ЕК предлага преговори во „кластери“ и право на земјите-членки да ги сопрат преговорите. Преговорите за прием на Албанија и Северна Македонија ќе одат врзано. Урсула фон дер Лајен, во јануари годинава порача дека нема да дозволи наметнување нови пречки за земјите кандидати.
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ
Предлогот за нова преговарачката методологија на ЕУ до кој дојде Дојче веле, предвидува поделба на процесот во тематски групи и право на земјите-членки да ги блокираат преговорите со кандидатите.
Државите кандидати за членство во ЕУ во иднина ќе преговараат за членство преку шест кластери во кои ќе бидат распоредени досегашните 32 поглавја. Ветувајќи покредибилен и подинамичен процес, во верзијата на документот кој сѐ уште не е конечен, Европската комисија најавува дека со новата агенда ќе ја поддржи трансформацијата на земјите од Западниот Балкан во функционални пазарни економии кои ќе можат целосно да се интегрираат во заедничкиот ЕУ-пазар, ќе отвори нови работни места и можности, ќе ги подобри бизнис и инвестициската клима, ќе му даде особено значење на владеењето на правото и ќе го запре одливот на мозоци од регионот.
Конечната верзија на новиот план на Брисел за регионот и генерално за политиката на проширување ќе биде претставена утре.
Впечаток од последната верзија на документот до која дојде Дојче веле е дека тој во голема мерка им удоволува на француските барања кои беа претставени во нон-пејперот на Париз во ноември минатата година. Двете клучни барања на Франција во тој документ беа заострување на условите и реверзибилност на процесот, и токму на тие прашања е ставен акцентот и во документот на ЕК.
Клучен фокус во идните преговори со ЕУ ќе биде ставен на фундаменталните реформи: владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите. Тоа ќе биде и првиот преговарачки кластер наречен „Фундаменти“, во кој ќе влезат пет досегашни поглавја:
*1. Фундаменти:
(23) Правосудство и основни права;
(24) Правда, Слобода и безбедност; Економски критериуми; Функционирање на демократски институции; Реформа на јавна администрација;
(5) Јавни набавки;
(18) Статистика и
(32) Финансиска контрола
Според ЕК, организацијата на преговорите во кластери ќе овозможи посилен фокус на клучните сектори во политичкиот дијалог и идентификување на најважните и итни реформи во секој сектор. Во основа, во овој дел и нема голема разлика со претходната метологија на ЕУ, затоа што и таа започнуваше и завршуваше со отворање и затворање на Поглавјата 23 и 24.
Дилемата – дали новата методологија ќе се однесува и на Србија и Црна Гора кои веќе преговараат, ЕК ја решава со понуда двете земји да продолжат да преговараат во кластери, но со нивна согласност и со почитување на актуелните поглавја.
Со новата методологија, како што беше најавено, Брисел предлага мерки за наградување, но и казнување на земјите-кандидати во зависност од нивниот напредок во процесот. Доколку земјите добро и брзо ги имплементираат реформите, можат да очекуваат „поблиска интеграција со ЕУ“ и приклучување кон пазари и програми, како и „засилено финансирање и инвестиции“.
Санкциите, односно реверзибилноста на процесот кој го бараше Франција, се дефинира како мерка која во иднина ќе може да ја донесува Европската комисија, но и земјите-членки. Особено ќе се санкционира назадувањето во фундаменталните услови. Доколку такво нешто се утврди, земјите-членки ќе имаат право да одлучат да запрат преговорите или да бидат суспендирани. Меѓу другите мерки кои ќе му стојат на располагање на Брисел ќе бидат суспензија на финансирањето, со исклучок на граѓанското општество, како и губење на бенефитите од поблиската интеграција, на пример, пристапот до програми на ЕУ и унилатералните концесии за пристап до пазари.
Останатите пет кластери кои ги предлага Комисијата ги опфаќаат сите преостанати поглавја по кои досега се преговараше. Тие суштински не се разликуваат многу од францускиот „нон-пејпер“ во кој се зборуваше за преговарачки „фази“. За разлика од Париз, Брисел сака уште во вториот кластер да се регулира слободното движење на луѓе и стоки, но прифаќа за земјоделската политика да се разговара дури на крајот на преговорите.
*2. Внатрешен пазар:
(1) Слободно движење на стоки;
(2) Слобода на движење на работници;
(3) Право на основање и слобода на давање услуги;
(4) Слободно движење на капитал;
(6) Закон за трговски друштва;
(7) Закон за заштита на интелектуална сопственост;
(8) Политика на конкурентност;
(9) Финансиски услуги;
(28) Здравствена заштита и заштита на потрошувачи.
