Руските војски кога дошле во Софија ги барале најучените во неа а меѓу таквите имаше многу Македонци, некои од нив од нашиот Велес

Димитар (Димче) Петрушев Каранфилович (1839 – 26. XII. 1906) е македонски револуционер, бил член на Врховниот македонско-одрински комитет и масон.
Димитар Каранфилович е роден во 1839 година во Велес. Основно училиште завршува во Велес, а учител му бил Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Потоа оди во Будимпешта каде завршува трговско училиште. Се вработува во трговска фирма во Виена, а од 1860 година се занимава со трговија во својот роден град.
Во овој период Димитар Каранфилович и Антон Драндар земаат активно учество во борбата на велешаните против Цариградската патријаршија. Во писмото испратено до Георги Раковски од 17 јуни 1862 година, велешанецот Димитар Каранфилович пишува: „…Само двата со Господ. Антони Драндарович… Што секојдневно се бориме со тукашните сограѓани, во кои се вкоренил фенерско-грчкиот дух и не може така лесно да се искорени и преправи, но фала му на Бога, постепено се отстранува и можам да кажам, речиси се заборави веќе што е тоа Грк“.
За време на Руско-турската војна во 1877/78 година, Димитар емигрира во Софија каде учествува во Временото руско управување. Димитар Каранфилович како претставник на Македонија станува пратеник во првото Народно собрание на кнежеството Бугарија. Тој има големи заслуги за создавањето на финансовата администрација на Кнежевството Бугарија и ја изработува и првата бугарска царинска тарифа.
Во текот на 1878 година Димитар активно се вклучува во македонското револуционерно движење. Станува член на Софиското друштво за помагање на болните и ранети војници и заедно со македонските емигранти: Васил Диамантиев, Димитар Македонски, Константин Мишајков, Кузман Шапкарев и други дејци работи на ширење на дејноста на друштвото. Вклучен бил во изработка на петиции и мемоари кои се испраќаат до европските сили за решавање на македонското прашање.
Димитар исто так бил избран за потпретседател на Софискиот комитет „Единство“ и еден од организаторите на Македонското Кресненско-Разлошко востание. За тоа време неговиот брат М. П. Каранфилов е секретар на штабот на Македонското востание. По отстранувањето на Димитар Попгеоргиев, братот на Димитар ја превзема должноста и се потпишува како началник на штабот.
Во 1880 година, во Турн Северин, велешанецот Димитар Каранфилович кој бил масон 18 степен, учествувал во договорот за обновување на Софиската масонска ложа. Под патронажа на „Великиот Исток на Португалија“, во 1883 година, во Софија била возобновена масонската ложа „Братство“, а за голем мајстор бил избран Димитар Каранфилович. Во текот на две години колку што ложата егзистирала, како плод на неговата активност ја реализирал иницијативата за формирање на Бугарскиот црвен крст. Во текот на Српско-бугарската војна во 1885 година, тој бил деловодител на Бугарскиот црвен крст и собирал помош за ранетите војници. Димитар во 1888 година имал неуспешен обид за обновување на ложата „Братство“, а подоцна ја снабдувал со потребната документација масонската ложа која дејствувала под покровителство на кнезот Фердинанд.

Димитар Каранфилович учествува во формирањето на Македонскиот комитет во 1895 година и е негов член (1895 – 1896). Целта за Комитетот била да издејствува полна политичка автономија на Македонија и Одринско, гарантирана од Големите сили. Весникот „Народна самозаштита“ ќе забележи дека на 10 април 1895 година Каранфилович, Ковачев, Диамандиев, Урумов и Полински учествува во комисијата која му доставува молба на бугарскиот кнез Фердинанд I да помогне во разрешување на македонското прашање. Иако делегацијата била примена учтиво, кнезот не дал позитивен одговор на барањата на македонските здруженија.
Според весникот, кнезот на Димитар и членовите на делегацијата им одговорил дека „Македонците треба да престанат со бесполезните агитации и дека траба да го послушаат да се вратат на мирните работи, оти во спротивен случај Македонците не можат да очекуваат поддршка од него“. Како што пишува весникот тој бил „убав одговор на кнезот на г. Ризов кој ги учеше Македонците да прават во Бугарија политика како членови на македонските друштва и да поддржуваат такви министри кои се борат за каузата на Македонија“. Во одговорот кој го пренесува весникот, уште стои дека „тоа е абсурд, дека ниту едно правителство нема да се заземе за разрешување на македонското прашање, зошто тоа е еднакво Бугарија да се готви за војна со Турција“.
Велешаните Димитар Каранфилович и Антон Драндар биле мошне блиски со бугарскиот двор. Така да во зависност од условите во кои работел и дејствувал, Димитар како и Антон Драндар различно пристапувал кон Македонија и македонското прашање. Сепак тој во голема мера има македонистички погледи и го поддржувал македонскиот политички сепаратизам.

Димитар Каранфилович умира на 26 декември 1906 година во Софија, а по неговите стапки продолжува неговиот внук и војвода, Панајот Каранфилович.
Васил Дијамандиев (30 јануари 1839 – 1 мај 1912) — македонски просветен работник, публицист и револуционер.
Роден е во Охрид. Основно образование завршил во родниот град. Учителствува во Охридско (1855-1857). Потоа го продолжува студирањето во Русија (1858 година). На Московскиот и Киевскиот универзитет посетува студии по физика и математика.
Се вратил во Македонија и учителствувал во Кукуш (1861-1866 година), Велес и Охрид (1867-1868). Паднал во немилост на патријаршискиот грчки владика во Охрид, кој успеал преку интриги, со помош на турските власти, да го затворат. Откако излегол од затвор, по трет пат оди во Русија. Работел како учител во Бесарабија, каде што истовремено ги редактирал и весниците „Ехо на Болград“ и „Јалпуг“ (1872-1873).
Бил мошне активен по избувнувањето на Српско-турската војна (1876 година). Тој бил иницијатор за основање на комитет за помагање на борбата на другите балкански народи за ослободивање од турското владеење. Со оваа цел, се сретнал во Букурешт, со бугарските првенци Георги Раковски, Хаџи Димитар, Стефан Караџа и други.[1]
Руско-турска војна
За време на руско-турската војна (1877-1878) го активирал споменатиот комитет. После Берлинскиот конгрес (1878) испраќал петиции до големите сили за решавање на македонското прашање.[1][2]
Македонско востание
За време на Македонското востание станал член на софискиот комитет „Единство“.
Кога во 1880 г. во Грамен Теке, Островско, Егејска Македонија, се одржало Македонско национално собрание и се формирала Привремена влада на Македонија – Единство, во Русе, Бугарија, ја формирал Македонската лига, составена главно од Македонци кои учествувале во Руско-турската војна (1877-1878). Лигата е едно од првите здруженија на Македонци во Бугарија. Васил Дијамандиев бил нејзин претседател,[ во времето кога Лигата испратила Меморандум до големите сили и Манифест до македонскиот народ со барање за автономија на Македонија со седиште во Солун и возобновување на Охридската архиепископија со седиште во Солун.
Од 1882 до 1884 г. во Софија го раководел Македонското благотворно друштво, а потоа работи во друштвото „Македонски глас“.
Во 1886 г. станува член на Тајниот македонски комитет. Организира испраќање на комитски чети од Бугарија во Македонија.
Својот бурен револуционерен, општествен и културно-просветен живот го завршува во 1912 година во бугарскиот главен град Софија.