Откако стана од некој кој само изразува симпатии за автократите до некој што се кандидира како отворено фашистички кандидат на изборите во 2024 година, Трамп сега претставува јасна и непосредна опасност за демократските влади ширум светот
Американските сојузници згрозени од нефункционалноста на демократијата во САД би можеле да здивнат по обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп, кој е обвинет од големата порота во Њујорк за злосторства поврзани со плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, во замена за нејзин молк за наводната афера што ја имала со него.
Друга (иако помалку забележлива) победа за владеењето на правото беше постигната на крајот на март кога судот во округот Колумбија ја потврди одлуката со која се одобрува екстрадицијата на поранешниот перуански претседател Алехандро Толедо, кој беше уапсен пред четири години и обвинет за перење пари и корупција во скандал чиј центар е бразилската градежна компанија Одебрехт. Без оглед на тоа како ќе завршат овие случаи, фактот дека двајца поранешни лидери ќе бидат изведени пред лицето на правдата треба да ја врати довербата во посветеноста на Америка за одбрана на демократијата, дома и во странство.
Демократските сојузници како Франција, Тајван и Јужна Кореја, се разбира, веќе им судеа, па дури и ги осудија поранешните шефови на држави. Но, без оглед на тоа, обвинението против Трамп – првото што било покренато против поранешен или сегашен претседател на САД – претставува пресуден момент: ниту еден окружен обвинител или голема порота никогаш не би обвинила поранешен претседател за ништо помалку од кривично дело.
Некои, особено Трамп и неговите поддржувачи, го минимизираа случајот. Но, тоа не стои. Трамп е веројатно (текстот е напишан пред содржината на обвинението да излезе во јавност минатата недела, уред.) обвинет за кршење на регулативите за финансирање на кампањата и други форми на измама, како што беше неговиот долгогодишен „средувач“ и адвокат Мајкл Коен, кој се изјасни виновен во август 2018 година за организирање на исплатата на Даниелс и за тоа беше осуден на три години затвор (од кои повеќето ги помина во домашен притвор). Со оглед на тоа што обвинението е покренато во државата Њујорк, Трамп не може да смета на фактот дека иден претседател ќе го аболицира, а уште помалку дека ќе може сам да го стори тоа во случај повторно да победи на изборите. Плус, бидејќи случајот веројатно ќе вклучи барем уште една незаконска исплата, тоа на поранешната „зајачица“ на Плејбој, Карен Мекдугал, веројатно нема да му помогне да го врати женскиот глас, кој гласаше против него со 15 отсто мнозинство на изборите во 2020 година. .
Како и САД, Перу работи на тоа да ги повика високите политички фигури одговорни за нивните постапки. Во неделата кога Трамп беше обвинет и постапката за екстрадиција на Толедо беше завршена, перуанските обвинители објавија дека ги истражуваат и сегашниот претседател Дина Болуарте и поранешниот шеф на државата Педро Кастиљо – исто така за кршење на регулативите за финансирање на кампањата за време на претседателските во 2021 година. Секој од шесте перуански претседатели од 1990 година или е во затвор, во моментов е во затвор или се соочува со можност да биде таму.
Пред да се отстранат пречките за неговата екстрадиција, многу Перуанци направија погрешна претпоставка дека САД ќе го заштитат Толедо, некогашен визитинг предавач на Универзитетот Стенфорд – неговиот алма матер – кој внимателно го изгради својот статус на демократска икона. (Оттогаш Стенфорд ги прекина сите врски со Толедо, иако е можно некои од професорите таму да продолжат да го поддржуваат). Слично на тоа, многу Американци веруваа дека никогаш нема да биде покренато обвинение против Трамп, а сè уште се сомневаат дека ќе следат други по ова.
Во двата случаи, од суштинско значење беше правичната примена на законот. Иако потеклото, ликовите и партиските идентитети на борбениот Трамп и помалку конфронтираниот Толедо не може да бидат поразлични, и двајцата прибегнаа кон слични тактики за да избегнат кривично гонење. И двајцата тврдеа дека биле жртви на политички мотивиран „лов на вештерки“ и дека правосудниот систем на нивните земји се користи како оружје против нив. Поддржувачите на Трамп тврдат дека обвинението против него покажува дека САД се претвориле во „банана република“, додека Толедо тврди дека Перу повеќе не може да се смета за политички систем заснован на слободни избори.
И двајцата покажаа неверојатна дрскост во нивните напори да избегнат појавување на суд. Толедо еднаш тврдеше дека неговото наводно незаконски стекнато богатство потекнува од парите што еден постар еврејски роднина на неговата сопруга ги добил од репарациите исплатени на жртвите на холокаустот (се чини дека во меѓувреме се откажал од тоа барање). И во одделен случај што го води окружниот обвинител во Њујорк во истрагата за измама во која се вклучени Трамп и неговата компанија, адвокатите на Трамп неодамна побараа од судијата да го одложи судењето закажано за октомври, бидејќ,и им треба повеќе време за да ги разгледаат обемните документи што ги има обвинителството (барањето е одбиено).
Но, тука завршуваат сличностите. Додека минатото на Толедо како шампион на перуанската демократија додава слој на величественост на неговото наследство, Трамп отсекогаш бил невообичаено опасна фигура. Откако стана од некој кој само изразува симпатии за автократите до некој што се кандидира за претседател во 2024 година како отворено фашистички кандидат, Трамп сега претставува јасна и непосредна опасност за демократските влади ширум светот. И покрај неговата екстремна реторика и промовирање политичко насилство, некои од неговите противници сè уште имаат тенденција да го напаѓаат како кловн-измамник, неук и глупав, фокусирајќи се на стилот, а не на суштината на пораката што ја испраќа Трамп.
Фашистичкиот прирачник наложува заплашување на противниците кога се чини дека моќта на лидерот може да биде предизвикана. Импичментот против Трамп веројатно ќе предизвика уште повеќе лаги и незауздани закани. Освен што се пофали дека никој ништо не му може, Трамп низ историјата ги прифаќа и проверените модели на фашистичка реторика. Тој ги нарекува оние што го предизвикуваат „непријатели на државата“, емитува кодирани антисемитски пораки (лажно тврдејќи дека окружниот обвинител на Њујорк Алвин Брег бил „лично избран и платен од Џорџ Сорос“), користи шокантна расистичка реторика (Браг, првиот афроамерикански окружен обвинител во Менхетен, наречен е „животно“) и ги прогласува неговите противници како „болни“.
Американската демократија е во смртна опасност, зголемена со домашниот екстремизам, ширењето на теории на заговор и говорот на омраза. Републиканската партија се повеќе се свртува кон белиот национализам, а секој петти републиканец – како и 13 проценти од демократите – веруваат дека политичкото насилство „денес“ е оправдано. Но, обвиненијата против Трамп може еден ден да бидат запаметени како пресвртница. На крајот на краиштата, како што покажуваат судските предизвици со кои се соочуваат поранешните претседатели во Перу и во САД, она што ги одделува демократиите од автократиите е нивната способност да го поддржуваат владеењето на правото и да ги изведат моќните пред лицето на правдата.
(Авторката е професор емеритус и бивша директорка на Центарт за латиноамерички студии при Универзитет Стенфорд).