Како еден од ретките повоени дипломци на белградската Академија тој речиси цел живот работеше во Македонската радио телевизија. Ги водеше Танцовиот и Ревискиот оркестар и компонираше стотини и стотини дела
Кој сум јас – често размислувал сега покојниот Александар Џамбазов. Бев долго време зет на актерот Петре Прличко. Потоа бев сопруг на актерката Анче Џамбазова. Па татко на актерот Игор Џамбазов и на ќерка ми Тања… Неговиот син Игор рече деновиве – „не, ти цело време беше маестро!“.
Покојникот е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.
Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.
Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
Со звуците на неговата рапсодија за Скопје, почна комеморацијата во чест на диригентот и композитор Александар Џамбазов, кој почина на 25 јануари, на 85-годишна возраст.
Од него се збогуваа за последен пат многу музички творци, композитори и личности од јавниот живот како и членовите на неговото семејство.
„Си заминува во музичката историја Александар Џамбазов, човекот чие име повеќе од 50 години растеше и израсна во синоним на македонската популарна музика. Во тој долг творечки период, неуморниот творец создаваше многубројни композиции во повеќе музички жанрови. Во последните 15-ина години, се повлече од музичката сцена. Последната средба со скопската публика му беше на јубилејниот концерт што го организираше Сојузот на композиторите на Македонија по повод 50-годишнината. Тогаш, во преполната сала на АРМ, прозвучеа најубавите композиции на маестро Џамбазов. Тоа беше еден од најубавите музички настани од осамостојувањето на Република Македонија и како да оживеаја надежите дека може да се врати златниот период на македонската популарна музика“, рече претседателот на Собранието на Сојузот на композитори на Македонија, Јане Коџобашија, на денешната комеморација во чест на нашиот еминентен композитор и диригент Александар Џамбазов, која, во Националната опера и балет, наместо вообичаено со едноминутен молк, започна со звуците на неговата „Рапсодија за Скопје“.
Композиторот Стојан Стојков, како негов долгогодишен пријател и колега, откри дека Џамбазов секогаш се грижел за состојбите и за творештвото на македонските автори. Според Стојков, Џамбазов бил многу непосреден човек, ги сакал луѓето и со него можело да се разговара на секоја тема.
„Тој е еден, можеби од неколкутемина автори културни дејци, културни работници што многу значеше за уметниците затоа што имаше визија“, истакна Стојков.
За овој „тивок човек со беспрекорна репутација и со огромни човечки и професионални квалитети, чија страсна љубов кон музиката фрлаше посебна светлина на сцената додека диригираше со Танцовиот и со Ревискиот оркестар, или додека сесрдно ги поттикнуваше и храбреше првите чекори на младите музички таленти на фестивалот ‘Златно славејче’“, како што напиша во својата телеграма премиерот Димитар Ковачевски упатена до семејството на Џамбазов, зборуваше и Антоанета Токовска-Котевска, претседател на ЗАМП, која со тага му се заблагодари на маестрото.
„Му благодарам што ме донесе на сцената и што и ми го одреди музичкиот пат“, кажа Токовска-Котевска, укажувајќи на неговиот огромен авторскиАлександар Џамбазов беше истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанрови, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аранжмани и со 1.450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио-телевизија.
Добитник е на голем број стручни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.