ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сега се наоѓаат пред раскрсница и треба да се има разбирање за нивната позиција. Од една страна е стравот да не паднат во немилост на „централата“ и да бидат прогласени за „предавници“, но од друга кога мора да се одважат и да се ослободат од срамната парадигма на поведение која им ја наметна една нивна поранешна пратеничка изјавувајќи дека е „горда послушничка на Никола Груевски“!
Во јавноста веќе се наметна мислењето дека продолжувањето на европскиот пат на Република Македонија во овој момент зависи од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, треба да се каже дека и не толку од врхушката на оваа партија, колку што е тоа исклучиво во рацете на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од фактот што токму нивниот број е потребен за да се оформи неопходното двотретинско мнозинство за отпочнување и затворање на уставните измени.
Оттаму, несоодветни се изјавите на лидерот на партијата кога вели дека додека е тој на чело на партијата, уставни измени нема да има. Дури и со на некој начин „коригираната“ изјава на Мицкоски дека сите пратеници и коалициски партнери нема да гласаат за промена на Преамбулата, како да ги става под „свое“ 44-те индивидуи кои мандатот го добиле на избори, од народот, за да одлучуваат во нивно име, по свое убедување.
Иако раководството на партијата е носител на политиките во јавниот дискурс, не смее да се пренабрегне фактот дека пратеничката група е посебен партиски ентитет, во извесна мера независен од останатите партиски органи и тела на одлучување. Тоа оди дури дотаму што, без нејзина согласност, ништо од она што е партиски став или волја на раководството на партијата, нема да може да се материјализира како закон, одлука, резолуција, декларација.
Во историјата на парламентаризмот во Македонија таков автохтон статус на креирање на политиките на домашен, но и на меѓународен план стекна единствено пратеничката група на една партија на Албанците, тогашната Партија за Демократски Просперитет (ПДП).
Сепак е најдобро да се воспостави целосна координација меѓу овие два института на една партија; раководство и пратеничка група, а потоа и со останатите пратенички групи за на крајот во што поголем број да бидат изгласани уставните измени.
Но треба да се има предвид дека постојат ситуации кои ја надминуваат „рутината“ да се има унисон став по секое прашање од интерес за државата, за нацијата. За жал или за среќа понекогаш само индивидуалниот став на пратениците е оној што може да ја смени праксата на потчинетост на народните избраници пред авторитарната волја на лидерот или врхушката на партијата.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сега се наоѓаат пред раскрсница и треба да се има разбирање за нивната позиција. Од една страна е стравот да не паднат во немилост на „централата“ и да бидат прогласени за „предавници“, но од друга кога мора да се одважат и да се ослободат од срамната парадигма на поведение која им ја наметна една нивна поранешна пратеничка изјавувајќи дека е „горда послушничка на Никола Груевски“!
Таквото петно што им го остави во наследство сопартијката Кузмановска како систем на недемократско, поданичко однесување во одлучувањето за важни прашања за државата, треба да биде избришано од овој пратенички состав кој ќе го оправда значењето на делот од името на партијата што значи ДПМНЕ.
Обвинувањата за „предавството“ стана алатка на оваа партија за владеење со јавниот простор, но и за држење под контрола на умот и волјата на пратениците.
Притисокот врз нив што доаѓа „однадвор“ по се изгледа е незначителен во споредба со оној што ги разјадува „одвнатре“.
Одамна е познато дека од нив се бараат нотарски договори за верност и послушност како во некои тоталитарни режими или пак според системот („наша работа“) на мафијашка внатрешна затвореност од која нема излегување по своја волја.
Треба да се има предвид дека освен т.н. „предавство“ кон партијата има и предавство кон татковината, ако се направи јасна дистинкција меѓу овие две работи.
Затоа, кога се носат важни одлуки најважно е да се слуша гласот на разумот и силата на аргументите.