Кога празникот се славеше два дена изворот на реални задоволства за работниците беше вториот ден – распален оган и месо на жар. Првиот ден добиваа само ветувања. Денес празникот е еднодневен и оттаму ја изгуби политичката конотација
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Последен пат бев на вистински првомајски протест во 2015 година. Беше импресивно. Заеднички го организираа само некои грански синдикати во рамките на ССМ, се сеќавам на УПОЗ, да речеме, но доста протестанти донесе тогаш полетната Левица, онаа истата чии печати ги открадна оној денешниот класичен десничар и неколку лица околу него. Масовноста всушност ја обезбеди владината политика која своето антиработништво го манифестираше со скапо платените огласи во медиумите во светот од типот „дојдете кај нас, ние имаме најниски плати во светот!“
Фактот дека на овој начин премиерот Груевски ја искажуваше својата привлечност за инвеститорите секако даваше доволно простор за домашните газди да им го скусат губерот на македонските работници.
Како пример можеме да го покажеме доаѓањето на германскиот „Дрекселмаер“ во Кавадарци во 2012 година, до која дојде низ фактот дека германскиот гигант набрзина го напушти капацитетот во Тунис, после т.н. арапска пролет. Мотив – се бараше соодветно место каде платите се најблиски до оние африканските!? Околу оваа фирма која вработи над 4.000 работници, имаше многу реакции. Таму и покрај фактот дека платите ги исплатуваше државата (!) тие беа изразито ниски, просто незамисливи за било која фирми во северната хемиосфера! На пример, заменик на генералниот директор (инаку на таа фунција беше некогашниот директор на Фондот за здравство) земеше плата со вредност од 8.000 денари! Барем на толку беше пријавен. Работниците немаа никаква заштита на работните места, се возеа од работа до дома и назад натискани во автобуси така што не можеа да дишат (работниците доаѓаа и од Прилеп и Велес) а не дај боже да се повредеа ма работно место или да прашаа за тоа кое им е работното време…
Она што тогаш веќе се нарекуваше „мека диктатура“ значеше буквална стравовлада кога се работеше и за работните односи. Додека политичкиот врв трупаше богатства како да сме во државата на Папа Док (Хаити) или некоја слична современа султанија (а денес со тие така заработени пари милијардерите гледаме си ги купува и годините пресметан затвор или се ужива во егзил во странство!), странците беа мамени да дојдат кај нас и да врз ниов да се примени најлоша форма на експлоатација. А работниците згора треба да сметаат дека се вработени преку партиска протекција. И со тоа им се залепуваше устата за било каков вид на протест.
На шведската маса на привлегиите на милијардерскиот врв (во евра) кај нас лежеше и синдикалната молчаливост. Таканаречениот претседател на ССМ, Живко Митревски, вистински сатрап врз расботничките права едноставно беше „пипало“ на таа диктатура. Со помош на судовите и најмените бодигарди тој дури и ги избрка своите колеги (гранските синдикати) од Работничкиот дом, па тие заминаа да бидат „кираџии“.
Цели седум години Митревски го претвори Домот во свој замок а беше променет дури по смената на власта, во 2017 година, иако се чинеше дека има кругови во институциите кои би го поддржувале и натаму. Колку Митревски беше „мек стомак“ за мерките на економската политика на власта се покажа кога ССМ даде целосна поддршка за промените во законот што ВМРО-ДПМНЕ го донесе на почетокот на 2015 година со цел и хонорарците да плаќаат придонеси. Таа мерка доживеа тотален дебакл, двата месеца додека се спроведуваше настана хаос во платниот систем, се водеа жестоки протести, за потоа Владата да се повлече целосно..
При тоа, јасно, овој Закон немаше отпор и кај другите синдикати (оние пајтон друштва) но стана дел од отпорот на шарената револуција, бидејќи, ги погоди токму оние наши сограѓани кои ја сочинуваат работничката класа на совремието. Тоа се оние лица кои немаат постојан извор на приходи (некој вид на лумпен пролетеријат), кои се главно млади, образовани и живеат од повремени хонорари. За таа класа постои и посебно име – прекаријат и тоа е секако посебна тема, но тогаш го покажа за прв пат своето обединување.
Генерално, протестите на работниците се јавувале само тогаш кога тие беа во функција на „најнародната партија“, за потоа, кога таа ќе дојде на власт, неофицијално, да бидат забранети или потиснати во давањето на отпор. Утешно е секако што прославите на Први мај во историјата најчесто биле дел од една номенклатура на политиката која ветува, па се создаде и еден афоризам (во екс-Југославија) дека Први мај е први април на работничката класа. Ветувања, ветувања, ветувања… Па затоа оние во сини јакни повеќе уживаа во вртењето на ражните на вториот мајски ден откоплку во денот на говорите за нивните права. Враќањето на либерализмот кај нас доведе до тоа од 2007 година (на стартот на владеењето на Груевски) да биде укинат Така излетите главно ја истуркаа политичката нота и се претворија само во празник на умерениот хедонизам, доколку времето биде убаво.
За тоа сепак кој колку исполнува од ветувањата, при промените на врвот на државата кај нас, покажува движењето на минималната плата, според внимателните статистичари:
– работници во 2015 година го прославиле 1 Мај со 8.050 денари минимална плата;
– работници во 2017 година го прославиле 1 Мај со 9.000 денари минимална плата;
– работници во 2019 година го прославиле 1 Мај со 12.000 денари минимална плата;
– работници во 2020 година го прославиле 1 Мај со 14.500 денари минимална плата;
– работниците во 2022 година го прославуваат 1 Мај со 18.000 денари минимална плата.
За потсетување, кога новиот премиер Љубчо Георгиевски дојде во ССМ во 1998 година, се водеше дијалог за тоа најниската плата да биде 150 германски марки или 75 денешни евра.