И во Тирана и во Приштина покажаа дека не сакаат заради Груби да добиваат мавтање со прстот од своите партнери, посебно од САД каде Груби е на црната листа. Кај владините партии постојат некакви пазарџиски интереси а во Мала Речица можат да ликуваат – никој не може сега да им порекне дека се борат за своите политичари. Им ги враќаат на тацна!

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Тврдењето на екс-амбасадорката Агелер дека ниту еден од оние кои направиле криминал за кој дошле на американската црна листа во Македонија не е осуден се повторува. Се дале и огромни пари за унапредување на правосудните механизми и – ништо од тоа. Последниот кој се најде на таа листа мислам е токму Артан Груби кој побегна од земјава на така комичен начин што зборот побегна едноставно е идиотски и тоа преку преминот Блаце кој речиси и не е премин?!
И сега две земји во кои се најде или се претпоставуваа дека се неговата нова адреса – Албанија и Косово со Груби добија „жежок компир“. Ако нашите политичари, пред се неговата матична партија (!) која на секој собир го вее и американското знаме немаат скрупули кога ја иритираат земјата на кое и припаѓа знамето, земјите на бегството си добија проблем. Ако е вистина дека Груби побегнал прво во Тирана, што беше логично заради односите меѓу премиерот на оваа земја и неговата партија, сепак мораше да смета дека Рама не сака по никоја цена да го иритира Вашнгтон, па ниту ЕУ, без оглед на папочните врски со Мала Речица. Оттаму и промента на адресата на Груби – преминот во Приштина и велат засиленото маскирање од негова страна, не држеше долго вода!
Па некој влијателен од Косово на нашите медиуми им фрлаше доказчиња дека Грубие е во главниот град на северозападниот ни сосед. Ова беше пледоаје во неговото испорачување кое дојде во интересни меѓународни околности.
Претседателката на Косово Вјолца во Давос се најде во прегратките на Трамп и без авансот од една милијарда долари за да стане член на неговиот нов Клуб (алијас нов ОН) и така постигна двоен ефект – од моментален опонент на западните земји заради неспроведувањето на меѓународните обврски за српското население на Косово таа стана миленичка на најсилната алка во и онака олабавениот западен сојуз. И потоа, по малку му ја тргна чергата на својот ривал во албанскиот свет – Рама, кој како отсутен во Давос се одлучи место да даде да прими милијарди долари од зетот на Трамп Кушнер за неговиот проект на Јонското море! Интересни прескакулици, но Вјолца и другите околу неа во Приштина за секој случај го пуштија низ вода Груби на граница со Македонија. Како додатен доказ за лојалност кон црнарта листа на Вашингтон.
При тоа тие го помагнаа својот партнер во земјава – Влен, каков и да е тамошниот променлив моментен состав, бидејќи, враќањето на Груби и меѓу вмроовското членство отвора јадови зошто нивниот омилен непријател (Груби) сега е заштитен од кариките на моќ на Мицковски, кој го пушти поранешниот бегалец во домашен притвор (а од таму Мицковски знае како се бега – Мијалков, Груевски). Па во овој момент може Груби да јаде и кебапи во „Тетекс“ во Чаршија.
Шахвската игра на лидерот на ВМРО ДПМНЕ е таква што тој сепак остава да се мисли дека си прави скриени контакти со Али Ахмети зад грбот на владиниот коалиционен партнер, користејќи ги нивните внатрешни кавги а веројатно и изнервиран од однесувањето на тетовскиот градоналник кој епте ги затегнува струните на своето самоволие кое се потешко, како лоши кнедли, стојат во грлото на премиерот. Вака, Мицковски дава на знаење дека не мисли да пие лекови за смирување на нервите.
Вистинскиот добитник е ДУИ, која во очите на сонародниците демонстрира моќ и кога не е на власт и помалку или повеќе сите други партии од владината коалиција губат кај своето членство.
Јасно гланиот цех го плаќа правосудството а посебно – чувството за првда кај населението. Но тоа и онака има помнење на риба. Секунди се во прашање.