Следниот, трет кластер, опфаќа 8 поглавја и е наречен
*3. Конкурентност и инклузивен раст:
(10) Информатичко општество и медиуми;
(16) Даноци;
(17) Економска и монетарна политика;
(19) Социјална политика и вработување;
(20) Индустриска политика;
(25) Наука и истражување;
(26) Образование и култура;
(29) Царинска унија
*4. Зелена агенда и одржлива поврзаност:
(14) Транспортна политика;
(15) Енергија;
(21) Трансевропска мрежа;
(27) Животна околина и климатски промени
*5. Ресурси, земјоделство и кохезија
(11) Земјоделство и рурален развој;
(12) Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика;
(13) Рибарство;
(22) Регионална политика и координација на структурни инструменти;
(33) Финансиски и буџетски одредби
*6. Надворешни односи
(30) Надворешни односи;
(31) Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
*Предлогот на Европската комисија не е конечен и официјален
Европската комисија ќе ѝ излезе во пресрет на Франција и ќе усвои промени во методологијата на преговарачкиот процес за членство во ЕУ, но нема да ги менува условите за членство, порача портпарол на ЕК во Брисел во пресрет на денешното претставување на измените. Со измените, процесот ќе стане подинамичен и попредвидлив.
„Нема да предложиме менување на условите за членство во ЕУ. Тие услови се многу јасни и тие се дефинирани во договорите“, изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.
Германија може да „живее“ со предлогот на Комисијата, изјави државниот министер во германското МНР, Михаел Рот во Брисел. Тој пледира Северна Македонија и Албанија по „постигнатите резултати“ сега конечно да добијат сигнал за почетокот на преговорите. Рот се надева дека тоа може да се случи во март годинава.
Според неименуван ЕУ дипломат цитиран од агенцијата Франс Прес, Европската комисија со предлогот „изградила солиден мост“ кон Франција, која претходно инсистираше на промени во методологијата за да се откаже од ветото за почеток на преговорите со Скопје и Тирана.
„Се надевам дека сега Париз ќе се приклучи кон консензусот и ќе го отвори патот за почеток на пристапните преговори“, вели дипломатот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јануари годинава порача дека нема да дозволи наметнување нови пречки за земјите кандидати.
Рот потсетува дека условите за членство веќе биле „значително променети“. „Сега почнуваме со најтешките поглавја како владеење на правото, демократија, борба против корупцијата и независното судство“, вели тој. И можноста да се стопираат преговорите, според германскиот политичар, постоела и досега како што покажува случајот на Турција.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се надева дека новата методологија ќе им го отвори патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ. Прашан дали очекува почеток на преговорите пред мај годинава, Курц во Берлин изјави дека очекува тоа да се случи наскоро.
„Го поддржуваме тоа, и голем оптимист сум дека тоа ќе се случи“, рече Курц.
По заминувањето на Велика Британија од ЕУ, Франција повеќе ќе се концентрира на истокот на континентот, најавува советникот на Макрон, Клемен Боне во разговор за ФАЦ во пресрет на денешната посета на францускиот претседател на Полска. По Брегзит, поважно е од кога било е да се надминат несогласувањата во ЕУ и да се стави фокусот на заедничките интереси, објаснува Боне.
„Посетата на Полска е симбол на нашата волја, по Брегзит да гледаме во иднината“, вели советникот, додавајќи дека Франција долго време не успевала да се соочи со проширената ЕУ.
Таков беше случајот и во октомври минатата година, кога на самитот на ЕУ, Макрон го блокираше почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Франција сега се залага за изнаоѓање компромис на оваа тема, откако Европската комисија деновиве ќе го претстави планот за реформа на преговарачката методологија, на кој инсистираше токму Париз.
Франција сака да се повлече од блокадата на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија, веднаш штом се постигне единство околу реформата, вели Боне.
„Ќе се спротивставиме на тоа Северна Македонија и Албанија да бидат третирани одделно. Тоа ќе биде спротивно на нашата желба да се поттикне стабилноста на регионот“, вели Боне за ФАЦ.
Против одвојувањето на Скопје и Тирана во преговарачкиот процес во повеќе наврати се изјасни и францускиот претседател Макрон, последен пат во интервјуто за магазинот Економист во ноември минатата година:
„Најголемиот дел (од земјите-членки) беа за отворање преговори со Северна Македонија, но речиси половината беа против преговори со Албанија. Тоа ќе беше фатална грешка“, вели Макрон во интервјуто.
„Реалноста е дека доколку не отворите преговори и со Албанија, создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот“, објаснуваше Макрон.
Поранешната француска министерка за Европа и актуелна европратеничка Натали Лоазо на крајот на минатиот месец во интервју за Дојче веле изјави дека Париз и натаму го поддржува проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, но под поинакви услови.
„Мора да го преиспитаме целиот процес на преговори за приклучување. Не функционираше. Сакаме да се правиме слепи и да велиме дека имаме политика, а всушност е само бирократија? Не, мора да бидеме сериозни. Јас сум смртно сериозна во врска со важноста на европската перспектива за Западен Балкан. И, бидејќи верувам во тоа, не сакам тоа да им се остави на бирократите. Сакам да бидам длабоко вклучена во она што им се бара на земјите: одговорноста, владеење на правото, борба против корупцијата, борба против организираниот криминал“, рече Лоазо.
Германската канцеларка Ангела Меркел, минатата недела, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин изјави дека нејзината влада поддржува позитивна одлука за почеток на преговорите со Скопје и Тирана на самитот на ЕУ во март. Влезот на државите од Западниот Балкан во ЕУ не е само интерес на овие земји, туку и на ЕУ, рече Меркел.
(дв)