Во Кортина замина Зоран Јовановски кој е прв наш натпреварувач на Зимски олимписки игри како параолимпиец

Скијачката федерација на Македонија со огромна гордост објавува дека Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада, на Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026.
Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја.
Искрена благодарност до целиот стручен тим:
Тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата,
Вангел Тркаљанов кој го донесе параскијањето во државата и организираше над 20 ски кампови,
Целиот организациски тим и сите кои придонесоа овој успех да стане реалност
Како федерација остануваме цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени, МkdSki.
Заедно создаваме историја, објави скијачката федерација на Македонија.
На својот Фејсбук ѕид параолимпиецот Зоран Јовновски напиша:
Бев во војска, дојдов дома на редовно, излегов во кафеана, двајца се скараа, едниот од нив извади пиштол … Пукаше, рикушет, цемент, стол, и куршумот заврши кај мене во кичма. 49 дена лежев во тогашна Воена болница.
Видов дека животот мора да продолжи. Сакам или не сакам, животот мора да продолжи, раскажа Зоран минатата година, во видео прилог за АД Славеј.
Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026, ќе се одржат од 6. до 15. март.




