Во мугрите на слободата на македонскиот народ, по втор пат беше отворено Радио Скопје во разурнатото Скопје, точно месец и пол од неговото ослободување, во етерот се разнесе првиот македонски збор изговорен низ воздушниот простор на слободната татковина: „ЗБОРУЕ РАДИО СКОПЈЕ”
За прв пат Радио Скопје (тогашно Радио Скопље) свечено започнало со работа на веркиот празникСв. Сава, 27.01.1941 година. Тој ден во 11:40, се огласи спикерката Рабреновик со зборовите : “Хало, Хало, овде радио Скопље на таласној дужини 477! За који тренутак чућете сигнал радио Скопља!, а потоа се чуле јасните звуци на „Биљана платно белеше”. Набргу дошла војната.
Уште во август 1944 година Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија ја постави задачата пред современиот македонски писател и истакнат борец во Народно-олободителната војна, Владо Малески – Тале, да се зафати со создавање и работа на првата македонска радиостаница во слободната татковина. За оваа цел се издвојувани од првите борбени редови техничари и новинари и се испраќани во Горно Врановци на нови задачи. Програмската и новинарската активност ја презел врз себе Владо Малески, а техничката страна Васко Петковски, одговорен офицер за техника при Главниот штаб на Народно-ослободителната војска на Македонија.
Борците – техничари Боро Димитровски и Владо Стојчевски, со помош на други технички кадри, забрзано работеле врз оспособување на запленетата воена радиостаница и врз нејзина преадаптација.
Поради недостиг на соодветни технички материјали и резервни делови задачата тешко и бавно се реализирашла По ослободувањето на Скопје заедно со други значајни објекти била разурната и радиостаницата, изградена непосредно пред војната. Биле уништени техничките средства за емитување на програмата, бил испокршен дискотечниот фонд на поранешната радиостаница, a зградата онеспособена за работа. Катастрофална била ситуацијата во Маџари, каде што столбот, зградата и предавателната техника во неа биле целосно уништени. И повторно од воените единици започнала прибирањето технички кадри кои во воената команда во главниот град на Републикава изготвувале технички планови, како од воениот трофеј да оспособат што посилна радиостаница во слободната татковина. Експериментите започнаа со една француска воена радиостаница на кратки бранови. Радио техничарите Крсто Ристевски, Александар Грков, Ефтим Митовски, Марко Плавевски, Перо Ристовски, Димче Петровски, Тодор Џартов и Стефан Ќосевски, подоцна со успех оспособија радиопредавател од американско потекло „СЦР” од 20 вати.
Новиот предавател успешно стартуваше од куполата на Офицерскиот дом во Скопје. Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија кон крајот на декември 1944 година се подготвуваше за Второто заседание на АСНОМ, сега во слободната татковина, во зградата каде што и денес се наоѓа Собранието. Владо Малески му предложиЛ на Президиумот на Собранието смела идеја – Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија да се пренесува директно преку Радио Скопје. Тоа бил нов предизвик, но и грижа како да се поврзе кабелски салата од каде што требало да се врши преносот. Недостигале стотици метри кабли кои не можеа да се најдат во Македонија. Било најдено решение радиостаницата да се премести од Офицерскиот дом на покривот на Собранието на Македонија и од таму да се врши пренос од заседанието. По неколкудневна работа сè било готово од технички аспект.
Денот на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ е определен 28 декември 1944 година. Во еден дел на собраинската сала, зад микрофонот, многу возбуден, според сопственото сведочење, се наоѓаше Владо Малески во исчекување да започне собирот.
Секој миг во салата се очекуваше доаѓањето на првиот претседател на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, Методија Андонов Ченто. Тогаш Владо Малески го започна своето јавување. Низ етерот, за првпат во ослободената татковина, се пренесоа зборовите на македонски јазик:
„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје, Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…”
По уводното репортерско јавување за значењето на Собранието и за точките што ќе ги разгледува, Владо Малески го најави настапот на Методија Андонов Ченто. По поздравите до сите присутни на Собранието, тој им се заблагодари на сите оние што со натчовечки напори овозможија низ етерот да се слушне македонскиот јазик, како и одлуките на Второто заседание.
Точно еден месец по тоа историско „Зборуе Радио Скопје, Зборуе Радио Скопје”, на 28 јануари 1945 година започна и редовната програма на Радио Скопје со првата емисија вести на македонски јазик, а потоа и на албански и на турски јазик.
Безвременската песна „А бре Македонче”, пак, стана препознатлив сигнал на новата радио станица во етерот, чиј творец е музикологот и композитор Тодор Скаловски.
Во тие величенствени времиња на подем и етузијазам физиономирањето на Радиото се одвивало паралелно со изградбата на државните институции. Постојано растела потребата од проширување на програмата, а со неа растел и малиот новинарски колектив. Целокупната дневна програма на Радио Скопје во 1945 и во 1946 година изнесувала осум и пол часа дневно, а во неделите десет и пол часа. Притоа, на говорната програма, што ја подготвуваа новинарите на Радио Скопје, изнесувала околу три и пол часа дневно. Програмата на Радио Скопје во тие две години ја опслужувлеа 39 новинари, музичари, техничари и друг помошен персонал.
