Нови предизвици за стабилноста на државата: Преку блокада, до предвремени парламентарни избори
БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
Во контекст на решението на ВМРО-ДПМНЕ до предвремени парламентарни избори да дојде преку блокада на Собранието, почнувајќи од 10 мај, да ги разгледаме прашањата кога и дали се пожелни изборите. Особено, кога некој ги бара во име на граѓаните, а истовремено блокира институција која е во служба на граѓаните.
ПРЕКУ БЛОКАДА ДО НОВИ ИЗБОРИ Христијан Мицкоски, по најавената блокада на Собранието, поддршка доби и од Извршниот комитет на партијата. Најавата за блокада, меѓу другото, значи и стотици, ако не и илјадници амандмани за секоја законска мерка или владина одлука што треба да помине на Собрание. Понатаму, тоа ќе значи и блокирање на пленарните седници и на работата на собраниските комисии. Се очекува да се блокираат и законите што се неопходни за справување со општествено-политичките и економските предизвици и кризи поврзани домашните и регионалните трендови, но и со глобалната криза предизвикана од руската инвазија против Украина.
„Минимум 6 месеци да нема избори откако ќе се направи некоја изборна промена, ако се работи за поголема промена тоа треба да биде и подолг период од околу една година, а не истовремено да се бараат предвремени избори и измени во Изборниот законик. Се разбира нам ни е потребен целосно нов изборен законик“, изјави Џабир Дерала на панел дискусијата од 2 март, „Изборите во фокус на Цивил“.. Цивил со непроменет став: Предвремените избори се сосема непотребни
Цивил предупреди дека предвремените избори се сосема непотребни, веднаш откако опозицијата побара одржување предвремени парламентарни избори истовремено со локалните избори во октомври 2021.
„Во земјава речиси секоја година има избори, па едноставно кога ќе заврши едниот изборен процес, ние веќе се спремаме за наредниот, истакна Џабир Дерала во гостувањето во „Утрински брифинг“, на „Слободен печат“ (28 септември 2021).
Ставот на Цивил беше непроменет и во 2019 година кога тогашниот премиер Зоран Заев повика на предвремени избори, по серијата барања од ВМРО-ДПМНЕ, а повикот се совпадна и со разочарувачката одлука на Франција да го блокира отпочнувањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Предвремените избори, иако предлогот беше да бидат брзи, се одржаа дури во јули 2020 година. ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите што постојано ги бара од 2017 година наваму.
ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ИЗБОРИ КАКО ШОК ЗА СИСТЕМОТ Изборните процеси, а особено предвремените се шок за системот. Тие го поларизираат општеството и штетно влијаат на бизнисот и економијата. Изборите ја одложуваат, а неретко и ја прекинуваат имплементацијата на важни процеси и проекти. И скапи се. Затоа, силна препорака на Цивил е изборните процеси секогаш да се одржуваат во нивните редовни термини.
Повиците за предвремени избори се интензивни, што секогаш е директен повод за отворање на дискусија во јавноста за потребата од предвремени парламентарни избори. Но таа дискусија, наместо во пошироката јавност, се води меѓу политичките елити, а медиумите се само платформи кои ги промовираат нивните ставови, испреплетени со меѓусебна дискредитација на политичките опоненти.
Отсуствува вистински издржана, аргументирана полемика за тоа дали се потребни избори или не. Едноставно, една партија решава да ги бара, а за да ги добие – блокира. И толку.
Барањата на опозицијата за поединечни оставки може да се оправдани или неоправдани, но барањата за предвремени избори од опозицијата не се доволна причина за тие и да се прифатат. Владата е одговорна за нормално функционирање на државата и не е должна да ги задоволува апетитите за власт на одредени политичари.
ЗОШТО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ? Во својата анализа за „Предвремените избори не се (секогаш) навремени избори“, д-р Александар Спасов вели дека постоењето на правна можност за распуштање на Собранието и пред истекувањето на мандатниот период од четири години не смее да биде сфатено како политичко правило, туку единствено како политички исклучок.
„За таквото сфаќање постојат повеќе политички, но и уставно-правни причини. Често повторуваните ставови дека предвремените избори се најдобар тест за легитимитетот, потврда на демократскиот капацитет, можност за обновен мандат се политички фрази од коишто треба, полека, но сигурно, да се ослободуваме“, пишува Спасов.
Мора да постои баланс меѓу стабилноста и континуитетот во државата. Тоа е и смислата на постоењето на законодавниот дом и уставотворецот во една демократија.
„Целта и на уставотворецот, но и на секој демократски правен и политички поредок е јасна: да се направи баланс меѓу стабилноста и континуитетот, од една страна, и потврда на легалноста и легитимитетот на власта преку повремени избори, од друга страна. Постигнувањето на таквиот баланс, а не пречестите предвремени избори, ќе бидат најдобар тест и потврда на демократскиот капацитет на нашиот систем и општество истакна Спасов во својот труд во издание на Цивил.
Вака дефинирано, предвремени парламентарни избори би биле нужни само доколку постои политичка криза. Очигледна е намерата на ВМРО-ДПМНЕ, преку блокирање на Собранието, да ја воведе државата во криза која би резултирала со предвремени парламентарни избори. Тие инсистираат на предвремени парламентарни избори сега повеќе од кога и да е. Понесени од успехот на локалните избори, тие се убедени дека ќе излезат како победници.
Ваквото сценарио, по логика на нештата, би требало да биде што е можно побрзо реализирано, додека нивните локални властодршци не почнат да ги разочаруваат своите гласачи на локално ниво. Тоа веќе се случува, а за тоа најеклатантен пример е „мајката“ на Град Скопје, Данела Арсовска.
Барање за предвремени парламентарни избори во ситуација кога нема реална политичка криза, туку таа се предизвикува со блокади, се далеку од пожелни и потребни. Особено затоа што се бараат избори во време кога надминувањето на економската, енергетската, па глобалната криза предизвикана од војната во Украина бараат континуитет и стабилност. И секако, вклучување на опозицијата во процесите, а не блокади. Таквото однесување во политиката е неодговорно, особено затоа што се настапува во име на граѓаните, а се блокираат демократските институции кои им припаѓаат токму на граѓаните.