Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПОЧИНА СЛИКАРОТ НА КОГО СЛАВАТА НЕ МУ ЗНАЧЕШЕ НИШТО

March 24, 2026 Filed Under: Ревија

Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето – го опишува неговиот син

РЕТКО ОДРЖУВАШЕ ИЗЛОЖБИ Таа форма на претставување ја сметал за „чаламџиштво“ а сметал дека треба да постои многу значаен момент за да изложува повеќе свои дела на едно место

Последен пат го сретнав сега покојниот Илија Пенушлиски на Партизанска некаде во 2013 година. А беше тоа на патеката на неговиот секојдневен ритуал – на пазарчето Буњаковец пред да настапат жештините земаше продукти за кои чув потоа сам ги приготвувал во оброци и секогаш со свеж букет цвеќе во торбата заминуваше кон станот кој припаѓаше на родителите и каде ги создаваше сликите – кај „Хемпро“ на Орце Николов. Тоа можеше да биде само куса средба, како сите улични разминувања со мене па и со сите со кои би се сретнал во еден од оние месеци кога Скопје станува непријатен заради летни несносливи горештини. Но, нему во тој миг му се слоши и ги замолив продавачките од околните дуќанчиња да помогнат – изнесоа столчиња и маса, му дадоа некаков ладен пијалак па и му го измија лицето. Повеќе му беше непријатно и гледаше брзо да замине онаму каде што беше тргнал.

Да тоа беше тоа градот за кого чинам на последната изложба наречена „Градови“ тој изјави дека „од цело Скопје само името го сакам, оти тоа ми одѕвонува на спомени“.

Порталот „Сакав да кажам“ пренесува нешто за тоа дека тој гледа две катаклизми за градот во кој живееше – една е земјотресот ’63 a втора во  2014 година. „ Првпат го видов Скопје по земјотресот од Железничкиот мост. Душата ми се скина.  Се утепав од плачење. Тоа беше мојот град. Но, што сака човек од еден град? Не е само архитектурата, не се само луѓето, тоа е еден меланж од настани и од сопствени спомени. Скопје имаше дух, ако беше мал град, се однесуваше поградски отколку денес. Да не почнувам за ова што се случи за Скопје 2014. Откако се случи, центарот е забранета зона за мене. Не можам да ја поднесам таа грдотија“, рече Пенушлиски. Можеби затоа го имаше она свое ателје во она маало кое сепак одолеа на промените, особено на грдите. Не говореше многу за неговата болест – кога еднаш по некој повод му се јавив на телефон рече дека лежи во дневната болница на Кардиологија, иако подоцна, од оние кои му биле поблиски, дознав дека боледувал од она најтешкото, но се чини успевал да одолее долго време, барем за вообичаените кртериуми.

Негова омилена тема беа филмовите и јас со него често се сретнував во просториите на Кинотеката, онаа вистинската која беше сместена најпрвин во тогашниот Дом на младите а потоа онаа која беше сместена на 6-тиот кат на новата зграда на МТВ каде се водеа бесконечни муабети за филмовите. Беше вистинска енциклопедија на таа тема, бидејќи, тој како и многу интелектуалци од тоа време културните вредности и ги добивале главно или најпрвин преку филмското платно.  Мене дури и ми се чинеше дека тој сакаше повеќе да се дружи со филмаџиите отколку со оние од неговата фела. Можеби грешам…

Никогаш не говорел многу за политиката, иако кај нас не може некој да не те впише во еден или друг „регистер“. Него овие десниве не гоподнесуваа многу на свој примитивен начин, како што умеат заради тоа што сопруга му беше екс-министеркта за надворешни работи Илинка Митрева, која пак замина сосема ненадејно во 2022 година. Се сметаше дека тој само заради неа го добил да го работи ликовниот дел на Меморијалниот музеј во Пелинце, на два километри од манастирот Св. ПрохорПчински, каде одржало Првото заседание на АСНОМ. Тоа брше проект од тогашниот министер за култура Благоја Стефковски, усвоен од Владата и отворен како готов објект во 2004 година, на годишнина на Првото заседание, настан што подолго време беше оневозможувано од СПЦ да биде одбележувано на попрецизен локалитет. На тој објект има мозаик од 140 метри квадратни што се работени од двајца сликари – Корубин и Пенушлиски, би бил точниот опис. Просто го кажувам ова за да укажам дека кај имало многу пограндиозни објекти на кои рабоеле сликари од неговата генерација ама тоа никому не му бодеше очи. Пенушлиски – како што го опишува неговиот син „живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“.

ПЕЛИНЦЕ Мозаик на Спомен домот на АСНОМ што Пенушлиски го работеше со колегата Рубенс Корубин

Тој тогаш кажа дека никогаш не бил вљубеник во големи изложби и чести излагања. Тоа му се чинело малку чаламџиски, како еден вид додворување на публиката. За да се случи нова изложба треба да се случи вистински повод, некој сериозен напредок.

„Сликарот не смее да биде зихераш. Оваа изложба е резултат на мојата љубопитност, обид да пливам во непознати води. Сакав да ги истражам можностите што ги нудат новите технологии“, рече уметникот.

Последната изложба ја имаше во 2018 година а за него сеслушна по еден непријатен повод во февруари 2022. Тогаш Пенушлиски јавно ја замоли Галичката ликовна колонија да го повлече неговото дело кое беше поставено во бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје и од Центарот да го избрише неговото име од излогот.

Споменатат слика е наоправена за време на Галичката ликовна колонија две децении претходно а од пријтели дознал дека неговото име стои на излогот на новите простории на бугарскиот Културно-информиративен центар.

„Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа. Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари. А на таа изложба ме убутале и мене. Сè додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја ‘културна соработка’ ќе биде травестија“, реагирал Пенушлиски.

Погребот е одржи на 21 март на Градските гробишта Бутел во Скопје.

(Љ.К.)

Filed Under: Ревија

ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН
ХOЛАНЃАНКАТА АНЕКЕ БРАСИНГА Е ГОДИНЕШЕН ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ“
ВОЗДУШНИОТ КОРИДОР ЗА ДОСТАВА НА МУНИЦИЈА ФУНКЦИОНИРАШЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЗАБРАНАТА ЗА ИЗВОЗ

Најново

  • ЈОВАНОВИЌ: МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА СЕ ИМПОТЕНТНИ
  • КАНФИЛОВА ПАНОВСКА: ВЛАСТА САКА ДА ГО РАЗНЕБИТИ СДСМ
  • САД: ОСТАВКА ШТО ГО РАЗГОРЕ НЕЗАДОВОЛСТВОТО ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet