Европа го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот идентитет и ја сведува Бугарија на унилатерална (еднонасочна изјава) за нивното тажно мислење за нашиот македонски јазик. Сумирано, ЕУ признава македонски јазик и ни дава да почнеме преговори онака како што почнаа сите други земји членки (со Меѓувладина конференција и со Скрининг) и го сведува бугарскиот став за македонскиот јазик на унилатерална (изолирана, маргинализирана изјава) – велат оние кои го прочитале редефинираниот француски предлог
Во предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ имаме чиста формулација за македонскиот јазик, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на последниот состанок со новинарите. „Добивме чиста формулација за јазикот, без никакви додавки и објаснувања“, рече Османи. Во гостувањето на ТВ 24 на Османи му ги повтори петте црвени линии на кои Ковачевски кажа „не“ за првата појава на францускиот предлог. Мирно министерот му порача дека сите пет сега се исполнети и може и водителот може да ги „штиклира“. Ова се тие:
– чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;
– историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;
– преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;
– цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;
– секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.
„Тоа значи дека доколку рамковниот договор и протоколите бидат потпишани и одобрени, нашата земја, Република Северна Македонија, многу наскоро, или од почетокот на следната недела, може да ги добие првите честитки и добредојде од европските лидери, и да речеме дека конечно сме дел од европското семејство“, изјави Ружин.
Владината теза е дека Европа на чело со Франција ни нуди да го почнеме процесот на преговори кој за сите земји членки почнува со Меѓувладина конференција и со Скрининг односно со преглед на сите детали во сите поглавја/теми во кои треба да се усогласиме со европските стандарди.
Меѓувладината конференција и целиот скрининг што како процес траеше од 8 до 18 месеци (просек 12 месеци) за сите други земји, би ги спровеле со чист македонски јазик. ЕУ ќе ангажира официјални преведувачи и секој еден документ од нашата преговарачка рамка ќе биде преведен на македонски јазик. Европа го признава македонскиот јазик, а со тоа и македонскиот идентитет и ја сведува Бугарија на унилатерална (еднонасочна изјава) за нивното тажно мислење за нашиот македонски јазик.
Сумирано, ЕУ признава македонски јазик и ни дава да почнеме преговори онака како што почнаа сите други земји членки (со Меѓувладина конференција и со Скрининг) и го сведува бугарскиот став за македонскиот јазик на унилатерална (изолирана, маргинализирана изјава). Да, и ние ќе имаме унилатерална изјава за македонскиот јазик, ама нашата изјава ќе биде идентична со таа на ЕУ. А, таа на ЕУ целосно спротивна од таа на Бугарија.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села изјави дека го поддржуваат францускиот предлог, по средбата со премиерот Ковачевски. Не се работи само за прифаќање или неприфаќање на францускиот предлог, туку за продолжување или непродолжување на патот кон ЕУ. Мислам дека Северна Македонија треба да продолжи кон евроинтеграциите, другa опција за нас не треба да постои. Нашиот став е дека не треба да се создаваат алтернативи, туку само ЕУ. Македонија треба да биде членка на ЕУ, а тоа нормално оди преку преговори. Нема двоумење, јасни сме, би го прифатиле овој предлог“ рече Села.
Претходно, францускиот предлог го прифати и БЕСА, со барање за време на уставните измени, да се отстрани „20%“ и да пишува албански јазик.
Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев се истурените ликови на антинато и антиеу коалицијата. Она што Мицкоски го мисли го кажува Апасиев, она што Мицкоски го нарачува Апасиев го одработува, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Мицкоски и проруската инсталација Апасиев заедно шират хистерија преку лажни вести и навреди. Во предлогот на француското претседателство јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес.
Но, не е ова првпат ВМРО ДПМНЕ и Левица заедно да се обидуваат и да создаваат тензии. Сè уште се сеќава јавноста на лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица за кантонизација, федерализација, мигрантски кампови, дека со Договорот од Преспа се продавал идентитетот, за бугаризација. Лагите на ВМРО ДПМНЕ и Левица немаат крај, тоа се деструктивни партии кои не сакаат државата да оди напред, бидејќи така им одговара“, рече Каевски.
Тој го обвини Мицкоски дека јавно признал дека не сака во ЕУ, а дека Апасиев сонувал за Русија.
По објавувањето на рамката на Европсксиот Совет (нема француски предлог, туку рамка која е дефинирана во рамки на француското претседателство), се изнаслушавме сè и сешто – коментира новинарот Борјан Јовановски. „Во коментарите кои можев да ги проследам, слушнав многу емоции, но многу малку аргументи за или против. Јас, лично, работам 25 години на темата европски интеграции и искрен да бидам, никогаш до крај не сум ги разбирал техничките аспекти на процедурите, така што веднаш се декларирам како неексперт во конкретниот случај. Од луѓето кои се декларираат така, исто така, не слушнав нешто што би можело да ме наведе на категоричен став за или против. Во оваа прилика ќе си дозволам да кажам и тоа дека голем дел од експерите кои се појавија со коментари, со сигурност знам дека релевантноста на истите е навистина дискутабилна, без разлика на нивниот самоуверен настап.
Она што јас го знам сега е дека сме исправени пред многу сериозен предизвик. Прифаќањето на предлогот во оваа форма и содржина која досега ја имаме на увид има елементи кои се далеку од посакуваната варијанта, но, исто така, би требало да е јасно дека одбивањето може да има фатални последици токму по националните интереси. Во таа смисла, ова не смее да биде прашање на емоција и Да или НЕ одговор, ако воопшто претендираме да сме сериозно општество и држава.
„Експертските анализи” инспирирани од емоција или од суети на напуштени невести или уште полошо од мотив да се спасат од одговносност пред законот, не ме водат до заклучок кој би ме навел на отфрлање или прифаќање на предлогот и на тоа имам право со оглед на моето искуство со евроинтеграциите. Од нив слушнав работи кои немаат врска со реалноста, вклучително и лажни вести или спинови потпишани од таканаречени универзитестки професори. Впрочем, фала на прашање, сè уште ги немаме како јавност на увид сите докумети кои би довеле до сериозен заклучок (во предвид го имам записникот од меѓувладиниот состанок кој мислам дека е доста значаен)“ – заклучува, меѓу другото новинарот кој се смета за експерт за евроинтеграциите.