ЉУБОМИР ФРЧКОСКИ
Неуспехот да се донесе правда во Македонија ќе ја оживее вмровштината во нејзината злобна суштина.
Што е тука направено и што треба да се направи?
Pостојат две линии на развој на политиката од ден „зеро“ ако го означиме денот на симболичната катарза на владините редови после реконструкцијата. Таа пак доаѓа после период на општа воздржаност и благонаклоност кон владините напори и лични на Заев за решавање на некои навистина гигантски, клучни проблеми на надворешно-политички план кои ја држеа земјава закована на дното. Овој период ја изложи партиската машина на СДСМ на притисокот на власта и таа крцкаше по сите шевови, некои дизни избија со пискот „од Галичник до Река“ на корупција и некомпетентност, што во новоразбудената демократска јавност ѕвонко се коментираше и протестираше. Но сето тоа беше под благонаклона сенка на деридијанската надеж: сега прво ова да се реши па потоа ќе запнеме „дома“, надежта за демократијата и правдата во надоаѓање.
Но, сега на тој период му доаѓа крајот. Крај полн со ѕемнење и подривачка сомнеж дали ќе успееме земјата да ја измениме демократски и низ владеење на правото преку линијата, отаде можноста за повраток на смрдливиот вмровски џган?
Велам две линии, два „путељка“ водат низ шумата пред нас: едната ќе ја разберат во владата Заев, Анѓушев и компанија, таа е содржана во повикот: Господа, треба да донесете пари во државава! Некако не се сомневам дека економјата ќе ја поткренат и пари ќе достасаат посебно во средниот и мал бизнис и ќе се почуствува тоа. Но тоа, за жал, е полесниот дел од приказната.
Вториот, за кој имам подривачка сомнеж дека го разбираат колку е важен, неопходен за конечна деституција, разорување на неправдата со која нè владееја дпмновците десетина години, но не само тоа, туку дефинитивно поткачување на Македонија на демократската скала е чувството дека во оваа држава може да се досегне правдата, дека таа почива на вредностите на праведноста, дека неправдите не се забораваат и дека процедурите на правосуднот систем служат за достигање на правдата. Но, најважно од се’ е постоење на политичка волја, разбирање тој пат да се оди. А тој пат ако не се изоди, неправдите ќе се повторат и ќе се обидат да се „оправдаат“ со несреќни епизоди кои имале „добри намери“ со партиски релативизации, ѓоа-небрежности и слични партиски перспективи на партијата која чека во опозиција да се врати. Неуспехот да се донесе правда во Македонија ќе ја оживее вмровштината во нејзината злобна суштина.
Што е тука направено и што треба да се направи?
Големата операција на донесување правда во Македонија има две нивоа: едното е легислативно или нормативно и се состои во минимален програм на донесување мала серија на клучни закони неопходни за правната реформа. Тука нешто, колку и да е споро и на некои места проблематично, сепак е направено и завршува со законот за СЈО. Помеѓу овој и делот кој следи, а кој се вика имплементација -донесување на правда во животот на општеството, стои делот на судските процеси против најголемите криминалци од претходната власт кои ја опљачкаа и упропастија земјата. Тие процеси се во основа неопходни, но стануваат сомнително спори и засенчени со процедури на корупција и блокади бидејќи судиите кои ги судат или одлучуваат во постапките по жалби почнуваат да се пазарат за своите позиции преку нив.
Сепак, потешкиот дел, имплеметацијата стои загрижувачки отворен или „нечепнат“! Посебно е проблематично отсуството на свест и волја да се исправат сторените неправди од претходниот систем преку корумпиранит судии и обвинители чии жртви денес во Македонија немаат каде и против кого да се обратат и борат.
Порано беа мотивирани, имаа пред себе вмровски монструм кој ги суди и пресудува, сега власта е нова, демократска „наша“, а повторно правдата за нив ја нема? Страдањето останува само за нив, нивната вистина и крик никој не го слуша. Како да постои некој бирократски монструм кој се вгнездил и кај „нашиве“, глув за нивното страдање, кој кочи, рационализира, ги игнорира и кој им продава приказна дека се е сега свртено кон напред кон иднината, новото општество! Нема ново општество без поправање на клучните стари неправди. Нема основа на која тоа ново општество ќе темели ако не ја донесе правдата за сите во својот темел од каде ќе почне да гради поправедна заедница. Ако ова не го разбере Заев и елитата социјалдемократска околу него (што и да се подразбира под неа), нивниот нов систем, кога ќе го сменат, ќе исчезне во некое ново партиско релативизирање. Тие ќе бидат претставени како уште едни по ред узурпатори, дека и нивната политика „била курва“ и сл. само со ново име – и сè ќе се заврти во лоша бесконечност каде моќта и пропагандата на победникот се единствената вистина.
