Владејачката Демократска партија на социјалистите претрпе големи загуби на парламентарните избори во Црна Гора. Сега партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ мора да стравува од губење на власта
РОБЕРТ МИЛЕС МИДИК
Земја меѓу Истокот и Западот? Верен сојузник за ЕУ и НАТО? Игралиште на еден автократ и неговото семејство? За Црна Гора може да се кажат многу точни работи. Притоа, обично, од вид се испуштаат две работи- големината на земјата и нејзиниот однос кон Србија и Србите. И тоа оној вистински однос, а не оној од политичките тврдења.
Со 620.000 жители, Црна Гора е голема колку Луксембург или Диселдорф. Секој го знае тоа секого. Кога тоа ќе се пренесе на малцинство на луѓе кои учествуваат во јавниот живот, тогаш може да се сфати буквално. Но, за разлика од Луксембург или Диселдорф, никој не имигрира во Црна Гора. На единствениот универзитет во земјата, луѓето посетуваат исти предавања, најчесто одат во исти средни училишта, честопати биле дури и во иста градинка.
КЛИЕНТЕЛИЗАМ Апстрактните правила и неутралните институции по природа на нештата имаат тешка позиција во ваквите мали заедници. Личните врски се секогаш поважни. Ова не важи само за Балканот, иако општествата со блиски семејни врски, како и насекаде во регионот, добиваат уште една посебна нота. За да ги разбереме големите земји, доволно е да ги знаеме нивните правила. Малите земји се непрегледни – тоа е законитост поради која Европската комисија редовно потфрла кога станува збор за Црна Гора.
Корумпираниот, клиентелистички систем со кој со децении суверено диригираше Мило Ѓукановиќ – претседателот, таткото на државата, моќниот шеф на партијата, долгогодишниот премиер – е постар од него и сигурно ќе го надживее. Од трите лабави сојузи на партии кои сега имаат намера да го наследат системот на Ѓjукановиќ, само најмалиот има идеја за тоа што значи да се организира општеството според неутрални и универзално важечки правила. Поверојатно од општествен пресврт е опстанокот на системот без Ѓукановиќ, а уште поверојатно е вклучување на разнишаниот претседател во нов, поголем и поотворен систем кој нема да биде помалку корумпиран.
АМБИВАЛЕНТЕН ОДНОС СО СРБИЈА Второто недоразбирање се однесува на односите со Србија. Ѓукановиќ ја одведе земјата до независност во 2006 година наспроти значителен отпор. Повеќето Црногорци кои тогаш беа против независноста, оттогаш наваму се дефинираат себеси како Срби. Според вообичаените критериуми, тие не се етничко, туку политичко малцинство.
Овој контраст, кој не е надминат до денес, го прикрива фактот дека цела Црна Гора, мнозинството и малцинството, негува амбивалентен однос кон својот десет пати поголем сосед. Србија не е вистинска странска земја, кој и да се пресели во Белград, таму навистина не е странец. Србија е исто така важна и за луѓето со црногорска свест, барем како дрвото за чешање или како алтер-его, а потајно и како критериум, пример или резервно решение, ако сопственото раководство стане премногу самосвесно. Кој ќе испадне од системот на Ѓукановиќ, прво оди во Србија.
Најголемиот број од Црногорците не сакаат да ја сметаат својата нација за свој единствен универзум. Ова сознание, инаку вештиот политичар Ѓукановиќ го игнорираше кога тргна против Српската православна црква во својата земја и ја поддржа Црногорската православна црква која се смета за независна црква на Црногорците. Планираното одземање на црквениот имот за многу избирачи беше знак дека претседателот тежи кон апсолутна моќ. Но, тие не сакаа да му ја доверат.
Европска унија би требало својот однос со Црна Гора да го гради опуштено и да признае дека во помалите држави владеат други правила отколку кај земјите од соседството кои се 3 до 10 пати поголеми. Тоа не значи оти Европа треба да ги затвори двете очи кога се тепаат критичарите на власта или се затвораат новинари. Само, за разлика од Србија, ЕУ нема да може во Црна Гора да бара правосуден систем во кој таквите работи веќе нема да се случуваат. Подобро да испрати министер за надворешни работи од некоја моќна членка на ЕУ кој ќе има јасна порака: Не може тоа така! Можеби односите во Црна Гора се недоволно прегледни. Но, јазикот сите ќе можат да го разберат.