Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПРАВОСЛАВНОТО БРАТСТВО ИМА ГРАНИЦИ

July 17, 2018 Filed Under: Македонија

Препирки меѓу Атина и Москва поради Македонија. Ова е само еден од насловите во медиумите на германски јазик кои детално известуваат за одлуката на грчката влада за протерување на руски дипломати од Грција

АТИНА Ако е Русија против договорот со Македонија, тогаш е и против Атина!

Кога во минатата недела Хрватска играше против Русија за влез во полуфиналето на СП во фудбал, расположението во атинските кафулиња беше вакво: секаде каде се прикажуваше натпреварот, мнозинството беше на страната на православните браќа од истокот, а не со католичките Хрвати, кои згора на сѐ уште се и занепријателени со Србите, омилениот народ на Грците на Балканот. Но, изгледа дека и православното братство има граници. Тоа се покажа во средата откако атинскиот весник „Катимерини“, водечкиот сериозен весник во земјата, повикувајќи се на дипломатски извори извести дека грчката влада планира да протера двајца руски дипломати а на уште двајца да им забрани да се вратат. Причина за ова биле руските обиди сепак да го спречат можното брзо конечно решавање на ‘спорот за името“ меѓу Грција и Македонија. Москва не сака конфликтот да биде решен, зашто како последива, Грција ќе се откаже од отпорот за членството на Македонија во НАТО“, читаме во текстот на Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) насловен како „Не така, брате“, во кој детално се известува за вчерашните дипломатски тензии меѓу Грција и Русија.

ПРОМЕНА Преспанскиот договор ги сврте работите и во регионот

Тие се тема за осврти и во голем број други медиуми на германски јазик. Австриски Стандард пишува за „Препирка меѓу Атина и Москва поради Македонија“ поради одлуката на Грција за протерување на руски дипломати кои ги товари за поткупување на црковни претставници и политичари со главна цел: спречување на решавањето на спорот за името меѓу Атина и Скопје.

„Иронијата е во тоа што Грција е една од државите на ЕУ, која постојано имала добри односи со Русија. Атина во актуелните санкции против Русија придонесува неволно. Во рамките на аферата со Сергеј Скрипал и неговата ќерка, кои наводно биле отруени од руски агенти со нервниот отров Новичок, Атина одби, да протера руски дипломати“, пишува пак австрискиот весник Пресе.

НЕ Е КАКО ПОРАНО Портпаролката на руското МНР Марија Захарова залудно се труди да ја покаже невиноста на Москва во однос на балканските обиди за дестабилизација

Угледниот Франкфуртер алгемајне цајтунг и со коментар се осврнува на оваа тема. Под насловот „Фрагилна Македонија“ авторот пишува:

„Македонија е фрагилна држава. Причините за тоа лежат во внатрешните околности, посебно во тешкиот однос меѓу словенското мнозинство и албанското малцинство, Но една од најголемите пречки за надминување на овие тешкотии уште од независноста на Македонија во 1991 година е еден надворешен фактор: спорот со Грција, која не сакаше да ѝ го прифати името на земјата, зашто нејзината северна провинција веќе се нарекува така. Овој (гротескен) конфликт беше причина за постојан немир, зашто ја направи недостижна една од малкуте цели на Албанците и на мнозинството Македонци: членството во НАТО. Русија тоа го зема како појдовна точка за нејзината тактика-веќе позната од постсоветскиот простор- за вршење влијание преку дестабилизација. Тоа што спорот сега се наоѓа пред решение ја одзема основата за таквата тактика. Затоа и нѐ зачудува дека Москва се обидува да го саботира договорот- а со тоа ја врти против себе и грчката влада, која всушност не припаѓа кон ‘русофобите’, за кои Кремљ инаку смета дека делуваат во Европа“, читаме во коментарот на ФАЦ.

 

Filed Under: Македонија

ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД
ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ: НЕ ЗНАМ ЗОШТО СЕ ПЛАШИМЕ?
НОВО ОБМИСЛУВАЊЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА РАЗВОЈОТ ОД ПЕРИФЕРИЈАТА

Најново

  • ЕВРОПСКА УНИЈА ДО ЗАПАДЕН БАЛКАН – НЕМА ВЕЌЕ ПАРИ „НА ЖИМИ МАЈКА“
  • ЕВРОПА ДА СЕ ОБЕДИНИ, РЕФОРМИТЕ СЕ ТЕШКИ
  • ОБВИНЕТИ ЗА НАПАДОТ ВО БАЊСКА ВО „ЌАЦИЛЕНД“ ВО БЕЛГРАД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet