АНА ЧУПЕСКА
Мора да прашам: после толку години во институциите сега ли се разбуди Павле од сон и предлага нов FBI? Ги преспа ли Павле последниве 10-15 години?
Во налетот на прегрупирањето на политичката сцена долж линијата „За” или „Против” нашето членство во ЕУ има и субјекти кои сакајќи да останат релевантни во едни вакви околности пласираат и празни муабети. Тоа е нивен личен стил и ништо повеќе од тоа. Тоа се тие, препознатливи вечни константи во скоро сите власти до сега. И, кога луѓе кои поминале долги години во одредена професија и стигнале до највисоките позиции во определени институции, од нив очекуваме дека добро се упатени, но ете, како гром од ведро небо понекогаш ќе не изненадат со „генијални” идеи и предлози. Просто е неверојатно, фрапантно, релативизаторски и недоговорно, би рекла.
Така, жалам што, во едни вакви услови кога ургентноста од СОРАБОТКА ОКОЛУ ЕВРОПСКАТА ИДНИНА НА ЗЕМЈАВА, е поважна од било кога, иницијативата на г-дин Павле, за формирање на ново тело што ќе се бори против корупцијата – се чини дека има функција повеќе на дефокус, одошто било што друго. Телото, вели тој треба да било независно и без политички влијанија. Така ќе сме се справеле со корупцијата! Накратко, FBI на Павлетов начин.
Мора да прашам: после толку години во институциите сега ли се разбуди Павле од сон и предлага нов FBI? Ги преспа ли Павле последниве 10-15 години?
Прво, според Законот за кривична постапка, ОБВИНИТЕЛСТВОТО е тоа што ги отвора и го води истрагите, па соодветно поднесува обвинителни акти. Второ, во државата во која г-дин Павле учествувал долги години во власта постојат институции како што се ФИНАНСОВА ПОЛИЦИЈА и МВР, кои во рамките на своите надлежности имаат и служби кои ја третираат корупцијата. Тука се и УПРАВАТА ЗА ФИНАНСИСКО РАЗУЗНАВАЊЕ, АНБ и АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА, како и повеќе други пропратни служби кои директно или индиректно имаат одговорности во борбата против корупцијата. Сите овие, во своите редови имаат стручни и професионални службеници кои си ја работат работата. Ама ете, во сонот на г-дин Павле му се сонило дека фали уште едно FBI.
Но, не е тоа проблемот, туку проблемот лежи во тоа што во овие, да ги наречам “популарни” предлози на г-дин Павле, недостига една основна работа, која доколку предлагачот не бил во хибернација, ќе сфател тоа што вистина ни недостига. Тоа е напр. ЗАКОН ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТ, а не ново FBI! Предлагачот некако се чини „тивок” на темава, или неактивен, ете за една таква иницијатива.
Во тој правец предлагам да не се занесуваме, мили мои, со нови, понови, или најнови тела кои „немало да имаат политичко влијание” – пази богати! А, од каде би се регрутирале тие „нови” службеници во тоа „ново” тело ? Кое Обвинителство ќе биде надлежно, кога веќе имаме ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција? Или можеби повторно, ново обвинителство, треба да измислиме?!
Ако го сублимираме ова, што е само еден дел од претпоставките, впрочем, неизбежно ќе дојдеме до заклучок дека г-дин Павле малку ФОЛИРА со предлогов; или можеби лобира, за во некоја идна претпоставена влада – тој да „узјаше на чело на една ваква институција” па дури и можеби (да не грешам душа), да си отвори тезгичка, пошто паркинзите секнаа. Не знам, можеби треба да се праша човекот што точно мисли ?
Конечно, народната песна „Павле ми пие вино ем ракија”, ми се чини нуди една фина метафора за тенденцијата и неуморивиот порив да остане се’ уште in – по секоја цена. Но, во реалноста, настрана од песната, ако пиете во исто време ем вино ем ракија, мили мои, веројатноста е голема дека ќе правите и вакви празни муабети. А, Демократскиот Сојуз, генерално, тажно ми е некако, што избира да се “ФЕМКА”, во услови на ургетност, особено што нели „безбедњачките бардови” се дел од оваа партија. Зарем, за овие луѓе кусогледоста и непосредните партиски интереси се поважни од сигурносните предизвици со кои сме соочени.
Да се разбереме, корупцијата е исто така безбедноснен ризик, но, овие антикорупциски предлози се крајно несериозни и затоа убедена сум дека треба да бидат ставени во фиока, за сметка на долгорочните перспекиви на земјава.
Но, секој со својот к’смет и секој со својата одговорност. Па ќе видиме.