ЕЛЕНА МИХАЈЛОВСКА СТРТАТИЛАТИ
Еуфоричната театрализација и медијатизација на националистичкиот Етос како единствена политичка мобилизација на опозицијата се обидува да го претвори колективот во толпа која е способна да се издигне само до негација. НЕ за уставните измени! Дали тој начин секогаш и единствено да се кажува „не“ создава една празнина, ментална празнина, морална празнина
Динамиката на малите балкански национализми продолжува да сведочи дека се уште не сме дораснати на новата космополитска култура на сеќавање. Националните дискурси се уште гаат параноична амбиција на полето на колективното сеќавање и заборавање да воведат идентитетски ред. Минатото се воспоставува како отворена област на постојана војна на сеќавањето (и контра-сеќавањето) со цел да се подмират неподмирените сметки со драматичното минато, преполно злосторства и неправди. Во ритуализираниот поредок на државните сеќавања нема простор за уверувањето дека осмислувањето на својата и заедничката иднина е нераскинливо поврзано со самоодговорното толкување на антагонистичкото минато.
Ваквата динамика на бирократска конфискација и узурпација на националните сеќавања и заборавања нè внесе во костец со националистичките наративи на соседна Бугарија, сега кренати на ниво на државна политика на условување на македонските стратешки одлуки. Како и да е, бугарската политика на условување на членството на Северна Македонија во ЕУ, нивното признавање/непризнавање на македонскиот идентитет и јазик, иронично, станува тест на нашето себе-разбирање. Па така, додека власта се обидува со додавање на бугарското малцинство во Преамбулата да ја оттргне бугарската агресивна теза со која не можеше да се преговара (а тоа е еден народ во две држави) и низ условените уставни промени да ја искористи историската можност за успешно решавање на уште еден идентитетски спор по оној со Грција/Преспанскиот договор (што е ретко искуство во Европа), се зголемува бројот на „национално свесни“ општествено политички „дејци“ кои еден по еден паѓаат во „ослободувачката бездна на традицијата“. Заедно со политичката опозиција тие создаваат една идеолошки пореметена, делирична политичка сцена на грозничава националистичка самозатруеност. Овој факт упатува на околноста дека демократските доблести се уште не успеале да го пополнат оној вакуум во колективниот идентитет, кој (само)деструктивниот национализам (посебно Груевизмот) го опустоши.
Напротив, еуфоричната театрализација и медијатизација на националистичкиот Етос како единствена политичка мобилизација на опозицијата се обидува да го претвори колективот во толпа која е способна да се издигне само до негација. НЕ за уставните измени! Дали тој начин секогаш и единствено да се кажува „не“ создава една празнина, ментална празнина, морална празнина, која може, согласно со својството на празнината, еднаш да биде брзо и лошо исполнета? Оној кој само повторува: „Јас себе си се дефинирам со „не“, мојата свест се раѓа за да каже „не“ (НЕ на уставните измени; НЕ на Преспанскиот договор; НЕ на Рамковниот договор; НЕ на ЕУ, итн …) го поставува системот на несигурност, го организира својот метафизички бродолом. Негацијата (во смисла на релационо со ништо задоволено „не“, заради отсуство на знаење, етички став и одговорност да се мисли) е агресивен, нечист сомнеж, преобратен догматизам, волја неспособна да се определи за нешто друго освен за отсутност која исклучува секаков праг на вредности и секаков присилен критериум.
Под водство на „интелектуалните скептици“ на опозицијата расеани по правните факултети, академијата, во виртуеалниот простор – ова негирање станува еднакво на некаков програм, негација не како празнотија, туку како исполнетост, немирна и нападна исполнетост. Бескрајниот карактер на испрашувањето на скептикот: што ќе се случи ако Бугарија постави нови услови; ако бугарското малцинство влезе во Парламентот; ако ЕУ повторно не нѐ прими, ако ЕУ се реформира, итн…. бескрајно нѐ задржува во апоретичниот, недопуштениот момент, во она што тој се чини дека го именува како присуство. Тој не трага за вистина, туку за несигурност, за бескрајна запрашаност. Запрашаноста која е негова страст, негова авантура, негово пресметано мачеништво, владее со сите негови мисли и потфати. Па сепак, овој скептик, колку по метод, толку и по потреба, реагира како фанатик, и не може да се ослободи од сопствените опсесии, пред се од самиот себе. Така ова „интелектуално“ трагање на кое тој нѐ осудува се сведува на методичен пад во бездна. Далеку од тоа да биде „одговорност на интелектуалецот“, повеќе е садизам, крајност во движењето а духот, бидејќи се послужил со своите негодувања, како и со своите амбиции.
После долга интимност со сомнежот, толпата на негацијата достигнува посебен облик на гордост: можеби не веруваат дека се поталентирани од другите, но се секако помалку наивни од нив. Наспроти свемирот на лесноверните, ќе стоиме како самотик, со последица дека нема да можеме ништо за никој, како што никој не ќе може ништо за нас.
