ДЕНКО МАЛЕСКИ
Влеговме во зајачка дупка, изјави бугарски политичар по изгласувањето на нивната резолуција во Парламентот. Ја бетониравме нашата позиција визави буграската, изјави некој кај нас. Со вакво единство нема решение зашто е единство околу црвени линии а не околу компромисно решение. Има само непопуштање, но нема решение.
Како и секогаш во моменти на криза, кога треба да се донесат судбински одлуки за иднината на државата, сведоци сме на жестока поларизација помеѓу политичките партии. А токму тогаш, сите бараат спас во невозможното – единство. Решавањето на македонско-бугарскиот спор е таква одлука денес, исто онака како што беше членството во ОН пред триесет години. Му велам на претседателот Глигоров дека вакви одлуки се носат едногласно во Парламентот, а тој на сите мои аргументи одговара со четри збора: тоа не е возможно. Јас, пак, си останувам на своето. Во обидот да го постигнам невозможното, оставен сосема сам, изгорев во дебатата во Парламентот и заминав од политиката.
Претседателот, разбирајќи ја политиката како уметност на возможното, го заобиколи законодавниот дом и дозволи големите сили, со свое решение, да ја внесат државата во светската организација. Не треба многу памет да се разбере кој бил во право од аспект на државните интереси на Македонија.
Денес, опозицијата се жали што не е вклучена во процесот на решавање на прашањето со Бугарија и се заканува дека, кога ќе дојде на власт, ќе поништи секоја одлука донесена без нивна согласност и спротивна на Резолуцијата на парламентот. Како и пред влезот во ОН, прашањата се исти, исти се и одговорите.
Дали е најдобро власта и опозицијата заеднички да го решат сложеното прашање со соседот? Да. Дали е тоа возможно? Не.
Ако е невозможно единство тогаш е вистина дека доколку не го реши проблемот коалицијата на премиерот во заминување Заев, проблемот ќе остане нерешен се додека водството на македонските националисти не разбере дека се потребни отстапки и од наша страна за да отпочнат преговорите со ЕУ. Тоа би можело да значи најмалку еден мандат на власт во кој одговорноста на владеењето, пред се одговорноста да има леб, млеко и путер на сечија маса, би им го сменило мислењето. Има ли Македонија толку време за чекање? Познато е дека додека големите држави можат да следат погрешни политики и повторно да се вратат на правиот пат, малите држави оперираат по острицата на ножот и немаат право на многу грешки. Имено, лесно може да ги снема од меѓународната сцена.
Новата лекција која ја научивме е дека и единството може да биде пречка за решавање на проблемот. Имено, иако е постигнато единство во парламентите на двете држави, Македонија и Бугарија, тоа е единство околу нерешавање на проблемот со компромис. Влеговме во зајачка дупка, изјави бугарски политичар по изгласувањето на нивната резолуција во Парламентот. Ја бетониравме нашата позиција визави буграската, изјави некој кај нас. Со вакво единство нема решение зашто е единство околу црвени линии а не околу компромисно решение. Има само непопуштање, но нема решение. Зашто, како што вели еден бугарски научник, проблемот е во тоа што двете страни сметаат дека се 100 посто во право, а не се.
Демократијата, систем во кој сите поважни политички опции се претставени во парламентот, не значи единство и едногласност туку мнозинство кое стои зад одлука која треба да се спроведе во живот. Либералните луѓе и националистите можат и требаат да коегзистираат и да соработуваат, но не можат да постигнат единство, освен кога се преправаат дека го постигнале. Како до мнозинство, а не како до единство, е дилемата во демократијата. Всушност, само преку мнозинство е можен пробив онаму каде што има поларизација околу решението. Бугарската едногласност беше лесно остварлива: направен беше сеопфатен список на побарувања кон Македонија. Таквото единство напукна во моментот кога, деновиве, либерални луѓе дојдоа на чело на бугарската влада и предложија свое решение , како што рекоа,за да не јакнат националистите во двете земји. Македонската едногласност беше лесно остварлива: преправајќи се дека се согласува, владеачката партија го потпиша предлогот на националистите за и таа да му се допадне на народот в очи на локалните избори.
Епилог . Со мнозинството кое што го има во парламентот, премиерот во заминување го најавува својот последен обид за решение на прашањето со Бугарија пред националистите да превземат власт на некои наредни избори. Честитки за храброста, но шансите тој тоа лично да го оствари се мали заради временскиот теснец во кој се најдовме наспроти агендата на Европскатан унија. И новиот бугарски мандатар, притиснат од сојузниците во НАТО и во ЕУ, е во временски теснец. Бара шест месеци за неговата методологија на преговори во која не се сведува се на историјата, да даде резултат. Таа желба за брзо решавање на спорот кај политичарите на Македонија и Бугарија кои имаат мнозинство во парламентите на двете држави е нашата надеж.Се остави ли простор на националистите во двете земји да зајакнат или да превземат контрола врз влааста, решение долго нема да има.