Доколку ги направиме вистинските промени и Скопје повторно го направиме планиран град во кој комфорно и здраво ќе се живее, имаме шанса да ги привлечеме младите, образовани, креативни и иновативни луѓе, не само од регионот, туку и од цела Европа

ОГНЕН МАРИНА
Благата анксиозност, која ја чувствуваме деновиве во Скопје, е сигурен знак дека се приближуваат новогодишните празници. Од необјасниви причини, како што календарски се приближуваме кон крајот на годината, така расте тензијата во градот. Најпрвин тоа се чувствува во сообраќајот, па на улиците и зголемениот број пешаци, велосипедисти и други форми на транспортна ургентност, за потоа со сигурност да се пренесе на локалите и на рестораните, на работните места и конечно во семејствата.
Мистериозноста на причината за оваа грозничава забрзаност најверојатно лежи во идејата за крајот на годината, односно крајот на еден период наречен календарска година, но можеби уште повеќе во потребата за нов почеток што нè очекува веќе зад „најлудата ноќ“.
Веројатно секој граѓанин на Скопје, заглавен во сообраќајните гужви, се потсетува на моментите, таму некаде во средината на летото, кога Скопје е престолнина на опуштеноста и еден навистина комфорен град. Таа летна релаксираност на градот е веројатно најдобриот начин да се доживее како би изгледало живеењето во град кој има соодветен просторен капацитет за комфорен живот на сите негови граѓани. Тоа значи градот да има соодветна сообраќајна, но пред сè институционална инфраструктура, која ќе им овозможи на граѓаните, без поголеми проблеми или гужви, да ги остварат своите дневни обврски. За Скопје тоа се чини како далечен сон. Но, дали е баш така?
Со реконструкцијата и изградбата на градот по земјотресот во 1963 година, Скопје започна да се развива како современ, но пред сé, планиран град. Тоа значеше дека развојот на градот беше замислен во фази кои требаше да овозможат доволно време за да се изгради потребната инфраструктура и нови објекти за да се обезбедат соодветни сервиси и комфор на живеење за сите негови граѓани. Овие фази беа поделени во неколку временски периоди.
Мастерпланот за Скопје предвидувал првата фаза да биде до 1971 година кога се предвидувало Скопје да порасне до 270.000 жители, потоа во втората фаза од 1971 до 1981 година до 350.000 жители и од 1981 година со хоризонт по 2000 година да достигне, според одредени автори, до апсурдни 4 милиони жители. Во реалноста, Скопје ги надминал овие бројки и веќе во 1971 година има речиси 390.000 жители, а во 1981 година и неверојатни 505.000 жители. Врвот во број на жители и населеноста на градот ќе биде достигнат во 1994 година кога Скопје ќе има повеќе од 545.000 жители. Со почетокот на транзицијата во деведесеттите години на 20 век и многубројните општествени и економски поместувања и промени, бројот на жители во градот ќе започне да се намалува. Денес, според пописот на население од 2021 година, Скопје има околу 526.000 жители. Тоа се само 20.000 жители повеќе од 2002 година, што не претставува дури ни природен пораст на населението. Напротив, тоа значи дека бројот на жители стагнира, односно, доколку продолжат истите демографски трендови, бројот на жители на Скопје ќе започне да се намалува. Дали тоа значи дека ќе имаме покомфорен град? Да погледнеме што тоа би значело за градот и иднината на неговите жители.
Биологот Пол Ехрих во својата книга насловена „Популациска бомба“ издадена во 1968 година, ќе напише дека човештвото толку брзо се размножува што наскоро ќе се соочи со недостиг на храна. Тој дури ја разгледува можноста за пренос на „вишокот“ население на други планети. Денес, сè уште преовладува загриженоста од експлозијата на населението во светот, но реалноста е сосем поинаква и сè поголем број експерти укажуваат токму на спротивното, односно на имплозија на бројот на население. ООН во своите проекции предвидува, доколку останат истите тенденции во демографијата, врвот на населеноста на планетарно ниво да се постигне во 2084 година кога на планетата Земја би живееле 10,3 милијарди луѓе. Но, овие предвидувања веќе се проблематизираат од страна на експертите бидејќи во најголем дел од земјите во светот стапката на наталитет драматично паѓа. Со промената на трендовите во демографијата се очекува својот врв човечката популација да го постигне многу побрзо, некаде околу 2065 година кога би имало 9,6 милијарди луѓе, а потоа да опадне на 8,9 милијарди до 2100 година. Ова намалување би имало драматичен ефект спротивен на експоненцијалниот раст на населението во изминатите два века, од 1 милијарда во 1800 година до 8 милијарди денес.
