Мнозиство во Парламентот за усвојување на законот засега нема. Законот е клучен за интеграциите во ЕУ и НАТО порачаа странските дипломати. На лидерска средба ќе се пеглаат разликите. Со законските измени, бомбите се исклучуваат како докази што ќе влијае врз многу истраги на актуелни високи функционери
ОГНЕН ЧАНЧАРЕВИЌ
„Некој ќе се спаси а некој нема. Можеби и некој дополнително ќе биде обвинет и да отвориме некој голем предмет“. Ова е коментарот на шефот на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), Катица Јанева, околу законските измени кои поминаа на седница на Владата и се доставени до Собранието на гласање а со кои се предвидува СЈО да стане дел од Јавното Обвинителство, со посебни овластувања и ингеренции.
„Бомбите“ веќе нема да може да се користат и нема да бидат доказ во судската постапка. Според законските измени „бомбите“ веќе не се во игра за сите истраги и обвиненија кои се почнати или подигнати по истекот на рокот, 30 јуни 2017 година, предвиден со законот за формирање на СЈО.
„Бомбите објаснуваа и појаснуваа некои работи во склоп на сите други материјални и вербални докази, но сметам дека и тој начин на работа, без бомбите, е предизвик за работа на специјалните обвинители. Не сме ограничени само на бомбите, бидејќи, во периодот кој го анализиравме има и други прекршувања на законот. Можно е во некои истраги да отвориме многу покрупни предмети“, смирува Јанева.
Сега СЈО ќе треба да ја докажува вината на десетина поранешни и сегашни високи владини функционери без прислушуваните материјали. Тука пред се е дел од раководството на ДУИ, Али Ахмети кој заедно со бегалецот Никола Груевски се осомничен во истрагата „Попис“ и вицепремиерот Бујар Османи осомничен во истрагата „Пациент“. Бомбите нема да важат ниту во истрагата „Рендген“ каде е осомничен поранешниот министер за здравство Никола Тодоров,„Друмарина“ за патните трошоци кои ги подигаше пратеничката Силвана Бонева, „Моќник“ каде осомничен е пратеникот Антонио Милишоски, истрагата „Хармонија“ против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, „Пропаганда“ која се однесува на финансирањето на медиумите а каде осомничен е повторно Никола Груевски и „Подарок“ каде осомничен е поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски.
Бомбите ќе важат во сите предмети на буквата „Т“ за кои беа поднесени обвиненија пред истекот на рокот, освен во случајот „Талир“, чиј старт е закажан за денеска, а кој се однесува на нелегалното финансирање на ВМРО – ДПМНЕ. Од СЈО потенцираа дека во овој случај имаат огромен број на материјални докази и дека тоа нема да влијае на процесот. Истото се однесува и на случајот „Империја“, каде се обвинети поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, а за кој СЈО уверува дека има доволен број на докази без да ги користи прислучуваните телефонски разговори.
Засега мнозинство во Парламентот неопходно за изгласување на Законот за СЈО нема. Тоа го потврди и министерката за правда, Рената Десковска.
„Се уште немаме потврда дека имаме согласност овој закон да биде пуштен во Собраниеска процедура, немаме потврда дека со него се согласуваат 80 пратеници. Очекувам да ги добијам ставовите“, кажа Десковска.
ДУИ официјално даде поддршка на Законот, но неофицијално тие имаат свои забелешки со кои ја условуваат поддршката. Опозциската ВМРО – ДПМНЕ побара лидерска средба пред официјално да го соопшти својот став околу новиот закон и статусот на СЈО и побара целиот товар околу законот да не се става врз пратениците.
„Треба да има право и правна држава во Македонија. Не сме за селективната правда која во моментов се случува во Македонија. Прво што треба да се направи е лидерска средба на која ќе се разговара за сите отворени прашања, вклучително и Законот за СЈО“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
Премиерот Заев вчера се согласи, а лидерската средба ќе се одржи викендов.
„Секако, време е да одржиме лидерска средба. Прво заради реформите и реформските закони во Собранието, второ заради претседателските избори кои доаѓаат и трето заради било кое отворено прашање. Верувам дека лидерска средба ќе се одржи во најскоро време како што и му одговара на шефот на опозицијата“, рече Заев.
Изгласувањето на Законот за СЈО и негово имплементирање во моментов е пресудно и клучно за натамошниот тек на интеграциите на Македонија во НАТО и ЕУ. Ова јасно го истакнал идниот помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, во текот на неговата посета на државата и средбите со лидерите на политичките партии. Тој потенцирал дека процесот на ратификација на влезот во НАТО би се искомплицирал доколку статусот и иднината на СЈО не се реши веднаш. Што ќе се случува со СЈО ќе влијае и на текот на преговорите со ЕУ, бидејќи, е дел од пакетот реформски закони кои се неопходни за добивањето на позитивната препорака од Европската комисија.
Новиот закон предвидува СЈО да биде автономно но во склоп на државното Јавно обвинителство. СЈО ќе застапува пред Основните и Апелациските судови а пред Врховниот суд тоа ќе ќе прави обвинител од државното Обвинителство. СЈО ќе остане надлежно за истрагите кои се отворени по 30 јуни 2017 година. Предистражните постапки што ги почнало СЈО може да ги преземе и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста. Освен за предмети кои потекнуваат од прислушуваните разговори, СЈО ќе биде надлежно и за кривични дела од висока корупција, попречување на избори и гласање и попречување на правдата.
СЈО поднесе дваесетина обвинителни акти, а досега судски пресуди има само во два случаи – „Тенк“ и „Тифани“. Пресудата во случајот „Триста“ ја укина Апелацискиот суд. Обвинетите во неколку клични предмети, поранешниот премиер Никола Груевски и началниците од тајната полиција, Горан Грујевски и Никола Бошковски, се во бегство.
(ВОА – опремата е редакциска)