Премиерот Ковачевски на пратениците им порача дека станува збор за борба со силата на аргументите против оние кои сакаат статус-кво и не сакаат промени
Ако за влезот на земјава во НАТО фалеа осум гласови во Парламентот, па при гласање за Резолуцијата за влез во Алијансата немаше гласови против (!), само што Мицковски не аплаудираше „од принцип“, на петочното гласање за уставните измени со кои треба да продолжат преговорите на земјава за влез во ЕУ недостасуваат засега шест гласови. Дали на крајот на процедурата околу нашите евроатлански интеграции како глобално усвоен концепт само Мицковски ќе остане со „пишман лице“?
И да појасниме за малкумината што не знаат дека Собранието на РСМ со 74 гласа „за“ го усвои дневниот ред на 123. седница, на која единствена точка беше Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет други етнички заедници во преамбулата на Уставот.
Пред пратениците се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот им порача на пратениците дека уставните измени се процес во кој ништо не губиме, а можеме да добиеме европска иднина за нашата земја.
Ковачевски во својот говор спомена дека веќе 30 години има експерти, професори и бизнисмени кои работат на правење поделби и страв во нашето општество.
Премиерот Димитар Ковачевски на пратениците им порача дека станува збор за борба со силата на аргументите против оние кои сакаат статус-кво и не сакаат промени, и се заинтересирани да останеме енклава за да се спасат од старите криминали и да направат нови.
Со гласањето за уставните измени, Ковачевски рече дека на потег е Собранието и индивидуалната свест и одговорност на пратениците. Со гласањето „за“ уставни измени, сите може да бидеме победници, додека со гласањето „против“ сите ќе бидеме губитници.
Тој побара од опозицијата да не го злоупотребува гласањето за уставните измени, бидејќи станува збор за прашање кое не е и не смее да биде, гласање за избори, бидејќи избори ќе има следната година. Ковачевски апелираше на разум до пратениците.
„Што ѝ да направите, одговорност ќе имате“, им порача Ковачевски на пратениците.
Ковачевски рече дека денес е денот кога ќе стане јасно кој сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните, односно кој ќе се заложи државата да оди напред, а кој ќе бега од одговорност.
Инаку, по обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, започнаа со свое обраќање и пратеници од власта и од опозицијата. Со објави на Фејсбук, уште утрово одредени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се изјаснуваа поединечно против гласање за уставните измени.
Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Бојан Стојановски по гласањето на дневниот ред на денешната седница на Фејсбук напиша дека сите 44 пратеници од неговата партија гласале против дневниот ред на собраниската седница. Тој порача дека немало да има промена на Уставот под бугарски диктат.
Собраниската седница продолжи денеска со претрес по предлогот за уставните измени, при што расправата може да трае најмногу десет дена. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието треба да ја донесе со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласови. Расправата за уставните измени може да трае до 31 август, но собранискиот спикер Талат Џафери најави дека седницата би можела да се одложи додека не се создадат услови за гласање, а очекувањата на власта се дека двотретинско мнозинство ќе се обезбеди до крајот на мандатот на оваа влада.
Пратеничката Гордана Давкова Силјановска се обиде во дискусијата да внесе некаков академски тон. Далу успеа во тоа?
„Денеска ќе ги презентирам ставовите на пратеничката група, кои се ставови не само на партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку и на Социјалистичката партија, Демократската партија на Србите, но се разбира јас нема да ја заборавам мојата професионална локација и ќе ги презентирам и моите лични ставови низ призма на националното уставно право, компоративното уставно право, но и европското право“, истакна таа..
Силјановска Давкова се осврна на амандманот 35 со зборови дека Републиката ќе го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави. „Но, обратното последниве триесет години и се случува на Македонија. И ова јас го нарекувам уставен садомазохизам“, нагласи пратеничката. „Моето основно прашање денеска е што би рекол господинот Бадентер, некогашниот претседател на ЕК која ги оценуваше Уставите вклучувајќи го и македонскиот, кога препорача веднаш да усвоиме еден амандман на Уставот во кој ќе напишеме дека немаме територијални претензии кон соседите и да го смениме знамето и дека портите на Европската заедница за нас ќе бидат отворени. И така како во 101 приказна“, рече Силјановска Давкова.