Како и да е, додека овој празен скептицизам се обидува одозгоре на негацијата да и даде некакво рацио, одоздолу ја оддржува и зајакнува низ едно (неискажано или полуискажано) фантазмично сценарио на Татковината кое ја организира неговата економија на уживање. Како што објаснува Рената Салецл, фантазијата дава конзистентност на она што го нарекуваме „реалност“. Фантазијата функционира како сценарио кое ја прикрива крајната недоследност на општеството. Тоа е токму Татковината која го пополнува празното место на нацијата во симболичната структура на општеството. Татковината е структурата на фантазијата, сценариото преку кое општеството се доживува себеси како хомоген ентитет.
Преамбулата на Уставот во случајов станува сублиматот на Татковината. Таа е она што нашите несудени уставотворки го нарекуваат: приказната, телосот, филозофијата, метафизиката. Оттука таа добива клучно место, станува фокална точка во фантазмичното сценарио низ кое се креира идентитетот на нацијата. А за нашите „интелектуални скептици“ и нивното морално мнозинство тоа е фантазмичното сценарио на европската нација-држава од 19тиот век и нејзината моно-етничка концепција.
Оттука залудни се обидите на власта да комуницира образложение за безопасноста (уште помалку добродојденоста) на уставните измени. Во основа секое објаснување на власта кај толпата на негација само продуцира бес кој ниту едно аргументирање не може да го скроти. Тој бес оди далеку преку бугарското малцинство, наназад до албанското малцинство и Рамковниот договор кога е направен примарниот грев на изместување на приказната (можеби дури и до 1991 година кога е направен Уставот како граѓански, а не „национален“). Како што објаснува Салецл, најстрашното насилство се случува кога субјектот е допрен во неговото внатрешно битие на таков начин што приказната што тој или таа си ја кажува себе си повеќе нема смисла. Кога фантазијата на субјектот е уништена (во овој случај фантазијата за чистотата на националната целина), тој повеќе нема идентитет и очајнички се обидува да создаде нова приказна за себе си.
Овој скептик и неговата толпа на негација сонува за еден предаторски идентитет. Се срами од сопствената историја на меѓуетничка толеранција и опстојување без асимилирање на другите, кое го гледа како сопствена слабост и (ставено во контекст на нахалниот албански национализам и лош вкус на провоцирање) како глупост. Се жести на самиот поим мултикултурализам и на секое споменување на мултикултурниот карактер на државата, на кој гледа како на експеримент кој му го наметнуваат западните сили со чии устави мафта за да докаже дека е измамен. „Граѓанскиот концепт“ (во некоја негова извртена верзија) сега станува неговото последно упориште кое треба да ги елиминира Другите од приказната.
Тој вели: ЕУ и САД ни нудат нешто за што ни кажуваат дека во секој случај е подобро од состојбата во која сме денес (ЕУ интеграција, но условена со измени на Уставот, со уцени, под бугарски диктат) и се прашуваат зошто не го прифаќаме? Се разбира, како може да биде подобро кога тоа не е еднаквост, почнувајќи со еднакво право да се разговара за условите на решението, за преговарање, туку условување. Неговото мото е „еднаквост или ништо“, што звучи нереално и радикално, но всушност е неверојатно. Ако го ставите проблемот со Бугарија во овие термини (како и претходно со Грција), се чини дека е апсолутно нерешлив. Меѓутоа, мора да ја погледнеме ситуацијата од друга страна: самата еднаквост, маѓепсан круг кој е неопходен за решение е всушност нејзиниот ПРОИЗВОД. Тоа е она што можеме да го извлечеме од македонската ситуација: идејата дека мораме постојано, одново и одново да измислуваме решенија.
