„Најнародната партија“ полека го губи тој атрибут, но поспоро отколку што реалните ситуации на теренот претпоставуваат. На советнички листи освоила околу 301.000 гласови, СДСМ околу 125.000. Ама во албанскиот блок работите не се расчистени – ВЛЕН победува со дисциплинирано чекање на „војводите“ да гласаат за кандидатите на коалициониот партнер

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на локалните избори освои најголем број гласови и за советнички листи на ниво на државата, додека втори се Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИК).
Имено, според првичните неофицијални резултати, ВМРО-ДПМНЕ има освоено вкупно околу 301 000 гласа на гласањето за советнички листи на државно ниво, односно во сите 80 општини. По смирениот победнички говор лидерот Мицкоски истакна дека не е време за славење, „не чека веднаш многу работа“ рече а неговите членови набрзина ја растурија сцената подготвена за музичко покритие на успехот! Веројатно фалеше победата на Орце Георгиевски во Скопје ама има и други „материјали“ кои го замислуваат професорот од Машински, татковиот син.
„Бихачка“ нема кадар и да се следат изборите!
Нивниот политички ривал, опозицискиот СДСМ, пак, заостанува за повеќе од половина од гласовите што ги има добиено ВМРО-ДПМНЕ. За партијата од „Бихаќка“ на вчерашните избори за советници гласале околу 125 000 граѓани. По пребројувањето на гласовите а ден потоа немаше вистинска анализа, што би била единствена опција ако нема славење а и немаше зошто. Празните простории за гласање, каде немаше никакви проследувачи, пред се партиските, говореа дека ВМРО ДПМНЕ знаеше на што ќе излезе гласањето а СДСМ одново покажа дека нема такви членови кои барем би се ангажирале околу следење на регуларноста на изборниот натпревар!
Трета по ред во оваа категорија е коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, која има добиено нешто повеќе од 114 000 гласа за советнички листи. Во основа тоа е подобар скор од оној на конкурентите во албанскиот блок, но таму, на спротивната страна договорот со Мицкоски се спроведуваше во стилот „разбирам“ па „војводите“ стоеја во ред додека ја обезбедуваа победата на коалициониот партнер.
И за коалицирање треба да се има капацитет
ДУИ одамна го има изгубено компасот за коалициски договори и тоа се покажа во минато, кај претседателските избори, на пример или кај повторените избори за други позиции – ДУИ гласа само за себе, иако и во неговите перспективи не е се’ така розево.
Нивниот главен политички ривал, владејачката коалиција ВЛЕН, според првичните неофицијални податоци на Државната изборна комисија, има освоено околу 92 000 гласа за листите за советници. Засега не се забележа гласното „благодарам“ за оние кои им помогнаа во Струга, на пример, во Tетово и да не говориме. Дали ВЛЕН ќе има волја да ја врати услугата? Ете Георгиевски во понеделникот отишол на „баци рака“ кај Изет Меџити. Да не се бламира неговиот партиски шеф, па изборот на градоначалник на Скопје се симнува на некаква персонална молба за гласови!
Политичката партија Левица, пак, ја добила поддршката на околу 58 000 гласачи. Тоа не значи декаимаме бројка со која се покрива фалењето на лидерот Апасиев, кој се прогласува за втора политичка сила. Или најголема опозициона!? Неговиот прес вечерта по изборите беше одложуван, одложуван, па некои медиуми се откажаа од чекањето. Му требаше на условно левичарот да ја најде „формулата“ со која ќе се пофали, па избра да истакнува дека ја престигнал СДСМ. Бројките тоа не го покажуваат, тој не освои ниту еден „трофеј“ а за евентуалниот триумф во трката за столче во кабинетска просторија на Градското собрание на Скопје ќе му требаат импровизирани коалициони партнери. Првата вечер тој ја прокоцка таа шанса, што одново докажува дека пред себе немаме искуство, туку само коцкарск ризик.
Владејачката ЗНАМ ги добила гласовите на околу 39 000 гласачи, што покаува дека кумановецот Максим Димитриевски лошо играше – даде министерско место а не го доби градоначалничкото место во Куманово од прва, изостана поддршката од партнерот ВМРО ДПМНЕ (!) во очекуван обем а неговиот пулен во трката за скопски Центар – Лабудовиќ прилично потфрли и нема големи шанси во вториот круг. Мицкоски ќе си го земе министерското место во Правда.
Што дава Интегра – идеологија или само пари?
Една друга коалиција ГРОМ – ЛДП, со нејасната појава на партијата Интегра во тоа друштво, просто добивме една кармакашија од идеолошки аспект, собра околу 13 000 гласови. Рециклираните политичари во неа, како Пенов, влегоа во Градско собранија и ветија гласност. Стевче Јакимовски исклучиво зависи од своите противници и тој тоа го знаеше – за разлика од Апасиев тој на културен начин побара помош од сите опозициони партии во вториот круг. Тој не е ковкар туку искусен политичр!
Подолу се податоци добиени врз основа на обработени 3 471 избирачко место, од вкупно 3 474 или во проценти – 99,91 осто.
Според податоците на ДИК, објавени на нивната веб-страница, ажурирани во понеделникот во 9:20 часот, на неделните локални избори за советници гласале 883 937 граѓани. Бројот на важечки гласачки ливчиња, како што може да се види од овие податоци, е 833 984, додека неважечки се 49 957 ливчиња.
Излезеноста е 48,29 отсто, врз основа на бројот на обработени избирачи кои гласале. Ова е најниска историска излезност во досегашните одржан и локални избори! Право на глас имаа 1 832 415 граѓани запишани во Избирачкиот список. Тоа е прашање кое никој не го одговара – колку жители толку гласдачи! Огромен ревир на незаконитости и фалсификати.
На локалните избори, во прв круг беа избрани градоначалници во 44 општини, додека во 33 ќе се гласа во втор круг. Во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.
ДИК е овластен да јави
Според податоците на Државната изборна комисија, градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Гостивар, Липково, Пласница, Чашка
Општините каде ќе се гласа во втор круг се Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани, Град Скопје
Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, Врапчиште, Центар Жупа и Гостивар!
Општа констатација е дека за успехот или неуспехот на едни локални избори треба да се смета бројот на освоените гласови на листите за советници, затоа што таму се јасните партиски претставници, додека кандидатите за градоначалници може да привлечат различни структури гласачи.
(Р.Г.)