Јован Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот. Своите дела освен во Скопје ги претставувал во центри како Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и во други градови
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Вода/Ѕид“ е насловена ретроспективна изложба на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници Јован Шумковски што од 17 декември и се до 28 февруари 2021 година се одржува во Музеј на современата уметност – Скопје.
Музеј на современа уметност – Скопје, пандемиската 2020 ја остава во минатото и во новото лето влегува со проект кој несомнено и доликува на една таква стожерна институција на главноградската и уште повеќе македонската култура. Со ретроспективната изложба на ценетиот уметник Јован Шумковски, насловена како „Вода/Ѕид“. Со промислен и значаен проект чиј куратор е Зоран Петровски, а зад кој со својот габарит разбирливо стои Министерството за култура.
И, на самиот почеток она основното – поставката го прикажува делото на Шумковски кој се смета еден од знаменитите и влијателни македонски ликовни творци чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.
Роден 1962 година, Јован Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот. Своите дела освен во Скопје ги претставувал во центри како Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и во други градови. Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествувал и на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти, а од 2002 година е редовен професор е на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Инаку, како што ќе биде забележано во текстот за изложбата на кураторот Петровски, сликар по вокација Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.
Изложбата Вода/Ѕид, поставена во две галерии на Музејот на современата уметност ја опфаќа токму таа развојна нишка во креирањето на идеите и темите во творештвото на оваа маркантна личност во современата уметност во Македонија. Осмислена од самиот Шумковски, концепцијата на поставката, меѓутоа, не е претставена како линеарна хронологија на тој развој, туку е повеќе еден вид наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините.
Петровски и со дополна дека Првата галерија ги спојува, од една страна, раните дела од средината на 1980-те години, во кои Шумковски ги напушта модернистичките принципи на придржување на спецификите и автономноста на ликовните медиуми со серија извонредно инвентивни асемблажи и објекти од дрвени отпадоци и мебел, приближувајќи се до скулптурата и архитектуралноста, и од друга страна, поновиот циклус бриколажни инсталации, објекти, макети и видеа („Р = 1:2/Р=1:200“ настанати во период меѓу 2004 и 2017 година) во кои критички го преиспитува просторот како социјална сфера и утописките аспирации на модерната архитектура.
Понатаму во својата анализа тој и со експликација: Инсталацијата како уметничка форма што ги соединува и опросторува различните ликовни медиуми е еден од најзначајните придонеси на творештвото на Шумковски во поновата македонска уметност и тоа особено се однесува на монументалните и импресивни амбиентални проекти како споменатиот „Р = 1:2/ Р= 1:200“ (2004), “Над површината“ (1997), и “Ноќни визии“ (2000). Како единствени и неповторливи настани, некои од овие инсталации ќе бидат претставени само делумно со видео и фотографии, но пред сѐ и како дел од современите постапки на т.н. re-enactment, што значи, не како повторување или реставрација, туку како пресоздавање, односно нивна ре-инвенција во поинаков контекст. Ова пресоздавање на своите постари инсталации, тој го реализира преку натрупување или со акумулација на објектите употребени во нивното тогашно создавање (дрвени отпадоци, архитектонски макети, полиестерски и епоксидни плочи..), ставајќи го на тој начин акцентот на конкретните физички, но и на симболичните својства на акумулацијата како процес на создавање, креација и истовремено нејзиното ентрописко, хаотично и анархично разлагање.
Со воведувањето на сјајните, рефлексни и транспарентни синтетички материјали – лиени плочи од епоксидна или полиестерска смола – во делото на Шумковски од средината на 1990-те години се повеќе се појавуваат затеменети простори со мултиплицирани светлосни рефлексии, огледални одрази и ехо на дисторзирани, разлеани, некаде нестварни, некаде вознемирувачки слики и претстави што наликуваат на некаков дистопичен, пост-историски амбиент (серијата инсталации и дела “Над површината“ од 1997. и “Ноќни визии“ од 2000.). Во наративниот поттекст на овие дела, што се поставени во втората галерија на МСУ и уште повеќе и подиректно во продукцијата од 2000-те до денес, Шумковски ги отсликува губењето на вредностите и контрадикциите на светот во глобалната, пост-идеолошка ера што се создава по падот на железната завеса, суровите војни во Југославија и посебно траумите на вечно транзициската состојба на македонското општество („Платно што никој не го слика“, „Дрес што никој не го носи“, 2010 и „Икони на кои никој не се моли“, 2015). Бритката иронија и црн хумор во „Три антиципации“ (2006), архитектонски макети за зданија за идни големи интернационални манифестации во Скопје, како и сатиричната макета и видео за македонската вселенска програма на месечината во „Четвртата антиципација“ (2008), доволно јасно говорат за критичката острица со која Шумковски ги конфронтира утописките очекувања за подобра иднина со безнадежната травестија на политичката реалност.
уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во творештвото на Јован Шумковски.
А, кон ова уште и информацијата. Сите оние што би сакале да ја видат оваа несекојдневна изложба на Јован Шумковски ги потсетуваме дека Музејот на современа уметност за посетители е отворен секој ден од 10 до 20 часот секој ден освен во понеделник, а во недела работи само до 13 часот.
Поставката, како и сите што ги организираше МСУ во оваа 2020 година се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.