Оваа власт МОРА ДА НАПРАВИ РАЗЛИКА и да го прекине тој можен круг на неслобода. И таа тоа треба да го стори со обнова на постапките за делата кои се монструозно конструирани од претходната власт, со кои е сторена гигантска неправда, чии жртви се наши сограѓани, тука околу нас – кои ѕунат по правда! За нив ние мора да покажеме солидарност и да ја споделиме нивната болка! Тоа е важно за нас, без тоа не можеме да градиме ништо ново врз таков скапан темел! Нашиот граѓански идентитет се гради низ соочување со лицето на жртвата – другиот меѓу нас. Наша одговорност е неговата болка, наш живот е одговор на таа болка!
И да не ве давам понатака со Емануел Левинас, драги мои, ќе ви раскажам секвенца за тоа низ каква кавкијанска процедура се гушеше таа иницијатива во првата, славна и супер кратка комисија за реформи во правосудството, во која бев член. Расправавме за неопходноста од правда во темелите на секој здрав нов почеток, формиравме Комисија за принципите на кои таа селекција и обнова на постапките ќе се одвива (таа изготви одличен материјал за темата) – кога некој од прдежите бирократи високо позициониран и ангажирани од новата власт ни коментираше дека од Брисел на увце му рекле дека со тоа тие не би се сложиле….Ма није могуче? Брисел велиш? За тоа Галичаните викаат: Ми пушта куче на муабет! Ти збориш за принципи, раѓаш мечка, се товариш со обврски, еден куп професори – тој „прди плаво“! Која будала, човече? Нормално поткована будала со став од сивата бирократија позади него ова да не мине. Партијата сака да ги „купи“ обвинителите и судиите кои би биле изложени со тие постапки како актери на не-правото и им дава милост ги блокира обновите на постапките да не пројдат, таа идеја да се угуши во корен. Па јебала вас правда да вас ј….
Таа Комисија изработи усвоен од Владата материјал за реформите во правосудството во која црно на бело, изричито стоеше став да се ПОНИШТИ законот за лустрација! Не да се укине туку поништи! Од страв жртвите да не бараат оштета и тужат абер нема од реализација на тој став?! Сигурно споменатиот „плав прдеж“ смета дека законот за Лустрација и така прекинал со постоење, што да се чепка сега? Не бре морону, етички став на власта е дека со поништувањето тој закон се претпоставува дека воопшто не постоел, се зазема став дека е неправеден и како таков ништовен. Но што да ви кажам драги мои, така аветот на лустрацијата е сè уште меѓу нас нечепнат од правдата на новите власти!
Ќе споменам само два случаи (помеѓу дваесетина клучни) на гигантски неправди кои не можат и да сакаат никого да остават мирен „гражданин во граждански сон„!
Случајот на гаснење на А1 Телевизијата и погромот на фамилијата на Велија Рамковски!
Кој е ставот на новата власт кон тој бестијален случај на прогон и погром на оваа фамилија и сиот нејзин имот во врвот на бесчестието на вмровскиот режим? Да не е можеби „Кој го е.. Торбешот и така крадеше…“? Тоа ли е скриениот став на сите нас зад овој бестијален молк на институциите кон таа судска неправда која им ја нанесоа на оваа фамилија, а на сите нас – срам и повреда? Или претерувам можеби?
Кој е ставот на новата власт кон рушењето на Космос низ страотна административна неправда и фарса и обидот да се сотре бизнисот на „друг Торбеш“ Фијат Цановски? Не драги мои, на сите ни тече низ ногавици сега. Таа неправда е кон сите нас, а новите власти имаат императивна обврска тоа течење низ ногавици, таа правда која ни протекува и прави мала локва под нашите нозе да ја оправат и исправат.
Кој е ставот на новите власти кон бројните монтировки на елиминација на противниците на режимот и новинари, со местенки низ процеси кои се јасен судски криминал. Властите мора да се одважат и да кажат дека судот и обвинителството сторило криминал, чисто и јасно како тие да убивале, краделе и сл. и за кој ќе одговаат некои лица!
Властите мораат да се одважат и покажат волја за елиминација на корумпираните судии веднаш и сега, без одлагање.
Властите мора да направат сè за компензација на жртвите на судските злодела. Тоа е етика на сочуствување, споделување на одговорност за другиот како темел, како гранична етичка ситуација за изградба на демократска и праведна држава. Тоа и Брисел и ЕУ и НАТО и кој и да е само ќе го подржи !
Љубомир Д. Фрчкоски