Оваа најнова појава на намалувањето на населението е резултат на повеќе фактори. Во Кина, политиката на едно дете, која беше понекогаш и насилно наметнувана, создаде ситуација денес вкупната стапка на плодност да изнесува 1,2 деца на една жена. Во Турција стапката е 1,48, а драматично опаѓа дури и во земјите од третиот свет. Слична е ситуацијата и во градовите. Во Богота стапката на плодност изнесува само 0,91 дете на една жена, што е помалку дури и од Токио, каде намалувањето и стареењето на населението е проблем со кој се соочуваат со децении. Кои се последиците од оваа состојба?
Намалувањето на населението, особено во градовите што се главните економски и политички центри ќе значи помал број луѓе што ќе создаваат нова вредност и нови производи. Тоа, исто така значи и помал број мозоци што ќе се занимаваат со иновативни решенија и развој на технологиите, општеството, културата, уметноста и сѐ тоа што го чини едно општество. Тоа значи и помала можност за специјализација и поделбата на трудот. Намалувањето на бројот на жители ќе предизвика намалување на работоспособното население што на среден рок ќе доведе до неможност за исплата на чесно заработените пензии, нешто што веќе сега го чувствуваме. Растечкиот јавен долг ќе падне на плеќите на помал број вработени, кои и самите ќе се движат кон пензионерските денови. Намалувањето на населението ќе предизвика и исчезнување на одредени етнички и социјални групи. Ќе исчезнат нивните јазици, нивната култура и воопшто меморијата на еден народ. Тука, пред сè, загрозени се малите народи и етнички групи, исто како и помалите градови и градовите со средна големина како Скопје.
Сепак, дел од експертите укажуваат и дека работите не нужно се така црни. Светски познатиот магазин „Економист“ (The Economist), во прилог посветен на оваа тема, укажува на низа потенцијални решенија и конечно целосен пресврт во мрачната слика на блиската иднина. Така, Вештачката интелигенција или некои нови и сè уште непознати технологии можат да го заменат човекот во потрагата по иновации и развојот на технологијата и општеството. Друга причина за оптимизам е фактот дека животниот век на луѓето се зголемува, овозможувајќи им на луѓето подолго да се работоспособни и активни. Едно истражување, наведува Економист, утврдило дека во 2022 година когнитивните способности на еден 70-годишен човек се на исто ниво како на 55-годишен човек во 2000 година. Ова продолжување на животниот век, како и капацитетот на луѓето за продуктивен и квалитетен живот ќе овозможи пролонгирање на периодот на прилагодување на заедницата кон новите состојби. Да, тоа сигурно ќе значи и зголемување на старосната граница за пензионирање, но секако тоа ќе биде бидејќи луѓето подолго живеат. Или како што ќе изјави неодамна директорката на ММФ Кристалина Георгиева, „ако луѓето живеат подолго, ќе мораат и да работат подолго“. Секако, решението е и во зголемената продуктивност, која би овозможила континуиран прогрес на заедницата. Конечно, Јапонија е земја во која депопулацијата се случува веќе со децении, но луѓето живеат сè подобро и со зголемен квалитет.
За Скопје, а секако и за целата држава, овие трендови можат да значат големи промени, како во бројот на луѓето што живеат во градот, така и во економските и социјалните перформанси на градот и државата. Токму затоа, доколку ги направиме вистинските промени и Скопје повторно го направиме планиран град во кој комфорно и здраво ќе се живее, имаме шанса да ги привлечеме младите, образовани, креативни и иновативни луѓе, не само од регионот, туку и од цела Европа. Тие би живееле во Скопје, тука би го формирале своето семејство и тука би придонесувале за економскиот, културниот, социјалниот и општествениот развој на градот и заедницата. Урбаниот развој кој истовремено е и развој на квалитетот на живеење, е единствениот начин да преживееме во глобалниот свет како мала, но креативна и отпорна заедница на граѓани. На тој начин, Скопје не би морало да биде испразнето од своите жители за да го почувствуваме задоволството од живеење во него, туку напротив, низ создавање интернационална заедница на задоволни луѓе, секој ден ќе го доживееме како празник. Тоа е вистинскиот нов почеток за Скопје.
(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје; текстот е објавен во Слободен печат, опремата е на Глобус)




