Поводот за променување на поданичкиот однос на неколку пратеници кон нивниот идеолошки гуру Груевски на 19 октомври беше оправдан, гледано не само од од аспект на општествената целисходност. Имено, на јавна сцена видовме дека осудуваните од Мицковски опозициски пратеници направија да се воспостави слика за вистинска, правична хиерахија на вината во земјава за натрупаните гревови од секако вид. Најголемите „риби“ на врвот на одговорноста а другите под нив – тоа е новиот однос на силите
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Кога излезе дека за поведување на постапка за усвојување на амандмани на Уставот на земјава а во контекст на прифаќање на Договорот од Преспа ќе се гласа на 19 октомври, напишав на Фејсбук дека тоа е малку незгодно – тој ден во православниот календар стои дека е посветен на апостолот Свети Тома. Еден скептичен светец треба да биде „покровител“ на таа клучна точка во нашата понова историја! Или, гласањето во кое пратениците од владеачката коалиција треба да добијат еден грст гласови од опозициските редови е под „покровителство“ на неверниот Тома?! Не мириса на најдобро или барем – неизвесноста е максимална …
Во тој контекст доаѓа и Палмеровата посета и помошникот државен секретар на САД како да знаел дека петокот, мора да биде денот Д за земјав.,Бидејќи претседателот на Парламентот има меѓународни обврски за викендот а потоа во вторникот имаме државен празник, па токму понеделникот е времето кога доаѓа „преслушувањето“ Таа посета веројатно би одела во охрабрување за поддршка на ѕидање на довербата кон Преспанскиот договор, но и потсетување да не се повторат вообичаените партиски методи на контрирање кон се’ што има прогресивна конотација во едно здраво општество. Ова секако се однесува на ВМРО ДПМНЕ, со чии претставници Палмер нема да има директен контакт, бидејќи најавена е вонредна седница на оваа партија на која се очекуваат промени на врвот. Тоа не е факт кој е поволен за било каква средба на врвот на партијата (кој врв?) со било кој странец, колку и да е моќен. Не е добро ниту за гостинот, секако.
Палмер доаѓа веројатно за некому од ВМРО ДПМНЕ да не му текне одново да ги изневери сите оние ветувања кои се дадени кон Вашингтон, секако и кон Виена, Берлин, Париз… а кои се дел од програмските определби, слушнати илјада пати, дека на пример вмроовците за правна држава. Тие принципи беа брутални задушувани со години наназад а особено во месеците пред и после потпишувањето на Преспанскиот договор. Ова „парче хартија“, кое толку значи за земјава и регионот а кое се задуши во приказната за „предавството“, всушност беше само начин да ги зачува на слобода еден грст луѓе, можеби и помалку, тие да не одат на долгогодишна заслужена робија, лицемерно жртвувајќи се’ околу себе, па дури и најголемите нивни поклоници, кои пак во меѓувреме осознаа дека не вредат ни колку „лист тутун“ и дека едноставно ќе го „изедат стапот“.
Всушност, тие слики од нашето секојдневие се централното обележје на односот на поранешната власт кон целиот систем: фатени во стотици нечесни дејства, во срамна незаситност и бесчестие, ограбување на една од најсиромашните земји на планетата, една мала група македонски граѓани јасно покажа дека е подготвена да жртвува се’, дури и иднината на следните генерации, само да ја спаси својата гола кожа и смисолот на постоењето на далечните сметки во белосветски банки. Лидерот на таа група – Груевски е способен да поттикне пуч во земјата, да ги наостри своите пулени да извршат масовен напад врз Парламентот, додека тој се крие во Виена и потоа, кога пучот ќе пропадне, како ништо да не било да се врати и на аеродромот Петровец да ги осуди своите заведени борци дека се однесувале варварски. Навистина, тие тогаш посочени и укорени знаеја одвреме- навреме да му замерат на својот лидер за таквиот превртлив однос кон нив, но тоа се забораваше бргу.
