БЕСА АРИФИ
Еден од слоганите во овие избори е „Правда за Македонија – татковината повикува“. Каква иронија е таквото залагање за правда од кандидатка поддржана од партијата која државата ја донесе до раб на граѓанската војна, обидувајќи се пред само две години насилно да спречи мирен трансфер на властта
Ете не повторно на прагот на првиот круг на претседателските избори. Избираме претседател на држава која делува и треба да опстои пред предизвиците на дваесет и првиот век. Не избираме претседател на држава која се наоѓа во деветнаесеттиот век, кога најголемите дебати се водеа за создавањето на нациите и националните идентитети и кога се уште постоеше апсолутниот суверенитет на државите во кој никој не смееше да се меша. Уште во дваесетиот век тие тези се сменија, бидејќи се виде дека апсолутниот суверенитет на државите, а и слепото применување на законите на легалистички начин, без нивна суштинска анализа поврзана со јавниот интерес, доведе до ситуации легално, истакнувам ЛЕГАЛНО, да се истребат милиони луѓе во геноцидални процеси кои засекогаш го изменија лицето на модерната историја.
Нам ни треба претседател кој знае да се снаоѓа во дваесет и првиот век, а не претседател заглавен во застарените идеи од пред две столетија.
И да, еден од слоганите во овие избори е „Правда за Македонија – татковината повикува“. Каква иронија е таквото залагање за правда од кандидатка поддржана од партијата која државата ја донесе до раб на граѓанската војна, обидувајќи се пред само две години насилно да спречи мирен трансфер на властта. Спречувањето на мирниот транфер на власта е всушност потполно спротивно на залагањето токму на кандидатката за претседател која упорно се повикува на уставност и законитост. Уште поиронично е што професорката-кандидат за претседател, која се залага за правда за Македонија, пред две години, спречувањето на избор на нов претседател на Собрание во конститутивна седница, што е впрочем суштината на мирниот трансфер на власта, го нарече „филибастеринг“ и го спореди со низа други случаи кога се саботирало донесување на одредени закони. Како воопшто да може да се споредат ситуации на носење закони со ситуации на мирен трансфер на властта.
Иронично е „Правда за Македонија“ да биде слоган на кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ кога се знае дека токму во времето на владеењето на таа партија Македонија се карактеризираше во најрелевантните меѓународни извештаи како „заробена држава“. Цинично е да се залага за правда, партијата која повикуваше на општа амнестија за случувањата од 27 април 2017 година и чиј лидер овој процес го нарече Нирнбершки процес при што беше остро критикуван од нашите стратешки партнери кои му укажаа дека не се играат игри со такви концепти и поими. Ме интересира, дали татковината спомената во слоганот на ВМРО-ДПМНЕ го повикува и почесниот, а се уште реален лидер Никола Груевски да се врати и да носи одговорност за своите дела за кои е осуден, за да има, нели, правда за Македонија? Или тоа продолжува се уште да биде политички прогон, сличен на оној, Нирнбершкиот, а прогонетиот лидер, херој чии дела допрва ќе бидат признаени, некогаш, во далечната иднина на татковината.
Функцијата претседател на оваа држава во последните десет години, а особено за време на вториот мандат на сегашниот претседател, беше најзлоупотребената државна функција. Од скандалозните помилувања дадени во април 2016 година, преку кризата околу давањето на мандатот за формирање на новата влада во 2017 година која се заокружи со кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за кое 16 лица беа првостепено осудени, а уште дваесет други беа амнестирани, па се до противуставното одбивање да се потпишат указите за Законот за употреба на јазиците, Законот за ратификација на Договорот од Преспа и низа други закони кои го носат новото уставно име на државата, Иванов покажа на дело како се крши Уставот со две нозе и за тоа не се одговара.
Најголемата иронија од сите иронии, цинизам над сите цинизми е што овој човек ќе замине од својата функција како „примерен“ претседател и како таков, ќе продолжи до крајот на својот живот да користи претседателска пензија и други привилегии поврзани со неговата функција.
Ако навистина кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ се залага за правда во Македонија треба всушност да се залага за тоа Иванов да одговара за сите гореспоменати кршења на Уставот и законите на најдрзок можен начин. Прав легалист и човек кој вистински верува во правдата за тоа би се залагал.
Нас ни треба нормален претседател. Човек кој не се плаши ниту се срами да каже отворено дека има поддршка од сите етнички заедници. Човек кој не калкулира кога се работи за евроатлантската иднина на земјата, човек кој е подготвен да се соочи со реалноста и од тоа да извлече тоа што е најдобро за државата и за нејзините граѓани. Човек кој има храброст да излезе од менталниот склоп на деветнаесеттиот век и да не протурка сите, преку сегашноста, во иднината за која сонуваат нашите деца.