„Рацете ги искршија пратениците различни во овој парламент менувајќи го уставот, и ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор ние денеска ќе претседававме со ЕУ, ама се уште не е така“, рече Силјановска Давкова.
„Лажна е тезата за дилемата за запад или исток, дилемата е дали Македонија ќе биде се’ што имаме или се’ што немаме, дали ќе бидеме пристојна мала држава или ќе бидеме протекторат. Никогаш и никаде преамбулата не била гаранција или место за промоција на етнички идентитети, туку е филозофијата на Уставот. Устав не се менува во последна година од мандат. Сега од еден ренесансен министер слушаме дека процесот можел да заврши до крајот на мандатот, до последниот пратенички крик. Прашањето е од кого ни извира легитимитетот, од ЕУ или од граѓаните? Што велат граѓаните? Каде е мандатот за оваа измена? Член 2 став 2 од Уставот вели дека суверенитет извира и им припаѓа на граѓаните. Треба ли да ги прашаме граѓаните“, прашува Силјановска Давкова.
Говорничката се обиде да „открадне“ уште време од дозволеното, но претседателот на Собранието тоа не и го дозволи. На нејзиниот говор во јавноста реагираше Тито Беличанец. „Колешката, бидејќи, немаше издржани правни аргументи да го одбрани негативниот став за прифаќањето на уставните измени од страна на нејзиното ВМРО ДПМНЕ во излагањето вон контекст се повикуваше на научни мислења и одредби од меѓународни договори, но не и на правните акти на ЕУ.
Од многуте конфузни ставови од нејзиното излагање ќе се задржам на четири.
Првиот:
„Патот кон ЕУ не одел преку Брисел туку преку Софија”.???
Кога Македонија поднесуваше барање за членство во ЕУ знаеше дека патот оди преку Брисел и со согласност на сите членки. И дека согласноста се постигнува со тешки преговори меѓу членките во кои требаше да се совлада бугарскиот национален нихилизам кон македонска нација и јазик.
Вториот
„Не била преговарачката рамка основ за влез во ЕУ туку член 8 од Лисабонскиот договор и други бројни меѓународни договори кои предвидуваат реципроцитет и гарантирање на малцинските права”???
Се разбира бесмислена воопштена изјава да создаде магла. Притоа не наведува еден правен и научен аргумент. ЕУ има свои правни правила врз кои е основана и фунционира а пред се консесуалниот начин на донесувањето на одлуките за прием на нови членови.
Третиот:
„Преговарачката рамка не е политичко тенгало кое може да се препреговара меѓу кандидатот за член во ЕУ и ЕУ”.???
Општо познато е дека условите за влез во ЕУ и почеток на преговори ги утврдуваат консесуално членовите на ЕУ и условитев не се предмет на преговори меѓу кандидатот за член во ЕУ и ЕУ. Усвоената преговарачка рамка не може да се менува без согласност на сите членки на ЕУ, во случајот и Бугарија. Принципот е „земи или одрави”. Отаму ако овој предлог биде одбиен од Собранието на Македонија се почнува со нова процедура за која не се знаат условите и времето кога ќе биде покрената. А да не зборуваме кога консесуално ќе биде усвоена.
Четвртиот:
„Преговарачката рамка ја усвојуваат граѓаните на референдум” ???
Според Уставот преговарачката рамка за влез во ЕУ ја усвојува Владата, а условите под кои ќе се водат преговорите ги утврдува Собранието со мнозинство пратеници од вкупниот број на пратениците. Како што беше случај со Македонија.
Додека одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави, како што е одлуката за влез на Македонија во ЕУ, по успешно завршените преговори, согласно став 3 од член 120, од Уставот се смета за усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.
Накусо, научно и политичко фијаско!
(Љ.К.)