Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА

March 18, 2026 Filed Under: Македонија

Благодарејќи на политиките на социјал-демократите минималната плата се зголеми тројно – од 8.000 на 22.500 денари потсетуваат пратениците Тренчевска и Талевски

ТРЕНЧЕВСКА Владата во одредени моменти мроа да носи политички одлуки и кога се работи за работничкиот интерес

„Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците,“ рече неодамна потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на собраниска седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.

Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков беше и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.

„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.

Таа се осврна на фактот дека во времето кога СДСМ ја предводеше Владата платите тројно се покачија.

„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ .  Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

Државата постои за да застане на страната на работниците и да ги одбрани нивните права и потреби тогаш кога нема разбирање од работодавачите, минималната плата е цивилизациски минимум, не е луксуз, не е идеологија, туку заштита од сиромаштија и експлоатација, нагласи во дебатата нејзиниот колега – пратеникот на СДСМ, Миле Талески на собраниска седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра. Талески во образложението истакна дека владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ покажува незаинтересираност за реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Денеска не разговараме за бројки. Не разговараме за бројки, за економски формули, како што сакаше премиерот Мицкоски, пред македонската јавност да ни објаснува. Денес разговараме за лични судбини, за цели семејства кои се борат со тешкотиите да врзат крај со крај, како да ги прехранат своите семејства и да се изборат со се повисоките цени. Денес разговараме за тоа дали трудот во оваа држава или преживува. Минамалната плата не е статистика – тоа е фрижидерот на едно семејство. Тоа е прашањето дали ќе можат на сопствените деца да им купат патики, да им купат чевли на први септември. Дали човек што работи осум часа ќе живее достоинствено или ќе позајмува на 20-ти во месецот за да може да го истурка месецот“, рече Талески.

ТАЛЕВСКИ Не разговараме за бројки, рзговараме за празниот фрижидер од која зависи судбината на едно семејство

Тој додаде дека прашањето за 600 евра минимална плата е морално прашање, и  во услови кога трошоците за живот континуирано растат, власта не треба да одбива да ја покачи минималната плата и да  манипулира со оправдувања дека така ќе се уништи економијата, туку треба да ги заштити работниците.

„Покачувањето ќе ја уништело економијата, фирмите ќе пропаднеле, работниците ќе останеле без работа. Истото се  зборуваше за 12.000, 14.500, 18.000, 20.000 денари, но  ниту една од овие катастрофи не се случи. Зошто? Затоа што државата не ги остави фирмите сами. 130 илјади работници, субвенционирани придонеси, 48 милион евра поддршка. Ова не е класична социјална политика, туку партнерство помеѓу државата, работниците и стопанството. Изборот не е минимална плата или економија. Изборот е дали економијата ќе постои за луѓето или луѓето ќе постојат за економијата. Државата во која човек е вработен, а сепак е сиромашен, не е пазарна економија. Тоа е евтина работна сила“, рече Талески.

Во обраќањето Талески ја обвини владата дека на работниците не гледа како на капитал, туку како на најголем трошок.

„Покачувањето на минималната плата значи инвестиција во нашиот најголем капитал ,инвестиците во работниците, се инвестиција во економијата, затоа што нема економија без задоволен работник. На работниците треба да гледаме како на партнери. Затоа е важно да го слушнеме нивниот глас, и да имаме сериозен пристап за нивните барања да се слушнат, а не да бараме сценарија за да ги политизираме процесите. Тука нема политика, почитувани колеги. Тука има само потреба едно семејство да преживее месец“, рече Талески.

Тој ги повика сите пратеници, да ја тргнат политиката на страна, да ги стават интересите на работниците  во прв план ставете и сите да  гласаат за 600 евра минимална плата и за  подобар економски стандард.

 

 

Filed Under: Македонија

ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ
ННАЈНЕПОПУЛАРНАТА ВОЈНА ВО САД
ЗОШТО ЕПМАТИЈАТА Е СЕЛЕКТИВНА?

Најново

  • ФАТМИР БИТИЌИ ЗА НОВИОТ ЦЕНОВЕН УДАР И МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
  • ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА: НАМАЛЕТО ГО ЛУКСУЗОТ И ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 600 ЕВРА
  • ДВЕ МАРИИ, ТРИ АНИ, ТРИ МАРИИ … КАКО ДЕЛ ОД НАСЛЕДСТВОТО НА СЛАВКО ЈАНЕВСКИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet