Низата изјави на високите претставници на Европската Унија и на пооделни земји членки се политички важни и даваат тон на севкупната атмосфера, меѓутоа немаат формално правна валидност бидејќи она што останува да важи се само заклучоците, одлуките и правните акти кои се донесени или усвоени во соодветна правна процедура
ДРАГАН ТИЛЕВ
Изминативе неколку недели во центарот на вниманието на јавноста беше почетокот на пристапните преговори за наше полноправно членство во Европската Унија. Поради жестоката реторика и многуте непознаници кои го следеа тој историски чин, со право беа поставувани многу прашања на кои треба да се одговори. Селектирав неколку и дадов одговори на прашањата како мое стручно лично видување.
Дали пристапните преговори започнаа?
Да, од формално правен аспект пристапните преговори меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија официјално започнаа на 19 јули 2022 година. Да не заборавиме дека одлуката за тоа да се отворат пристапните преговори е донесена во март 2020 година од страна на Советот на ЕУ за општи работи, со едногласност на сите 27 земји членки, при што ѝ беше даден и мандат на Европската комисија да ја подготви преговарачката рамка со која се дефинираат условите под кои Северна Македонија ќе може да биде примена како полноправна членка во ЕУ.
Европската комисија веднаш подготви Нацрт-текст на преговарачката рамка кој беше преземен од страна на германското претседателство (јули−декември 2020) кое, од своја страна, пак, поднесе Предлог-текст на преговарачката рамка до телата на Советот на ЕУ. Усвојувањето на Предлог-текстот беше блокиран од страна на Бугарија која настојуваше нивните билатерални барања (рамковната позиција на Владата и Декларацијата на Собранието на Бугарија од 2019 година) да станат составен дел од преговарачката рамка со образложение дека тие барања се дел од Договорот за добрососедство и се дел од оценката за добрососедски односи во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација заедно со Преспанскиот договор.
Откако Бугарија успеа да внесе поголем дел од своите билатерални барања во преговарачката рамка, т.н. „француски предлог“, бидејќи преговорите беа водени во текот на француското претседавање со Советот на ЕУ, беше усвоена Предлог-преговарачката рамка на вонредна седница на своето национално собрание. Веднаш потоа, на 17 јули 2022 година, МНР на Бугарија и Северна Македонија го усогласија и го потпишаа билатералниот Протокол согласно член 12 од Договорот за добрососедство (заедничката меѓувладина комисија). Во итна писмена процедура, на 18 јули, на вонредна седница Советот на ЕУ официјално го прифати текстот на преговарачката рамка, усвоен со едногласност. Условот, рефлектиран и во официјалните Заклучоци на Советот на ЕУ од 18 јули под кој Бугарија ја даде својата согласност е Република Северна Македонија да направи измени и дополненија на својот Устав.
Врз основа на овие политички и формално правни чекори, на 19 јули е отворена првата фаза од Меѓувладината конференција (МВК) за преговори на Европската Унија со Република Северна Македонија за наше полноправно членство во ЕУ, во формат на Политичка меѓувладина конференција. Комплетирањето на отворањето на Меѓувладината конференција ќе се случи, без нова политичка одлука на Советот, што значи би требало да се случи по автоматизам, откако ќе ја завршиме во целост постапката за измени и дополненија на нашиот Устав.
Отворањето на Меѓувладината конференција (МВК) е политичка одлука и таа е донесена од сите 27 земји членки со едногласност. Кога МВК ќе се отвори, таа останува отворена сè додека траат пристапните преговори, односно додека не резултираат со потпишување и ратификација на пристапен договор за полноправно членство.
Дали е направено одвојување на Албанија од Северна Македонија во пристапниот процес?
Де јуре, не, бидејќи двете држави од формално правен апсект во ист ден ја отворија својата меѓувладина конференција. Но, де факто, да, раздвојување е направено, и тоа наскоро ќе стане многу повидливо доколку Северна Македонија не ја исполни својата преземена обврска за уставни измени.
Имено, Албанија реализираше Меѓувладина конференција со презентирање на нивната Преговарачка рамка, а Северна Македонија реализираше Политичка меѓувладина конференција на која се презентирани чекорите до следната МВК со која треба да се комплетира процесот на отворање на МВК, односно на првата МВК ни беше наметната и првата „политичка одредница“, промена на Уставот.
Доколку се навлезе и во продлабочена анализа на текстот на преговарачките рамки за Албанија и за Северна Македонија, разликите ќе станат уште поочигледни и ќе стане јасно дека е нарушен основниот принцип на Новата методологија, а тоа е пристапните преговори да бидат фер и идентични за сите аспиранти за членство од Западниот Балкан.
Дали започна процесот на скрининг за двете земји, Северна Македонија и Албанија?
Да, скрининг процесот или преглед на европското право кое е предмет на пристапните преговори и чие прифаќање и имплементација е услов за полноправно членство е започнато за двете држави паралелно, и за Северна Македонија и за Албанија, и тоа веднаш по реализираните меѓувладини конференции.