Значи, емисиите од првата програмска шема на Радиото ги подготвуваше малуброен новинарски состав. Се настојувало преку Радиото слушателот да се пренесе директно и на скопскиот плоштад од каде што беше реализиран и првиот директен пренос на првомајската парада. Говорната програма настојувала на слушателот да му даде информација за животот на Македонија, да го информира за се што се случувало во тогашна Југославија и надвор од неа, во странство. До крајот на 1949 година Радио Скопје веќе имало директни преноси од 220 настани и спортски натпревари.
Истовремено, со низа емисии програмата на Радио Скопје презеде обврска да биде активен фактор во просветувањето, образованието, воспитувањето и културното издигање на својот се помногуброен аудиториум. Притоа, посебна грижа се водеше за чистотата на јазикот и во тој поглед се постигнати најкрупни резултати и постарите, а особено младината и децата, да го негуваат чистиот, мајчин, македонски јазик.
Во годините што следувале Радио Скопје постојано растеше и се развиваше. Се формирале редакции, сектори, се воведувале нови емисии, започнуло снимањето радиодрами, се збогатувал музичкиот фонд и веќе кон крајот на педесеттите години на минатиот век Радио Скопје стана вистинска радио станица која беше рамо до рамо со другите тогашни југословенски радио станици.
Но, натамошниот забрзан развој на Радио Скопје беше прекинат со катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година, кој до темел ја разурна зградата во која беше сместено на „Марксова” 17. Следуваат преселбата кај предавателот во Маџари и работа под шатори, а набргу и преселбата во бараките во Нерези. По годините на стабилизација, Радио Скопје пак тргна по патот на севкупен развој. Се проширува програмата, се воведуваат нови рубрики, нови емисии, постојано се зголемува фонодокуметацијата со нови музички нумери, драмски остварувања…
Набргу се формирала и Втората програма, чиј наследник е денешното Радио 2, се воведуваат и емисии за нашите сонародници во странство, а на 28 декември 1979 година, на 35-годишнината на Радио Скопје, започна емитувањето и на Третата програма на Радио Скопје.
Во средината на осумдесеттите години Радио Скопје се преселува во новиот РТВ дом, кој во тоа време беше еден од најмодерните не само во тогашна Југославија, туку и пошироко во регионот. Во почетокот на деведесеттите, пак, го менува и називот – станува Македонско радио, кое во последните дваесетина години, соочувајќи се со предизвиците на транзициониот период, стана директен учесник во градењето на демократските процеси во земјава.
Македонското радио одигра водечка улога во процесите на демократизација, во некои моменти дури одеше и пред нив, ги најавуваше новите хоризонти за поместување на политичкиот развој.
Општествено-политичките и економските промени ја наметнаа и неговата улога на јавен сервис, функција дадена според законите и меѓународните стандарди. Некогаш успешно, некогаш неуспешно, впрочем како и целото општество. Соочено со големи финансиски проблеми, разни притисоци, обиди за негово маргинализирање, технолошка застареност и слично, во последнава деценија, како и целата Македонска радиотелевизија, постојано е соочено со предизвикот наречен трансформација или, подобро речено, санација, која се уште не дава резултати. Но, и покрај тоа, Македонското радио, преживувајќи ги сите предизвици, опстојува, пркосејќи им на предизвиците пред кои е исправено.
Во седум и пол децениското постоење Македонското радио се уште го држи приматот во негувањето на македонскиот литературен говор. Литературниот јазик и правоговорот се препознатливи за Радиото и на овој сегмент се посветува внимание особено сега кога во македонскиот медиумски електронски простор овие критериуми се ставени некаде долу од скалата на новинарските стандарди.
Македонското радио, одблежувајќи ја 75-годишнината од формирањето, и покрај тоа што се соочува со голем број проблеми, пред се, од финансиски, технолошки, па и кадровски карактер, претставува моќен медиум кој зрачи 24 часа дневно на пет фреквенции: Прв програмски сервис, или како што неговите вработени го нарекуваат Македонско радио – Радио Скопје; Втор програмски сервис – Радио 2; Трет програмски сервис или мултинационален канал, кој емитува целодневна програма на јазиците на националните заедници во Република Македонија и тоа на: албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки јазик; Радио Македонија – програма наменета за нашите сонародници во странство, како за слушателите во странство на бугарски, грчки, албански и српски јазик, и добропознатиот музички Канал 103.
Истовремено, тоа претставува вистинска слика на Република Македонија како мултиетничка и мултикултурна земја, во која сите граѓани и национални заедници можат да се информираат и да се образуваат на својот мајчин јазик и да ги негуваат својата култура и традиција.
Седум и пол деценискиот растеж на Македонското радио е одбележан и со подеми и со падови, со ѕвездени мигови и со тешки кризи. Но, никогаш Македонското радио не дозволи да падне под нивото што значи нарушување на најосновните новинарски принципи на објективност и професионалност. Напротив, во време на појава на голем број електронски медиуми кои артикулираат различни економски и политички интереси, во време кога граѓаните се во дефицит на валидни, професионално издржани и непристрасни информации, Македонското радио покажа дека може да биде најмоќниот медиум во градењето на професионалните новинарски и етички стандарди.