Но за „интелектуалниот“ скептик ТОА го нема во теоријата. Токму затворањето на светогледот или интелектуалниот систем е тука во прашање и затворањето има врска со идејата дека теоријата однапред го предвидува и опишува моментот кога реалното и рационалното ќе паднат заедно, кажано во хегеловски термини. Ние можеме до недоглед теоретски да ги „откопуваме“ и елаборираме (да се надеваме на добар и интелигентен начин) противречностите кои лежат во срцето на проблемите, но не и да се приближуваме до можноста за практични решенија кои во политиката, како и во животот не можат да се предвидат од теоријата. Иднината на решението или практичната цел на теоријата не е нешто што теоријата може да го предвиди, бидејќи ако теоријата би можела да ја предвиди и да ја опише однапред, тоа не би било ново. Да не беше ново, немаше да не извади од проблемот во кој се наоѓаме. Во оваа смисла изгледаат и помалку инфантилно барањата за „теоретски“ анализи, како онаа на претседателот на МАНУ кој бараше Институцијата да понуди научна и аргументирана анализа на Договорот од Преспа (најверојатно за пост-фестум да докаже разнебитување на ткивото/нацијата, бидејќи е еден од носителите на фантазмичното сценарио во кое Македонецот е принуден сопствените победи да ги гледа како порази). Сепак, можеби и пострашен од несвесниот расизам на МАНУ е неговиот свесен конформизам. Не-мислата затскриена зад некаков „правен авторитет“ кој лизга низ прстите на секоја и секаква власт е многу поопасна од неограничената глупоќа (дури некако наивно ставена отворено пред сите) затоа што тука во прашање е опортунизам кој ништи секаква разлика меѓу добро и зло. Овие фрагментарни хуманитети и нивните загари (истренирани авторитарни догматици) по правните факултети низ државата со децении го реформираат нашиот правен систем. Нивните сегашни барања за уставни измени како иден „правен“, а не „политички“ процес (сакале не сега мали и избрзани политички измени, туку идно научно споро работење на целиот Устав?) е повторно истата интелектуална поза со која како „мудрост/разум“ треба да го покријат отсуството на етичко-интелектуален став во моментите кога тој мора да се има и притоа повторно да се сместат себе си во центарот на реформаторските проекти (пари со јалови резултати како и секогаш). Ваквиот КОМЕРЦИЈАЛЕН АКАДЕМИЗАМ (пред кој секоја наша власт се поклонува или го купува) Алан Бадју го именува како едно од четирите зла со кои етиката на вистина секогаш се враќа да се бори……
Преамбулата е непрекината приказна, како што е Уставот. Го легитимира Уставот само ако се ажурира. Почитувањето на достигнувањата основоположниците не може да опстане доколку не се ажурира. Сегашниот предлог за нејзиното дополнување (со дополнување на етникумите кои се споменуваат) само понатаму ја ажурира и не скршнува од приказната која уставотворците ја раскажуваат од самиот почеток. Тоа е „македонската приказна“, втемелена во македонските реалности, а не во некаков универзалистички поим за мултикултурна или космополитска правда. Нè внесува во еден модус виденди кој не се обидува да ја смири или прослави разликата како таква. Кој само се обидува да ги смири екстремистичките дејства што може да произлезат од искривената верзија на разликата. Кој, исто така, се обидува да ја посредува разликата, не со нејзина заштита (ова е премногу патерналистички пристап), туку со виртуелизирање на значењата што го сочинуваат нашиот национален идентитет.
Сепак ваквата ситуираност не го напушта оној основен принцип кој ни кажува дека човекот е разумно и морално суштество повеќе отколку суштество заробено во овој или оној јазик, припадник/член на оваа или онаа култура. Преамбулата не се обидува да нè зароби во нашите етнички идентитети, но истовремено и не се обидува да го користи граѓанскиот концепт како замена за апстрактната идеја за разграничување меѓу доминантната култура и проектираната слика на Другиот (на која некои од западноевропските устави и нивните балкански реплики се толку приклонети). Повеќе е прокламирање на вечното заедништво на кое сме осудени, како заедничка, свесно и со задоволство прегрната судбина. Судбина на луѓе кои се доволно силни за овој заеднички пат, луѓе на толеранција не од слабост, туку од сила. Па така, Преамбулата обезбедува единство без да наметне униформност, без да забранува промени, таа обединува како заеднички фокус на внимание. Нè повикува и поттикнува да правиме одговорни избори. Тоа е етичкиот поредок (Sittlichkeit на Хегел) кој ја држи заедницата заедно, етичкиот живот кој го дава „националниот лепак“.
Денес сме повторно во едно живо место на нашето постоење, кое се случува само еднаш и кое нема да може да се врати. До него нѐ донесе Преспанскиот договор, не како една неволја во друга, туку како нова можност препреките да се претворат во нови патишта. Парадоксално, нашето условено исчекорување напред и несигурното ветување на Европската унија ја исцртува и можноста од едно поинаквo себеразбирање, демократизација на националната самосвест. Македонецот се менува низ одалечените скокови на своето искуство – и еве нешто што вдахновената доктрина не го поима! Убавината на народот, исто како и на човекот, е во тоа да се реконструира – според максимумот на сопственото сознание на самиот себе ускладен со максимумот на сопственото искуство во однос на сопствената материја – која е се останато.
Македонскиот национален идентитет е парче кое учествува во поголемата слика на сложувалката и кое е во интеракција со другите парчиња, дали преку едноставен заплет или преку слепите сили на глобализацијата, силите на европеизацијата или било кои други сили претходно. Националниот идентитет може да се асимилира со сите овие работи, но повторно, реално гледано, националните идентитети се по дефиниција загадочно нешто. Тоа значи дека тие имаат тенденција (носат капацитет) да станат и демократско нешто.