Овој пат, од петокот навечер наваму, имаме нешто поинаков однос: дел од оние кои веројатно ќе бидат казнети за своите следења на нивниот идеолошки гуру, што се вели „ќе робијаат“, се сведоци дека казните за клучните криминалци ќе доцнат, можат да бидат симболични или како што и овие месеци е повеќе од видливо – се можен предмет на политичко пазарење! Поводот за променување на поданичкиот однос на барем пет пратеници кон нивниот идеолошки гуру Груевски на 19 октомври беше оправдан, гледан не само од аспект на општествената целисходност (отстранување на пречките за влез во значајни и перспективни асоцијации како НАТО и ЕУ). Имено, на јавна сцена видовме дека дел од осудуваните опозициски пратеници од страна на Мицковски (исклучени експресно и од партијата) направија да се воспостави вистинска, правична хиерахија на вината во земјава за натрупаните гревови од секако вид. Најголемите „риби“ да останат на врвот а другите да бидат само под нив – тоа е новиот однос на силите и порака на Авировиќ, Мукоски, Арнаудов, Василевски и посебно Канчевска Милевска. Со исклучок на оние пратеници кои немаат никакво обвинување кон себе – Емилија Александрова, Нола Исмаиловска Старова и Зекир Рамчиловиќ, кои немаа никаков додатен мотив за нивниот глас „за“ освен општата корист од таа одлука, додека другите пет „предавници“ имаа зад себе некаква фатва од СЈО.
Да се потсетиме само, во овие денови, кога по малку го симнуваме стресот од себе како граѓани на оваа измачена земја, столчена од злата судбина кои и ја нанесуваа и душманите, но уште почесто и таканаречените патриоти, дека за прв пат го видовме толку лут и растрчан како куршум експремиерот Груевски. Имено, во четвртокот, на 18 октомври, додека излегуваше од Кривичниот суд, место перчење пред камерите или давање на изјави полни со цинизам во однос на своите прогонители, тој иташе кон Парламентот за целосно да го преземе кормилото на својата одбрана! Дознавајќи од своите доушници дека го изгубил и последниот „правен лек“ за првиот предмет со конечна пресуда, заради што мора дефинитивно да оди во затвор, Груевски се постави како човек кој безбели со камшик во раката ќе ги дисциплинира „до даска“ своите сопартијци – пратеници.
Груевски речиси не излегувал од зградата на Собранието, каде формално е се уште пратеник, поминувајќи часови во сатанизирање на оние кои мислат да гласаат за предлогот на уставните измени. Последните часови пред најавеното гласање очајно и многу луто одел од човек на човек, неговите „пулени“ стоеле речиси потпрени на ѕидот на просторијата пред главниот влез во собраниската сала. Постојано биле пребројувани неговите пратеници, биле тестирани дали остануваат верни „на камата и пиштолот“ и како што часовите одминувале било јасно дека Груевски ја нема контролата врз својот пратенички тим, каде недостасуваат одреден број на веројатни „неверници“.
Како што се дознава, поголем дел од оние кои тој ден биле „неверни“, биле застрашувани дека не смеат да излезат од дома, дека дури во еден миг наводно побарале полициска асистенција за да стигнат на своето работно место. Најтврда од сите била ексминистерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, која нејзиниот довчерашен гуру ја нарекуваше Бетка, како израз на посебна милост – таа си дошла во Собранието сама, било со својата партиска група до крајот, до гласањето и упорно го одбивала убедувањето на својот некогашен шеф да го смени своето мислење кое во еден од говорите претходните денови и го најавила! Малку дискретно, ама значајно, таа потсети дека пред себе имаме значајна, историска ролја! Влегла со сопартијците кога и тие во салата за да гласа, го издржала нивниот презрив поглед кога тие станале и потпрени до ѕид, со поглед ги стрелале „предавниците“ . Другите седуммина опоненти на ставот на ДПМНЕ влегле од другиот влез во салата, за да не бидат „инфицирани“ со омразата кон нив. Нивното отсуство пред „судот на партијата“ во текот на поголем дел од денот (петокот) ги олади погледите и страста на највисоките по хиерархија пратеници (Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Влатко Ѓорчев…) во мигот кога тврдеа дека за нив гласањето може да почне.
И гласањето почна, со задоцнување, но без замерки за процедурата, ниту од опозицијата. Се отиде најпрвин на гласање со притиснување на копчето. Потоа се отиде – на барање на опозицијата – на поединечно изјаснување, што требаше да биде дополнителен притисок врз „неверните“. Но, тие издржаа и клепсидрата се преврти. Колку за Свети Тома, може ли овој ден да стане државна слава? Кога библиските елементи веќе беа присутни таму, во Парламентот, особено со прашањето на опростувањето, кое немаше правен квалификатив, како што беше споменато? Но, тоа е прашање што си бара посебен простор.