АНА ЧУПЕСКА
И самите посведочивме дека на скопскиот плоштад камион го дупна тлото пред Воинот на Коњ; имаше и пад на некои стиропорни фасади од проектот СК2014; претходно се случи и земјишнo свлечиште на зграда криво инсталирана на Водно; слични и многубројни се индикациите дека и кај нас многу нешта не се во ред во врска со „градежните работи“
Во катаклизмичниот ужас со смртен биланс од десетици илјади луѓе, освен траорни и стравични сцени повторно се уверивме дека градежниот бизнис, или поточно, градежната мафија (која има и свој интернационалец ланец) нема милост! Затоа и ова стана тема легитимна за анализа и за соодветни дејствија, консеквентно – кога во Турција веќе се апсат сопственици и изведувачи на зградите кои се срушија, а циркулираат и истражувачки наоди за тоа колку системите се корумпирани и како се перат пари низ овие мафијантски градежни мрежи.
Дали се сеќавете дека и ние своевремeно се занимаваме со слични теми, но тие денес исчезнаа од нашиот видик, иако, и самите посведочивме дека на скопскиот плоштад камион го дупна тлото пред Воинот на Коњ; имаше и пад на некои стиропорни фасади од проектот СК2014; претходно се случи и земјишнo свлечиште на зграда криво инсталирана на Водно; слични и многубројни се индикациите дека и кај нас многу нешта не се во ред во врска со “градежните работи”. Паралелно, во Маврово се одвива рапидна, а несоодветна урбaнизација: се градат згради среде планина вон било какви согледби за можноста на просторното планирање. Уставниот Суд, срамно го укина мораториумот за ДУП-от на Општина Центар, a по поднесена иницијатива на шоферот на еден од градежниците… Така што, со години наназад систематско е уништување на нашиот животен простор и неговото планирање, безмислосно корпоративизиран и приватно апроприиран!
Тоа секако е спротивно на логиката за комотен и достоинствен урбан (па и рурален) живот. Но не е никако спротивно на тесни парични интереси на групи лопови. Вакви пак состојби, сите се увериме се токму и ситуации со смртен исход – како оваа трауматичната од Турција и Сирија.
Сакам да верувам дека типот што сега како супер стар циркулира по медиумите и ги уверува граѓаните да не стравуваат од квалитетот на „поновите згради”( па уште – демек овие изградениве во последните 20-тина година биле најбољи и најјаки?! Се прашувам само како е тоа можно, кога знаеме сите дека голем дел од нив првично никаа како ДИВОГРАДБИ!) Сакам да верувам дека не не лаже, но, сепак сомнежот кај мене е огромен, од повеќе причини. Верувам ќе се сложите и вие драги читатели, дека сите имаме таков сомнеж.
Еве на пример, да ги потсетам оние кои оддамна не поминале покрај БЕКО, дека тука има КРАТЕР на кои масовни собири имаат секојдневно над 10 000 чавки, кои дефецираат во напосредна околина, па дури и воздухот труе на чавкините фекални отпадоци. Притоа, овој смрад е помешан со смрад од смог и бензини.
Вистина нехумано.
И покрај овој естетски, визуелен, аудитивен и сензорен терор, прашањето што се уште не е одговорено е – кој издал дозвола за рушење на објектот БЕКО, односно – каква е иднината на ова хичкоховско собиралиште на чавки (кои патем во летен период напаѓаат и луѓе!).
Ги знае ли некои одговорите на овие прашања, мили мои?
Конечно, како тоа се заборави најсрамниот проект Скопје 2014 – најголемата перална на пари со лоши материјали? Барам одговори за ова – ги немам…
Друго прашање што ме мачи е и акуечната реконструкција на Владата под евро-обединувачката парола. Имено, детално ја проучив “принципиелната агенда” која е усогласена меѓу новите коалициони играчи и таа е сосем во ред на ниво на декларативни цели.
Целосно се сложувам со тие заложби.
Но, она што останува неодговорено е од каде е толкавата самодоверба кај Алијанса, за апла најава дека најјака кадровска страна и е министерството за здравство, при што не слушнавме за што точно се мисли (кои се квалитетите кои се најјаки, де?) и како ќе ги ефектуира заложбите во помалку од година дена – при што иронијата да е поголема : отворено и јавно побараa “вработувања”?! Како овие вработувања допринесуваат во еврообединувачката платформа? Не ми е јасно дали се мисли да вработува во партијата или во фирмите сопартијците? Затоа што, за вработувања во државните институции колку јас што знам треба да има отворени и јавни конкурси каде покрај општите услови се цени искуството, образованието познавање на странски јазици на кандидатите, и други квалификации се потребни исто така. Така што, за мене особено интересно е да видиме како тоа Алијанса со полна уста демократски и правични пароли планира да го оствари тоа што го бара?! И за толку кратко време?! И во контекст на европско-реформаторска агенда ?! Токму и затоа јавноста ќе треба да се позанимава со ова прашање, затоа што е клучно за да видиме колку на Алијанса и е развиен сенсот за “општо добро” и за основните обврски и одговорности кои ќе ги носи…
***
Шок и неверување кај „новинараските бардови“ од Али Експрес apropos притворот на Марјанчо и партнерката истражителка која оддавала тајни за да уценува и рекетира граѓани ?! Ви се молам, зарем не е време и новинарската фела да најде начин како да ги истера од своите редови самопрогласените новинари – а во суштина гнасни уценувачи?
***
Конечно, последните наоди од истражувањето на Евротинк/Еврометар укажуваат на драматични податоци во последната година според кои евроскептицизмот пораснал за 20%!!!
Или, над 50% од граѓаните сметаат дека на патот кон ЕУ можеби треба малку да подзастанеме, а на оваа наша станица и да причекаме „бољи воз”: овој бугарско-францускиов – како да нема сигурни кочници. Деликатноста тука е во тоа што кај вмровскиот корпус анти-еу расположението е најмерливо во овој контекст. Во истражувањето, и како најголем непријател на РСМ се наведува дека е Бугарија, очекувано со оглед на понижувањата и тотално деструктивните егзибиции.
Но, повторно останува прашањето – кај сме ние? Од што патиме ние? Што во една ваква ситуација кога државата е нападната со хибридно оружје, и кога реално застанавме против руската агресија во Украина на страната на „западните сили”, и кога во односите со Бугарија газиме на тенок мраз. Што правиме ние? Што прават политичките фактори да се амортизираат овие состојби? Или, некои од нив, токму напротив уште толку ја подгреваат атмосферата на деструктивноста?!
Затоа можеби во некоја следна анкетата сугерирам, кога веќе се прашува: кого граѓаните сметаат дека ни е најголем непријател, да не се испушти да се ставите како избор и НИЕ САМИТЕ!