НИКИЦА КОРУБИН
Тоа што системот е целосно разграден по сите основи, беше и е прашање на наша перцепција. Тој беше таков и претходно, но ретко кој сакаше да прифати дека нема да се изгради преку ноќ. Затоа што одговорноста е секогаш туѓа, а не наша? И кој е тој друг што треба да го изгради? Тоа одбивање на превземање одговорност на сите нивоа, е застрашувачко
Сегашноста ретко ги признава успесите, посебно нашата реалност. А, успехот е секогаш резултат на голем влог, енергија, знаење и цел: што треба да биде наша иднина. За таа цел влогот е индивидуален, бидејќи секој колектив е составен од свесни индивидуалци. Но, кога сеќавањето кратко трае, поради неможноста да се признае успехот како заедничка одредница, системот тешко го градиме. Бидејќи, системот е континуитет на последици на некои причини. Тој е показател колку знаеме да цениме, колку умееме да паметиме и колку сме свесни што направивме. Тоа што системот е целосно разграден по сите основи, беше и е прашање на наша перцепција. Тој беше таков и претходно, но ретко кој сакаше да прифати дека нема да се изгради преку ноќ. Затоа што одговорноста е секогаш туѓа, а не наша? И кој е тој друг што треба да го изгради? Тоа одбивање на превземање одговорност на сите нивоа, е застрашувачко. А, уште позастрашувачко е лаконското негирање на веќе превземната одговорност од некого. А, перцепцијата се гради. Злокобно и злонамерно. Подмолно и ниско, и ударите доаѓаат од сите страни, како показател за ниската свест, дека ова општество ќе биде толку добро, колку што ќе дозволи својата немоќ да не ја проектира на другиот. Ако е разрушено, разрушено е за сите; но ако се прави, мора да се прави за системот.
Од каде тргнавме, а каде стигнавме? Со кој капацитет, со кое знаење, со која воља и храброст? И со какви пречки се соочивме, од сите страни, и од ,,непријателите,, но и од пријателите, бидејки личната корист и суета често не бира средства. Оваа држава има многу битки за водење, не поради незнаење, туку поради несакање. Несакање да се признае туѓиот успех, несакање да се цени квалитетот, несакање да се изгуби контролата над сите процеси. Тогаш кога ќе го цениме индивидуалниот гест, тогаш ќе разбереме дека отидовме над реалните можности. Направивме чудо, од амбисот до вратите на Европа и светот, од лажниот и манипулативен патриотизам, до бруталната реалност, овде и сега. Преиспитувањето и сомнежот во секоја постапка, на крајот доведува до апсурд. ,,Сите се исти,, е всушност монструозна манипулација, за статус-кво ситуација, на фиктивно изедначување на доброто и злото. И има тука креатори, но и има и соучесници, свесни и несвесни, и со различни мотиви. Но, што тие преиспитуваат со своето не-чинење? Политичкиот систем, неговата поставеност, неговата суштина, неговата појавност, неговиот исход? Што бараат и од кого? Ако го проблематизираат целиот систем, автоматски го негираат и своето барање од систем? Со други зборови, ништо и никој не чини, ама тој никој и ништо нека испорача резултати? Апсурдот ќе дојде до ѕидот, ама како ѕидот ќе го совладаме? Тој неодговорен однос, во својата основа, повторно ја има немоќта, немоќта да се бори, немоќта да превземе одговорност, немоќта да признае, да признае успех, да признае исход, да признае пораз, да ја признае реалноста, добра или лоша сеедно.
И од нас зависи, дали ќе го почитуваме создаденото, дали ќе го вреднуваме вложеното, дали ќе разбереме дека политиката е секогаш за другиот, а патот е одреден од патниците. Контекстот не го бираме, туку само се прилагодуваме. Затоа што има разлика. Има разлика во намерата, дали дејствуваш за добро или дејствуваш за лошо. Дали сопатниците ги бираш ти или времето. Секое време има актери, да ги цениме нашите, за да изградиме систем врз темели, а не врз празни амбиции. Да бидеме свесни за можностите, за да го разбереме времето во кое живееме, пред да стане историја која ќе се учи, а не онаа која ќе ја живееме.
Ова е време на денот потоа. Кога се бориш за нешто, мислиш дека победата е доволна за да ја постигнеш целта. Но, тоа е илузијата на современото време. Целта е она кон кое тежнееш, како кон репер, одредница, да знаеш во секој момент каде си, и каде одиш, но суштината е борбата, во старите антички времиња, тоа е агонот. Модерниот свет го формулира како агонија. Затоа што продуцира перцепција за инстант успех. Како што се бара кај нас. Успех без влог, веднаш за сите. Ама, тоа не постои во реалноста. Во реалноста е само агонот. Борбата, онаа долготрајната, таа која се гради со секој ден, која се менува и прилагодува, која гледа и учи, која разбира дека уништувањето било монструозно, која не се плаши од прозивките и препреките, која ги трпи ударите на блиските и наводно блиските; која трае, толку колку што треба, за успехот да биде за сите, и за оние малкумина кои разбираат што се случува, и за повеќемината кои не се свесни, каква борба се води. Затоа што оваа појавност за прв пат добива своја суштина.
Тогаш кога ќе разбереме дека суштината не постои поради појавноста, ќе разбереме што направивме како генерација пратеници, со што се судривме и што совладавме. И никогаш работите не се така како што изгледаат и онака како што сакаат другите да ви ги претстават. И никогаш не смее да биде само за себе, туку секогаш мора да биде за другиот. Тоа е политиката, тоа е магијата, тоа е историјата. Од агонијата на анти-системот создаваме нормалност, полека, но сигурно. Ако, тоа не е гордост не знам што е.