Скринингот се одвива во два дела, и тоа прво, објаснувачки скрининг кога стручните служби на Европската комсија им го објаснуваат европското право во шесте кластери (согласно Новата методологија), односно 33 поглавја и второ, билатерален скрининг, кога националните експерти ѝ го презентираат на Европската комисија степенот на усогласеност на нашето законодавство со тоа на ЕУ, како и нашите планови за целосна хармонизација во одреден временски период. Согласно политичката изјава од наша страна на 19 јули 2022 година, нашата временска визија и амбиција е целосната хармонизација да се случи најдоцна до 2030 година.
Двете фази на скринингот се очекува да започнат во септември оваа година и да траат до ноември 2023 година. Напоменувам дека објаснувачкиот скрининг беше реализиран во периодот од септември 2018 до декември 2019 година, но делумно ќе треба да се освежи поради фактот дека во овој меѓупериод (2019−2022) се усвоени нови правни акти во речиси сите кластери и поглавја.
Дали Преговарачката рамка е финална?
Да, Преговарачката рамка е финална, усвоена на Советот на ЕУ од 18 јули со едногласност и е речиси неможно да се промени. Теоретски, единствената можност за промена на Преговарачката рамка е сите 27 земји членки да се согласат да ја променат низ иста постапка како и кога беше усвоена. Нагласувам дека Преговарачката рамка, како и сите други правни акти на Европската Унија, вклучително заклучоци и одлуки, се во исклучива надлежност на земјите членки и ние не сме и нема да бидеме дел од таа правна процедура сè додека не станеме рамноправна членка на Европската Унија.
Дали во Преговарачката рамка се поставени вонредни услови за прием на Северна Македонија во Европската Унија?
Да, дури и без продлабочена анализа на текстот и условите во преговарачките рамки кои важат за Црна Гора, Србија и сега за Албанија и за Северна Македонија може лесно да се заклучи дека за нас се наметнати вонредни и уникатни услови за полноправно членство во ЕУ, кои за другите земји кои се во пристапниот процес ги нема, ниту ги имало при претходните процеси на проширување. Тоа, пред сè, се однесува на имплементацијата на билатералните договори со Грција и Бугарија како дел од критериумот од Процесот за стабилизација и асоцијација за добрососедските односи, но и голем дел од дополнителните барања од страна на Бугарија кои сега се составен дел на Заклучоците на Советот на ЕУ, на општата позиција на Европската Унија и на Преговарачката рамка, а со тоа и на пристапните преговори.
Дали изјавите на ЕУ-политичарите се правно валидни?
Не, низата изјави на високите претставници на Европската Унија и на пооделни земји членки се политички важни и даваат тон на севкупната атмосфера, меѓутоа немаат формално правна валидност бидејќи она што останува да важи се само заклучоците, одлуките и правните акти кои се донесени или усвоени во соодветна правна процедура од страна на соодветните тела на Европската Унија кои имаат трајна правна валидност.
Дали Протоколот е дел од Преговарачката рамка, односно дел од пристапните преговори?
Не, формално Протоколот не е споменат во Преговарачката рамка како документ, но да, тој е дел од преговарачкиот процес. Имено, Протоколот поврзан со Договорот за добрососедство, добрососедските односи, како и со член 12 од Договорот (редовните годишни средби и прегледи на Заедничката меѓувладина комисија) се дел од Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, како и од Воведната изјава на ЕУ при отворањето на првата фаза од Меѓувладината конференција.
Исто така, како прилог кон Патоказот за владеење на првото, Акцискиот план покрај меѓународните норми за заштита на малцинствата, односно во нашиот случај и на заедниците, ќе треба да вклучи и дел од содржината и на Протоколот (за заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образованието, вклучително и наставните планови, програми и наставни средства). На овој начин, дел од Протоколот, преку Акцискиот план како прилог кон Патоказот за владеење на правото, ќе ја следи судбината на кластерот Фундаменти, односно ќе се отвори прв и ќе се затвори последен, при тоа исполнувајќи ги сите наметнати одредници за отворање на кластерот, времени одредници за динамизирање на пристапниот процес и на крајот одредниците за затворање на кластерот Фундаменти, а со тоа и на пристапните преговори во целина.
Дали нашата Преговарачка рамка ги содржи поглавјата 34 (Институции) и 35 (Друго) и дали за. нив ќе мора да се преговара на крајот пред членството во ЕУ?
Не, Преговарачката рамка за Северна Македонија (и таа на Албанија) не го содржи поглавјето 34 со кое се преговара нашето учество во институциите на ЕУ, но и признавањето на македонскиот јазик како автентичен јазик на основните договори на ЕУ и како јазик кој рамноправно ќе се употребува во сите институции на ЕУ, што е крајно проблематично. Не треба да се изгуби предвид унилатералната изјава на Бугарија за непризнавање на македонскиот јазик поднесена до Советот на ЕУ на 18 јули, ден пред отворањето на политичката МВК. Исто така Преговарачката рамка не го содржи ниту поглавјето 35 (Друго) со кое, всушност, се затвораат пристапните преговори.
Точно е дека Новата методологија не ги содржи овие две поглавја бидејќи тие поглавја или немаат воопшто (Поглавјето 35) или имаат едноставни правни акти (Поглавјето 34), но нема објаснување зошто тие не се дел од нашата Преговарачка рамка, а се дел од преговарачките рамки на Црна Гора и Србија, независно од факот дека се усвоени уште во 2012, односно 2013 година.
(Економија и бизнис)