Добар дел од расправата за овој закон е веќе завршена. Тој беше влезен во Собрание, помината беше првата фаза, односно констатирана потребата за негово донесување и помината беше фазата на читање во Законодавно-правната комисија и во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.Воедно, на 26.12.2018 година со мнозинство гласови беше донесена одлука овој закон да се донесе по скратена постапка
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, даде изјава за предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси. која ја оценуваме како полувистина:
Изјава: Се надевам дека ќе ретерираат од таквата идеја (Законот за спречување корупција да добие европско знаменце – н.з.), затоа што овој закон е исклучително важен и треба да ја добие поддршката од сите политички партии. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање. ВМРО – ДПМНЕ има аргументи кои се во согласност со ГРЕКО и со меѓународното право и подготвени сме да ги аргументираме каде било, кога било и со кого било од нашиот политички противник.
[Извор: 1ТВ/youtube канал – Мицкоски, изјава, датум: 07.01.2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ немало да гласа за предлог-законот за спречување корупција ако на него му се стави т.н. европско знаменце, што подразбира дека расправата се води по скратени рокови. Како причини наведува дека имале аргументи кои се во линија на забелешките од ГРЕКО – коалиција на земји за спречување на корупцијата и која работи во рамките на Советот на Европа.
Но, всушност, добар дел од расправата за овој закон е веќе завршена. Тој беше влезен во Собрание, помината беше првата фаза, односно констатирана потребата за негово донесување и помината беше фазата на читање во Законодавно-правната комисија и во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Воедно, на 26.12.2018 година со мнозинство гласови беше донесена одлука овој закон да се донесе по скратена постапка согласно член 170 од Деловникот, со образложение дека не се работи за сложен и обемен закон, иако овој член од Деловникот ја подразбира и потребата од европско знаменце, односно усоглаување со актите на ЕУ.
„Вистиномер“ направи увид во извештајот на првата комисиска расправа, од првото читање на овој закон и се обиде да ги најде аргументите за кои што зборува Мицкоски во изјавата, а кои се поврзани со ГРЕКО. Од овој извештај се гледа дека еден од главните аргументи на кои се повикувала опозицијата е дека во предлог-законското решение не било извршено дефинирање на поимот „подвижен имот од поголема вредност“.
Но, ако се чита самиот текст на законот, се гледа дека во членот 82 е извршено таков дефинирање. Во ставот 2 се наведува што треба да пријави избрано или именувано лице:
…подвижни предмети со вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, хартии од вредност, побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот.
Со ова, де факто, е дефинирана вредноста на подвижниот имот што се смета за значителна, а со тоа и подложна на пријавување.
Единствена препорака на ГРЕКО, што се смета како неисполнета, а за која забележува опозицијата во извштајот од комисиската расправа, е тоа е дека ГРЕКО препорачала Државната комисија за спречување корупција да биде составена од четири члена и претседател, додека актуелниот предлог-закон предвидува избор на шест члена и претседател. Оваа забелешка не е демантирана од власта, туку при разни јавни настапи е појаснета со потребата во составот на идната државна комисија за спречување корупција да се овозможи преку повеќе членови да се оствари и начелото на правична застапеност на заедниците.
Сè друго од забелешките наведени за конкретниот предлог на закон немаат врска со ГРЕКО и се однесуваат на други моменти кои се важни од апсект на ингеренциите што ќе ги има идната ДКСК, за што опозициската СДСМ веќе реагираше со соопштение:
Едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ е ДКСК да нема директен увид во сметките на функционерите, туку тоа да се прави преку УЈП. Овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ ја намалува независноста на ДКСК, затоа што Управата за јавни приходи е институција која е дел од извршната власт.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ бара ДКСК да не врши контрола на финансирањето на политичките партии, што е целосно неразумно и најдобро ги покажува намерите на оваа партија… Финансирањето на политичките партии мора да биде под целосна контрола на ДКСК за да нема било какви сомнежи – се наведува меѓу другото во соопштението на СДСМ.
Меѓутоа, сепак, иако не е допрено во овој извештај на Комисијата, ниту, пак, споменато во досегашната комисиска расправа од страна на опозицијата, со внимателно читање на документи може да се види дека најверојатно уште една од препораките на ГРЕКО од Четвртиот круг на евалуација, не е имплементирана во својата суштина. Имено, станува збор за препораката број IV која гласи:
ГРЕКО препорача да се обезбеди (1) релевантните закони да предвидат санкции за сите повреди кои ги пропишуваат и (2) да се преземат соодветни активности за извршување во сите случаи на повреда на правилата од страна на членовите на Собранието.
Во својот извештај од јуни 2018 година нa странa 7, ГРЕКО, заклучува дека оваа препорака не е имплементирана. Во обралзожението, меѓу другото, наведува (стр.7, точка 29):
ГРЕКО потсетува дека Извештајот за евалуација, исто така, забележал оти одредени санкции не се доволно разубедувачки или дека оние санкции што се наметнати во пракса, понекогаш се значително пониски од она што законот го пропишува. Ниту една акција не е преземена за да ги реши овие проблеми.
Владата во воведниот дел од предлог законот што е во Собранието, кажува дека овој предлог закон се носи, меѓу другото, и поради забелешките на ГРЕКО од Четвртиот круг евалуација. Но, иако во прекршочните одредби од законот прецизно се предвидени многу мандатни казни за прекршоци сторени по основ на членови на законот, никаде нема повисока казна од 2.000, односно 1.000 евра.
Имено, во првата верзија на законот разгледуван во ноември 2018 г., стои казна-глоба од 2.000 евра за финансиска институција која на ДКСК нема да му ги достави бараните пдоатоци во рок од 15 дена, а, пак, во последната коригирана верзија од 26.12.2018 г., која се предлага за усвојување по брза постапка, таа казна е намалена на 1.000 евра.
Другите казни се значително помали, а особено боде очи казната од 200 до 500 евра во последната коригирана верзија на законот во членот 109, која е предвидена ако не се пополни анкетниот лист при стапување на должност и 30 дена по заминување од должност. Овие казни, секако, не спаѓаат во „одвраќачки“, како што препорачуваат од ГРЕКО, кои разгледуваа непополнети анкетни листови од пет пратенции, санкциите и ажурноста на старата ДКСК во врска со овој случај.
Поради погоре наведените аргументи, оценуваме дека изјавата на Хрстијан Мицкоски за причините зошто нема да гласаат за предлог-законот за спречување корупција е полувистина. Имено, во нивните забелешки има само една формална причина за бројот на членовите на комисијата, ние најдовме уште една можна при внимателното читање на извештаите и на ГРЕКО и од комисиската расправа, но де факто, главните забелешки на ВМРО-ДПМНЕ не се околу имплементација на препораките на ГРЕКО, туку околу надлежностите што ќе ги има идната Држава комисија за спречување на корупцијата со овој нов предложен закон.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.