Политичките структури во земјата се подготвуваат за двојните избори напролет, како и за идната техничка влада. Нема одговори на сите дилеми врзани за тој период
Неодамна во Скопје се случила средба помеѓу поранешниот премиер Зоран Заев, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прва јави телевизија Клан Македонија. Според оваа телевизија Џвев, Ковачевски и Ахмети имале заеднички ручек кој траел четири часа и на средбата дискутирале за европскиот фронт и претседателските и парламентарните избори. Клан Македонија дознава дека работниот ручек поминал во конструктивна и позитивна атмосфера но без детали за другите теми кои се дискутирале. (Инаку, една ваква средба со работен ручек Заев – Ахмети, пред една година се одржа во Струмица).
Премиерот Димитар Ковачевски кажа подоцна дека на вчерашната средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев разговарале за тоа како треба да напредува државата кон полноправно членство во ЕУ и како да изгледаат настапите на партиите на следните избори.
„Вчера имав средба со Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Мора да знаете дека со Заев се знаеме 32 години, учевме факултет заедно, неретко се случува да комуницираме и да имаме ручек по 4, 4 и пол часа и да разговараме на многу теми. Разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во ЕУ. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите коишто ги имал. Нормално дека разговаравме како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори низ призма на искуството којшто секој го поседува. Ова не е ниту прва, ниту последна средба, особено за некој што се знае повеќе од три децении“, кажа Ковачевски.
Во однос на тоа дали СДСМ предизборно ќе коалицира со ДУИ, премиерот кажа дека се прават анализи во рамки на политичката коалиција која СДСМ ја има со традиционалните партнери.
„Ние сме во коалиција со ДУИ. Се прават анализи како во рамки на политичката коалиција која ние како СДСМ ја имаме со нашите традиционални партнери. Водиме влада во тешко време, во четири кризни години. Сметам дека на државата и треба европска коалиција која ќе осигура сигурна европска иднина без никакви неизвесности и изолации, без политички еквилибристики какви што ги гледавме во текот на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ нема концепт којшто гледа напред, сите нивни изјави се во претпоставки, сценарија кои немаат реална основа во политичките процеси. Сметам дека повторно владата ќе биде формирана од СДСМ и коалициските партнери“, рече Ковачевски.
Во „игра“ се вклучува и скопската градоначалничка – Данела Арсовска, која се одметна од ВМРО-ДПМНЕ со чија поддршка во 2021-та дојде на функцијата, од вчеравечер е лидер на политичка партија.
Скопската градоначалничка почна со собирање на потписи за основање на сопствена партија, но ќе влезе на политичката сцена преку веќе постоечки субјект.
Ниту таа, ниту од партијата не сакаа да ја потврдат оваа информација, но дознаваме дека договорот треба да се финализира денеска, а ќе биде објавен утре.
Нова Алтернатива беше создадена од страна на Ѓорѓи Оровчанец во 2007 година, во периодот кога тој беше член на ВМРО Народна партија и пратеник во Собранието. На парламентарните избори следната година влезе во коалицијата предводена од СДСМ и доби едно пратеничко место.
Безмалку неактивната „Нова Алтернатива“, која имаше незначителна улога во владината коалиција предводена од СДСМ, сега е под водство на Арсовска која најави учество на мајските избори. Прашањето, е дали и со кого ќе соработува.
„Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за што треба да се разговара, мислам дека засега е премногу рано…“, Данела Арсовска, претседателка на Нова Алтернатива.
Власта, засега, не покажува загриженост, зашто „Нова Алтернатива“, како што најави Арсовска, ќе ја напушти соработката со СДСМ.
„Формирање на нови политички партии е одлика всушност и на плурализмот. Во поглед на тоа дали СДСМ стравува од одлив на гласови од која било политичка партија мислам дека во периодот кој претстои, особено во изборната кампања и за претседателските и за парламентарните избори имаме доволно простор да соопштиме и уште еднаш да потсетиме што се изминатиов период беше направено, она што е интересно, она што е важно за граѓаните. Тоа е одлука на партијата и партијата ако добила покана мислам дека кој било претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија, доколку принципите на формирањето на таа партија, се разбира, се демократски и она што сите ние го споделуваме – европските вредности за државата, напредокот на државата. И тоа присуството на основање на партија не значи по дефиниција веднаш дека ќе се направи коалиција или дека ќе има некаква соработка“, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.
Реакцијата на доскорешниот сојузник на Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ е спротивна – дека власта наменски и „купила партија“ на скопската градоначалничка токму поради изборите. „Од сите вести за формирање на партијата на Данела Арсовска главна вест секаде е присуството на Миле Зечевиќ, кој е и идеен творец на таа партија. Оттука може да се сфати колку всушност тежи таа партија кога главна вест за нејзиното формирање е присуство на секретарот на СДС“, соопшти опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ се уште јавно не ги кажала кадрите за министри за внатрешни работи и за труд и за социјала, како и за трите дополнителни заменици-министри во финасии, земјоделство и информатичко општество, позииции кои и припаѓаат во техничката, „Пржинска влада“.
Се очекува тоа да го стори во наредните денови зашто, според распоредот утврден од партиите, роковите се куси.
До крајот на неделата, процесот треба да биде заокружен – Димитар Ковачевски и Талат Џафери треба да поднесат оставки, за нов собраниски спикер да биде избран Јован Митрески, а за нов премиер да дојде Џафери кој ќе ја предводи „Пржинската влада“ во периодот до претседателските и парламентарните избори и до формирањето на новата влада.
Во овој период кој веќе почнаа партиските калкулации и прегрупирања – вчера во Приштина се сретнаа делегации на СДСМ и на „Самоопределување“ – партијата на косовскиот премиер Албин Курти која има одлични релации со опозициските партии на Албанците во земјава – Демократското движење, Беса и Алтернатива.
„На средбата се разговараше за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.
Заеднички е потврдено дека европски вредности и дијалог за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион и прогресивните партии треба да придонесат во јакнење регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан“, пишува во соопштението на социјалдемократите.
Во наредниот период ќе стане појасно дали оваа средба била обид за воспоставување „мост“ за можна соработка меѓу владејачката коалиција и опозициските партии на Албанците во пресрет на изборите.