Медиумите и специјализираните филмски портали во светот кога пишуваат на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ пишуваат за првиот и најстар фестивал посветен на креативноста на кинематограферите, односно филмските сниматели или директори на фотографија, кој како уникатен секогаш го свртува вниманието на себе на почетокот на есента кога обично се одржува
ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Медиумите и специјализираните филмски портали во светот кога пишуваат на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, како заедничка и речиси како постојана констатација и како бренд препознавање на оваа манифестација пишуваат – за првиот и најстар фестивал посветен на креативноста на кинематограферите, односно филмските сниматели или директори на фотографија.
Тоа го прави уникатен нашиот фестивал, кој, меѓу другото, секогаш го свртува вниманието на себе на почетокот на есента кога обично се одржува.
Интернационалните асоцијации, здруженија и федерации, каде во мрежи се поврзани кинематографери и другите филмски прогесионалци, се првата точка од која се собираат медиумските информации за фестивалот.
На порталот на Меѓународната федерација на кинематограферите, каде е објавена информацијата за овогодинешното издание на фестивалот, е запишано дека „ Интернационалниот фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“ е првиот и најстар филмски фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите. Започна во 1979 година со иницијатива на еден од главните основачи – МФПА/ Друштвото на филмски професионалци на Македонија. Исто така, беше коорганизиран со Кинотеката на Македонија и градот домаќин Битола, основана во чест и инспирирана од богатиот фотографски/кинематографски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878−1954) и Милтон (1880−1964)“.
На еден од најреферентните портали за кинематогарферите и за уметноста на камерата, веб страницата на британските кинематографери, се објавени неколку десеттици вести и други содржини за фестивалот и за браќата Манаки, што сведочи дека Велика Британија редовно ги следи настаните во рамките на програмските активности на фестивалот во Битола.
Еден од повлијателните текстови е оној на Најџел Волтерс, кој во својство на потпретседател на Британското здружение на кинематографери (BSC) во неколку наврати бил на фестивалот со различни улоги во програмата, а беше и промотор на публикацијата „40 години Интернационален фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“’.
Во неговиот текст на тој пишува дека „фестивалот „Браќа Манаки“, именуван во чест на браќата пионери кои со својата страст документираа богатството на балканскиот живот и мистеријата на Балканот ја вградија во магијата на филмот која што се почитува и до ден-денес“.
Најџел Волтерс со пиетет запишува дека „статуата на помладиот брат Милтон е најголемата од ваков вид посветена на кинематографер“, а покрај него со изрази на почит, на црвениот тепих во изминатите децении поминале Стораро, Никвист, Френсис, Алекан, Ондричек, Вилијамс, Прат, Дели Коли, Кутард, Ротуно, Јусов, Балхус, Карвело, Зигмонд, Еделман, Менгес, Лом, Бергер, Алгаин, Софр, Мулер, Ленчевски, Телеман, Годар, Товоли, Лахман, Арванитис, Сушицки и многу други“.
Заради реномето и вредностите што произлегуваат од овој фестивал, пишува Волтерс, ИМАГО, односно Меѓународната федерација на кинематографери, од пред 20 години, редовно го поддржува Интернационалниот фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“.
„Скриндејли“ редовноги следи настаните на фестивалот, а своевремено имаше и опширна фоторепортажа за едно од изданијата на оваа манифестација во Битола.
Порталот „Грузија Тудеј“ на англиски јазик, исто така редовно известуваше и го ширеше гласот за фестивалот за јубилејното, 40-то издание, кога грузискиот филм беше претставен со 4 авторски филмови.
Регионалниот портал „Балканинсајт“ за изданието на фестивалот од 2021 година напиша дека „според реакциите на гостите и посетителите, овогодинешното издание на „Браќа Манаки“ ќе остане запаметено, не само по рекордниот број присутни, туку и по одличната атмосфера, лауреатите од мастер-класот и бројните контакти меѓу филмаџиите како суштина за понатамошна соработка“.
