Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПРАВАТА И ЕКОНОМСКА ИЗДРЖЛИВОСТ НА ПЕНЗИСКИТЕ УСОГЛСАСУВАЊА И ПОЛИТИЧКИТЕ ИНТЕРВЕНЦИИ

August 19, 2025 Filed Under: Фељтон

Извадок од фељтонот на Јадранка Мршиќ, експерт за пензиското осигурување што излегува во порталот pari.som.mk , каде можете да го следите во повеќе продолженија

КОНФЛИКТИ МЕЃУ ПЕНЗИОНЕРИТЕ Еден од енсаканите ефекти на популизмот на владата со пензиите е раслојувањето на пензионерите на различни групи на интереси

ЈАДРАНКА МРШИЌ

Пензијата не е подарок од државата – таа е право што пензионерот веќе го платил однапред со децении работа и придонеси. Каде завршува законот и каде почнува политиката

Македонскиот пензиски систем во изминатите две години се соочува со сериозни предизвици, кои произлегуваат од суспензијата на законски утврдениот модел на усогласување на пензиите („швајцарска формула“) и воведувањето на линеарно зголемување без соодветна правна и економска основа. Овие промени отвораат прашања за правната заштита на стекнатите права, одржливоста на пензискиот фонд и етичките аспекти на политичкото користење на пензиските политики.

Пензискиот систем е темелна компонента на социјалната заштита и претставува механизам за обезбедување на економска сигурност во старост, инвалидност или семејна загуба. Неговото функционирање се темели на принципите на придонесност, правичност и одржливост. Секоја интервенција во моделот на усогласување на пензиите мора да биде во согласност со законската рамка и да се темели на економски показатели, со цел да се зачува довербата на осигурениците и стабилноста на системот.

Законска рамка и швајцарската формула

Член 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување ја утврдува т.н. швајцарска формула како механизам за редовно усогласување на пензиите врз основа на растот на просечната плата и инфлацијата. Овој модел има за цел да ја задржи куповната моќ на пензионерите и е правно стекнато право, а не дискрециона мерка на извршната власт.

Од законска перспектива, суспендирањето на швајцарската формула без јасна и аргументирана правна основа може да се толкува како повреда на начелото на владеење на правото и правната сигурност. Законите за пензиско осигурување обично ја содржат формулата за индексација токму за да се обезбеди предвидливост и стабилност на примањата, а дискреционите интервенции го поткопуваат тој механизам. Во уставен контекст, тоа може да отвори прашања поврзани со еднаквоста пред законот и правото на сопственост (како што пензијата е призната во судската практика како стекнато имотно право), особено ако се докаже дека одредена група е неоправдано оштетена.

Каде завршува законот и каде почнува политиката

Суспендирањето на примената на формулата во 2024 година, продолжено и во 2025 година претставува преседан со потенцијални уставно-правни импликации, затоа што принципот на стекнати права и правната сигурност се клучни; меѓународни стандарди (ILO C102, European Social Charter) поддржуваат предвидливи и адекватни пензии.

Линеарно зголемување: Политички, економски и етички импликации

Линеарното зголемување подразбира доделување на ист износ на сите пензионери, независно од висината на нивната пензија и од уплатените придонеси во текот на работниот век. Иако оваа мерка може привремено да ги зголеми приходите на пензионерите со најниски примања, таа предизвикува:

Негативни економски последици:

Нарушување на придонесниот принцип

– Линеарното зголемување значи дека сите пензии растат за ист апсолутен износ, без разлика на уплатените придонеси и заработените години, што ја нарушува врската „придонес – примена корист“.

Долгорочен финансиски товар врз пензискиот фонд

– Ако се зголемат пензиите без усогласување со растот на придонесите (од плати и вработеност), системот станува фискално неодржлив.

Ерозија на реалната вредност на повисоките пензии

– Пензиите на оние што вложиле повеќе придонеси реално се намалуваат во однос на трошоците за живот.

Поттик за „морален хазард“

– Кога се испраќа порака дека вложувањето поголеми придонеси не носи пропорционална награда, се демотивира формалната работа и уплата на целосни придонеси.

А се предизвикуваат и политички последици:

Популистички ефект

– Линеарните зголемувања се користат како политички потег за добивање поддршка пред избори, без системска проценка на последиците.

Нарушување на довербата во институциите

– Кога законскиот механизам (членот за индексација) се суспендира, се создава впечаток дека правата се „релативни“ и зависат од политичка волја, наместо од предвидливи правила.

Конфликти меѓу пензионерските групи

– Пензионерите со повисоки придонеси чувствуваат неправда и дискриминација, што може да доведе до поделеност и судски тужби.

Преседан за идни суспензии на права

– Откако еднаш ќе се прекине законски утврдена индексација, станува полесно тоа да се повтори.

И етички последици:

Повреда на принципот на правичност (equity)

– Во пензискиот систем, правичноста подразбира дека придонесот и наградата се пропорционални. Линеарното зголемување ја урива таа пропорционалност.

Дискриминација на оние што повеќе работеле и плаќале

– Долгогодишните придонесувачи со повисоки пензии се казнети со фактичко намалување на реалната вредност на нивниот доход.

Манипулација со ранливи групи

– Наместо трајни системски решенија, ваквите мерки често служат за краткорочно политичко влијание врз најсиромашните.

Ерозија на социјалниот договор

– Пензискиот систем се базира на меѓугенерациска солидарност; кога едната страна се чувствува изневерена, довербата се губи.

Тоа значи отстапување од принципот на правичност меѓу генерациите и пензионерите, бидејќи се нарушува врската меѓу уплатените придонеси и очекуваните придобивки.

Кумулативна споредба на ефектите од законското (швајцарска) формула  и линеарното зголемување 2024 до 2026 година.

Filed Under: Фељтон

БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ
СОРЕНТИНО И СТРУГАР МИТЕВСКА ЈА ОТВОРААТ ФИЛМСКАТА СМОТРА ВО ВЕНЕЦИЈА: БУНТОВНИОТ ПАНК-РОК ДУХ И ЖЕНСКИОТ СВЕТОГЛЕД НА МАЈКА ТЕРЕЗА ВО ФИЛМОТ „МАЈКА“
ПРЕДИЗБОРНИ „ПОТЕМКИНОВИ СЕЛА“ НА ВЛАСТА ИЛИ ВИСТИНСКА НАМЕРА ДА СЕ ПРАВАТ ШТЕТИ НА ДРЖАВАТА?

Најново

  • БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
  • МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
  • АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet