БРАНЕ СТЕФАНОВСКИ
Граѓаните треба да бидат подготвени на уште поголема сиромаштија, не само со оглед на домашното раководење со економијата, туку и со оглед на крајно опасната безбедносна ситуација во светот
Празникот Нова година никој не го чувствува. Порано, кога живеевме човечки живот, овој период беше свечен, достоинствен, се купуваше по нешто за освежување на гардеробата, по некој нов часовник, се подаруваше, се излегуваше во градот да се доживее атмосферата, се релаксиравме пред телевизорот на кој одеше весела програма, со домашните некако повеќе се почитувавме и се сакавме. Ноќта, ако не одевме во кафеана, или на некое подалечно туристичко место, дома приредувавме свечена трпеза, ја спотнувавме печката и не жалевме барем еднаш во годината да се раскомотиме до максимум. Јадевме – кркавме!
Но, дојдоа времиња во кои ни е страв да излеземе од дома. Стравовите се на секој чекор, а нашиот рефлекс за самоодбрана од надворешните влијанија нè затвора, не само дома, туку и во себе. Соседите не викаат здраво, не отпоздравуваат, само нешто мрморат, се борат со внатрешниот и со надворешниот непријател. Се отуѓуваме со пријателите, не се посетуваме веќе, тоа оди полека, постепено, речиси незабележливо. Одморите и патувањата се проретчуваат.
Сето тоа се вика „намалување на животниот стандард“, а тоа доаѓа од нашата намалена платежна способност поради високите цени што ја јадат вредноста на нашите пари. Никој веќе, ни од средната класа, ако сè уште ја има, не може да се пофали дека нема гајле од цените. Болестите, депресијата и анксиозноста се во голем залет, лековите се прескапи, јавното здравство e во нокдаун, приватните болници скапи, јавен превоз едвај да има, платите и пензиите не стигнуваат.
Во сите анкети, граѓаните, на прашањето „дали некои мерки, некои кошнички ги чувствувате?“, одговараат со: „лук и вода“, „во морето капка“, „лажни поевтинувања“ и слично. Депресијата и срамот им се чита од лицето за тоа што искрено одговараат пред камерите, но веќе нема каде, не можеме да се криеме и да блефираме, сите сме клекнати на колена.
Никој веќе не верува во ветувањата на надлежните дека можат да сторат нешто, особено за толку краток период, како што е две недели пред Нова година.
Секоја власт тоа го знае, но игра на картата на надежта, уште еднаш да прикаже дека – еве само што не се решиле проблемите, а сите што се занимаваат со економија знаат дека ефектите од која било економска мерка се чувствуваат одложно, најрано по шест месеци.
Актуелнава влада има преземено неколкупати некакви ограничувања на маржите, со сила намалување на цените, намалување на процентот на ДДВ-то за најпотребните производи, зголемување на акцизите…, но не даваат резултати. Ниедни палијативни мерки не можат да ја излечат нашата економија, не сега туку ни во далечната иднина, односно никогаш, бидејќи работата е испуштена одамна, можеби уште од времето на „задругите“, земјата е „ни вода ни киселина“, ни земјоделска, ни индустриска, ни високотехнолошка. „Земјата“, најскапоцениот ресурс од сите други, па и од златото, ние не ја зачувавме!
„Успесите“ на економската политика се гледаат во континуираниот просечен годишен раст од 1,9 % од БДП, што е срамно да се спомне, а не да се фалиме со тој процент.
За структурни реформи се зборува уште од времето на Милка Планинц и ништо не е мрднато понатаму од флоскулите на владините седници.
Тоа значи дека досегашните власти немале знаење и волја да ја водат економијата, само се додворувале и се лигавеле. Ниедна власт не спроведе коренита економска реформа и нема ни да преземе. Тоа се долготрајни процеси, а мандатите траат само четири години. На новите власти им е под чест да ги продолжат процесите и проектите од претходната власт! Каде е гасификацијата? Каде е Министерството за економија? Никогаш тоа министерство немало некое значајно место во системот. Секогаш служело за да згрижи некој коалициски министер. Каде е туризмот?
Да се води економијата е многу тешка работа, се разбира и политиката е тешка, ама во политиката може и да се лаже, а во економијата не може! Економијата е егзактна наука и практика, таа е домино-систем со причинско – последични задолжителни ефекти, или сликовито: ако го турнете првото домино, бидете сигурни дека ќе падне и последното: ако нема инвестиции – нема развој, нема пари – нема купување, нема купување – нема понуда, нема понуда – нема профит, нема профит – отпуштање на работниците, зголемување на невработеноста, намалување на бербата на даноци и придонеси, пензискиот фонд на инфузија додека истече течноста во шишето…
Граѓаните треба да бидат подготвени на уште поголема сиромаштија, не само со оглед на домашното раководење со економијата, туку и со оглед на крајно опасната ситуација во светот. На домашен терен, еднаш освоените цени никогаш не се вратиле, дури со ризик да пропаднат компании од своите самоубиствени ценовни амбиции, иако на берзите има смирување.
Таков е нашиот менталитет, секој гледа брзо да се збогати, а преку криминалот – најлесно.
До каде може да издржи паричникот и трпеливоста на граѓаните. Дали некој може да претпостави дека може да дојде до социјални немири, протести, но не од политички мотиви, туку од економски, ако тоа може да се раздели? Сигурно дека во Македонија тоа е многу тешко. Силата на народот му е одземена со тешките удари во плексусот и тој е издишан и уплашен. Едноставно, во него нема компресија. А тоа е целта на сите власти!
Сите се фалеа дека божем ќе ни донесат убави времиња, а сите си отидоа прејадени и дотерани со скапи костуми, па дури и со шапки, некои избегаа, делата застареа, аферите се заборавија. Не видовме ниедна поднесена жртва ни одговорност, за кои зборуваа во предизборните митинзи.
Поранешниот уругвајски претседател Хосе „Пепе“ Мухика, познат и како „најсиромашниот претседател на светот“, ѝ советуваше на јавноста да ги мавне богаташите од политиката. Тој од власта се повлече 2015 година, а го поддржуваа 70 отсто од народот. „Пепе“ ги искритикува светските лидери поради тоа што не го претставуваат народот. Тој немаше ништо против чесните богаташи, но велеше дека сите шефови на држави треба да живеат како мнозината, а не како „малцината“. Мухика, 90 отсто од својата плата ја донираше во добротворни цели. Тој е познат по тоа што ги имаше отфрлено сите симболи на богатство. Велеше дека вратоврските се бескорисни крпи што го стегаат вратот.
Кај нас вратоврските сè потешко можат да ги „опашаат“ нашите високи вратови. Околу вратот на обичниот човек, пак, сè повеќе се стега обрачот сплетен од вртоглави цени, владее неизвесност и нерасположение. Пред празникот, што е на прагот, и лукот е многу скап, а, како што тргнало, и водата секнува.