Порталот „Синекалчр“ (Cineculture), пак, изработен како дел од прекуграничната соработка меѓу Северна Македонија и Грциј, објави голем, сеопфатен текст и за фестивалот, но и за делото на браќата Манаки, за кои напиша дека „познати како првите балкански кинематографери, Јанаки и Милтон Манаки го вградија сето свое знаење и несебична љубов во снимањето на широк спектар на настани и луѓе“.
Во текстот уште пишува дека „нивната предодреденост, нивното ‘сликање со светлина’ да го претстават Балканот во Европа беше редок пример за храброст, верба и целосна посветеност“
Што носи ИФФК Браќа Манаки оваа година
ИФФК ќе се отвори со македонската премиера на филмот „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, кој имаше успешна светска премиера на фестивалот во Венеција, каде што ја доби 17. Queer Lion награда во конкуренција од 16 филма, меѓу кои и филмовите Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер. „Домаќинство за почетници“ е и годинешниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм.
Кинематографер на „Домаќинство за почетници“ е Наум Доксевски, а продуцент Марија Димитрова (Лист продукција). Филмот на Столевски е баран по светските фестивали и е откупен од Универзал студио за дистрибуција во САД.
- издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржува до 29 септември, под мотото „Прекрасното на непознатото“ (The Beautiful Unknown), а годинава се очекуваат 400 гости.
На Фестивалот ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми. Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.
Во рамките на Фестивалот, награда за животно дело „Златна камера 300“ ќе ја добие британскиот кинематографер Питер Бижу, а актерката и продуцентка Лабина Митевска, пак, е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.
Познатиот кинематограф Шејмас Мекгарви е добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
– На Фестивалот ќе се одржи тркалезна маса на шест исклучителни жени кинематограферки кои ќе проговорат за предизвиците во професијата, Балканска конференција на кинематографери од која ќе произлезе Манифест, потоа сите кино-прикажувачи ќе потпишат Меморандум за да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината, следува проектот „Наследниците на Манаки“, каде најмалите се внесуваат во светот на филмот, снимаат филмови и ги прават првите чекори во оваа сфера. Годинава и амбасадите на Германија, Франција и Италија организираат вечери на нивната култура поврзани со филмовите кои ќе бидат прикажани на Фестивалот и авторите кои ќе бидат наши гости, подвлече Мони Дамевски, директорот на фестивалот на прес конференцијата во Битола.
Селекторот на фестивалската програма Слаѓан Пенев, во интервју за Рацин.мк рече дека натпреварувачката програма на 44-то издание на Браќа Манаки ќе понуди дела на докажани мајстори со препознатлива филмска естетика и на нови автори кои се на добар пат да понудат импресивни визии.
– Имаме режисери како Нури Билге Џејлан, Аки Кауризмаки, Вес Андерсон, Вим Вендерс, кои се врвни имиња во филмскиот свет и чии нови филмови секогаш предизвикуваат внимание. И во однос на кинематограферите имаме препознатливи имиња, автори како Мартин Гшлахт (добитник на Златната камера 300 во 2010 г.), Елен Лувар (добитничка на Златната камера 300 во 2019 г.), Тимо Салминен, Франц Лустиг, Наум Доксевски кои биле и претходно во компетитивната програма на „Браќа Манаки“, но и други препознатливи мајстори на филмската камера, како Роберт Д. Јеоман и Паоло Карнера, кои имаат импресивна филмографија зад себе. Во програмата доминира европскиот филм, но во голема мера се присутни и азиските пејзажи, помалку американски продукти, а како и секогаш, имаме и домашни дела, истакна Пенев.
Македонската и публиката во Битола оваа година со ништо нема да бидат ускратени и ќе ги проследат актуелните филмови што оваа година се прикажуваа во главните селекции на Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан… Тоа се филмови во кои знаењето и умешноста на кинематограферите доминираат во заедничката соработка со врвни режисери.
(racin.mk)