ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Пораз и неуспех на ЕУ кога е во прашање Македонија и нејзините европски аспирации, не се ништо ново. На Брисел, се чини, не му се ни зборува повеќе за тоа
Во локалните избори многумина видоа и референдум „за“ или „против“ политиките на Заев и СДСМ, но напоредно на тоа не беа ретки ни оние што оценија дека поразот и оставката на Заев е всушност и пораз на Европската Унија. Локалните проблеми и состојби во општините се далеку понеинтересни во постизборниот период, и засега остануваат фрлени како испотена крпа по беспоштедната борба на политичкиот ринг.
Пораз и неуспех на ЕУ кога е во прашање Македонија и нејзините европски аспирации, не се ништо ново. На Брисел, се чини, не му се ни зборува повеќе за тоа. И по референдумот за името, во западните медиуми беше констатирано дека референдумот во суштина можеше да се толкува и како фијаско за ЕУ, бидејќи привлечната сила на зачленувањето во Унијата очигледно не беше доволна за мнозинството Македонци да го надминат инстинктивниот отпор кон промената на името.
ЕУ веќе не е популарна во Македонија. Слабата излезност на референдумот за промена на името од околу 37 проценти беше причина тој да не биде прифатен од голем број македонски граѓани, кои во таквиот исход најдоа мотив да се дистанцираат од „северџаните“. Сега истото тоа дистанцирање, засилено со уште поголема индигнација, резултира со потпишување на изјавите на новоизбраните општински советнци со употреба на „правилното име – Република Македонија“.
Но функционирањето на македонската демократија не се прослави ни на локалните избори, без оглед кој како сака да го толкува тоа, бидејќи во вториот круг излегоа само 49 проценти од избирачите. Какви се мислењата и определбите во другата половина на бирачкото тело, очигледно не е ни важно. Еуфоријата експлодира и на социјалните мрежи, проследена со прифаќање и неигнорирање на „новата реалност“ со „административното име“ од страна на Мицкоски, потенцирајќи триумфално, за случајно да не се заборави, дека „името на мојата земја останува Македонија“.
Потпишувањето на Преспанскиот договор беше повод во европските медиуми повторно да се постави прашањето како беше можно два народа 28 години да бидат во кавга околу име на една земја, при што се чинеше дека како најпосле да созреал мигот тоа прашање конечно да биде осветлено во својата апсурдност, но и едновремено на него да се гледа како на речиси апсолвирано поглавје. Но дека таквата логика сепак стои на климави нозе, јасно покажува најновиот развој на настаните и штотуку одржаниот „референдум“ против „северџаните“ и Заев.
Врската меѓу историјата и политиката е мошне блиска. Историјата секогаш се користела како средство на моќ, во смисла на вербална вештина и знаење во политичката дебата. Се разбира, не станува збор за кратко паметење, но беше сосема јасно дека и во Македонија и во Грција прашањето за името и постигнатото компромисно решение, ќе продолжат да го делат населението на оние што се „за“ и оние што продолжуваат да се спротивставуваат. Тоа што се зборува во јавниот дискурс, и кое име се употребува и нагласува, станува начин да се покаже кој каде се позиционира и каков став држи во однос на новото име на државата.
Балканот е преплавен со примери на користење митски и историски алузии кои создаваат посакувани асоцијации кај оние што слушаат и помалку или повеќе некритички ги апсорбираат пораките. Од таа причина политичарите добиваат можност да се движат вон просторот и содржината што се смета за фактичка историја, кон тоа што функционира на рамниште на историски митови, без притоа да ја изгубат довербата на избирачите.
Но политичарите кои со својот пристап јасно покажуваат дека реалната политика веќе не е само избор, туку и обврска што ја налага светот што ги опкружува, се едновремено свесни дека историјата му дава сила на национализмот. А уште повеќе сила се црпи пред сѐ од историските митови, кои преку премногу раскажувања, идеализирања и разубавувања станале вистини.
Токму затоа повикување на историски континуитет станува важно, посебно во настојувањата да се нагласува правото на одредено географско подрачје. Митовите за потеклото, за сопствената национална големина во историјата, како и за историската траума, стануваат централни столбови во националните историографии. Но еден националистички историски мит често е означен од недостиг на временска перспектива – минатото, сегашноста и иднината се во толкава мера меѓусебно испреплетени што функционираат како неделиво единство. Настани што се случиле пред стотици и илјадници години, се потенцираат како историски факти што се толку актуелни, така што всушност се однесуваат на луѓето што живеат овде и сега. На истиот начин и иднината се доживува како референтна точка каде што се подразбира дека историјата неизбежно води кон настани во извесна предвидлива насока – можеби кон реванш или кон нови победи.
Макар и делумно, сепак не може да се заобиколи изречената вистина дека оние што не учат од историјата се осудени да ја повторуваат. Акронимот ФИРОМ, кој со децении се доживуваше како понижување и навреда на националните чувства на македонските граѓани, исчезна молскавично по етаблирањето на новото име. Грција сега повторно почна да се заканува дека ќе ја преиспита својата политика за поддршка на македонските евроинтеграции. Најмалку би било пожелно Атина повторно да посегне кон вето, мавтајќи со црвена марама пред „разулавениот“ (термин на СДСМ) македонски бик, во стеснетата корида во која се мешаат и препелетуваат „северна“ и „грчка“ Македонија.
А каде е ЕУ во сето тоа? Ако можеше триесетина години да седи на трибините и пасивно да набљудува, ќе може веројатно да го прави истото и во наредните три децении.