Љубомир Фрчкоски „за утврдување на монополските погодности за ‘Окта’ критичен е еден од анекс-договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен за увид на парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер (Груевски)”. За Фрчковски се работи за „ликови и дела од провинциска гротеска – таква која е лишена од софистицираност на урбана сплетка и сложена комбинативна операција. Договорот за приватизација на рафинеријата ‘Окта’ во сферата на ‘странските инвестиции’ е лукративна измама поврзана со корупција, а пресоблечена во спасоносна странска инвестиција. Целата приказна и конфузија што властите сега ја шират по пресудата на Арбитражата од Париз, со која Македонија се обврзува да плати 50-ина милиони долари отштета на „Окта” (со дополнителни плаќања за годините што следат), се состои од обид за покривање на измамата. Таа измама ги вовлече во себе Владата и парламентот во повеќе состави”.
Инаку, да додаме дека приватизацијата на “Окта” е договор составен од два одделни договора и седум анекса што претставуваат целина. Уставниот суд ја разгледуваше уставноста на Договорот и само два анекса, кои му биле дадени од премиерот Љ. Георгиевски. Уставниот суд по разгледувањето го поништува Законот за ратификација на Договорот за „Окта” во целина, со што тој е ставен во позиција на договор што не стапил во сила од самиот почеток на своето постоење.
Она што Маноли го средувал по скопските кулоари , со пари го поткрепувал познатиот бизнисмен од Атина – Кондоминас.
„Кондоминас е оној на чие барање прво Груевски станува министер за финансии на местото на Борис Стојменов, а подоцна Љубчо Георгиевски го предлага и за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Кондоминас го направи тоа бидејќи Груевски е потписник на катастрофалниот коруптивен договор со ОКТА, од кој имаше ќар“, рече ексразузнавачот Богоевски, објаснувајќи дека „Кондоминас заради договорот со Окта го имал Груевски во џеб”, изјави Богоевски во своето интервју на телевизијата Телма. По ова негово тврдење се јавија со рекација и од ВМРО-ДПМНЕ од каде најавија тужби за клевети за Богоевски.
Инаку со Маноли е поврзан и чичкото на сегашниот министер за здравје – д-р Добри Филипче. Во едно пошироко интервју за Глобус лекрот изјави дека „со господинот Маноли (Емануел Малелис) бев пријател уште поред 1990, јас ја породив и неговата сопруга со ќерка му. Не знам дали неговите роднински врски со грчки политичари му помгнале во кариерата, ама знам дека имаше жена Македонка, ќерка на еден офицер и беше полициски службеник во грчката амбасада на старата локација кај Лотарија.. Се немавме видено 4-5 години, кога одеднаш, во 1995 тој ми заѕвони на врата. Се изненадив, а тој ми соопшти дека неговиот кум имал близок пријател на важна функција во Грција и дека тој имал порака за претседателот Глигоров. Знајќи ги нашите роднински врски, тој ме замоли да го поврзам со Глигоров. Јас му го пренесов тоа на претседателот, а тој ми одговори дека не може да се сретнува со човек кој не е на негово ниво. Ми рече дека за тоа ќе ги извести Црвенковски и Фрчкоски, и тука мојата инволвираност во тој случај заврши…
Неколку години подоцна Маноли беше тука, нели беше поврзан со градењето на куќата за Љубчо Георгиевски, и се сретнавме на улица. Го прашав што испадна од нашиот разговор, а тој низ смеење ми рече: ’Не знаев дека вие Македонците имате толку меки стомаци!’ Долго време размислував што му значи тоа, а потоа сам си донесов заклучок. Оттогаш, само уште еднаш го сретнав Маноли, веќе како директор во ОКТА…“
Кога СДСМ дојде на власт Маноли замина од Македонија ама одржувал силни вски со локалните бизнисмени во земјава.
Според информациите на порталот Вечер.мк, Маноли се инфицирал со корона вирусот на Кипар, пред десетина дена, а првично имал лесни симптоми, па се вратил дома во Солун на лекување.