Турската амбасада во земјата порано во едно интервју а сега и пред родителите на ученици во „Јахја Кемал“ диектно побарала прифаќање дека ова училиште е терористичко
„Дојдете, да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, им порачала турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, на родителите на учениците во приватните училишта „Јахја Кемал“ низ Македонија, според редакцијата „Гласот на Америка“.
„Ајде да се бориме против оваа терористичка организација“, изјавила турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, посочувајќи ги приватните училишта „Јахја Кемал“. На промоција на Фондацијата „Маариф“ во Тетово, амбасадорката апелирала до родителите во Македонија и до македонската јавност: „… дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Маариф“ . Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на ‘Маариф’, бидејќи ‘Јахја Кемал’ не нè претставува нас. Дојдете, да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, изјавила според медиумите, амбасадорката Кара.
Името на оваа претставничка на странска држава е познато за јавноста заради тоа што таа умее да биде забележана по некакво иновативно однесување. Особено откако поднесе кривична тужба против еден македонски граѓанин заради навреда на претседателот Ердоган и тоа на Фејсбук.
Кривичниот суд во Скопје потоа го прогласи за виновен тужениот Е.А.., кој има македонско и турско државјанство, на парична казна од 24.600 денари (400 евра), во процесот што беше отворен по кривична пријава од амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара, кон крајот на минатата година.
Во одлуката на судот било наведено дека обвинетиот во номеври 2016 година, преку својот фејсбук-профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“. Напомена = доколу не ја плати паричната казна, Е.А. ќе мора да одлежи затворска казна.
Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.
Законот за навреда на странски државници потекнува од времето на монархиите во Европа и е поврзан со францускиот термин „lèse-majesté“, односно „повредено височество“. Неговата оригинална употреба била за заштита на монарсите и за санкционирање на сите кои ќе го повредат нивното достоинство или кралството со кое владеат.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР во февруари, оваа година поднесе кривична пријава против 34-годишниот скопјанец Т.Т., бидејќи преку коментари на „Фејсбук“ индиректно им се заканувал на амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, и на неговото семејство.
Скопјанецот беше осомничен за кривичното дело повреда на углед на странска држава.
Пресуда во спротивност со практиката на Стразбур и погрешна адреса на која се решавал спорот – вака дел од правните аналитичари ја коментираат пресудата на скопскиот кривичен суд со парична казна за лице кое на „Фејсбук“ објавило навредливи коментари за турскиот претседател Ердоган.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска вели дека има држави кои санкционираат одредени однесувања кога се работи за знаме, грб или шеф на држава, но, европската пракса вели дека заштитата не може да биде толку рестриктивна.
„Луѓето да не се чувствуваат стегнати во смисла дека не можат ништо да кажат заради тоа што после ќе има реперкусии. Секако дека правото на изразување има свои ограничувања и токму во овој дел кај ограничувањата треба да се има оној баланс помеѓу она право што се штити и она право што треба се штити, што е предмет на евентуална навреда или клевета“, вели Николовска.
Лицето со македонско и турско државјанство, во ноември минатата година на својот фејсбук профил објавил навредливи коментари на турски јазик, две навредливи фотографии и една карикатура, велат од обвинителството. Тоа било доволно за турската амбасадорка во Македонија ја го тужи, а судиите да утврдат повреда на угледот на странска држава, според Кривичниот законик.
И адвокатот Филип Медарски се согласува дека пресудата е спротивна на праксата од Стразбур, а кога веќе амбасадорката покренала постапка, таа требало да се води пред граѓанскиот суд.
„Се работи за навреда на Ердоган како поединец, а не како носител на функција, значи навредена е личност, а не институција. Доколку била навредена институцијата претседател на државата, во тој случај законот предвидува кривична постапка“, вели Медарски.
Цаца Николова додава дека некои држави се порестриктивни кога се работи за претседател.
„Еден од случаите е кога државната безбедност е доведена во прашање. Значи треба да се мери со акцијата, со дејството кое е во рамките на слободата на изразување со што се загрозила државната безбедност, со што се загрозила државата“, додаде Николовска.
Инаку нападот врз дел од образовните установи основани од турски државјани ова не е премиера. Постои наводно список со кој Турција како држава бара да се одземе дозовлата на неколку такви институции, што ним секако им прави проблеми, бидејќи на оние кои ќе се запишат во таквите училипта ќе имаат проблеми. И нивните родители, секако. Особено што секако дека нивните дипломи нема да бидат ценети во самата Турција, каде многумина би сакале да го продолжат образовануето!
Во синџирот образовни установи под брендот „Јахја Кемал“ се градинка, основно и две средни училишта во Скопје, основно и средно училиште во Струга и Тетово и средни училишта во Гостивар и во Струмица, во кои наставата се одвива на англиски, македонски, турски и албански јазик. Сите нивоа на образовни установи од брендот „Јахја Кемал“, со години се ценети во сферата на приватното образование во Македонија, и изјавата на амбасадорката предизвика реакции и на училиштата и на дел од родителите на социјалните мрежи кои ја обвинија дипломатката и за јазик на омраза..
Портпаролот на „Јахја Кемал“, Сурија Таук изјави за Гласот на Америка на македонски јазик дека сите нивни образовни установи „произведуваат научници, а не терористи“.
„’Јахја Кемал’ е сто проценти македонски бренд, и нема вистина ни во обвинувањата дека не сме ја промовирале доволно Турција. А секако не се точни обвинувањата за наводен тероризам! Нашите ученици секоја година освојуваат награди на меѓународни натпревари во разни дисциплини, и со дипломите од ‘Јахја Кемал’ и со освоените меѓународни признанија, од нашите училишта заминуваат на врвни светски универзитети“, ни изјави Таук. „Ако амбасадорката има докази нека ги приложи на надлежните институции, па потоа, судот нека утврдува кој е терорист“, рекол Таук за овој извор.
Поранешни ученици на „Јахја Кемал“ денес се студенти на додипломски или на магистерски и докторски студии на врвни универзитети во САД, Англија, Германија и во други западни земји.
Само во периодот 2013-2016, учениците од деветте училишта „Јахја Кемал“ во Македонија, на разни меѓународни натпревари освоиле 142 награди/медали (20 златни, 45 сребрени, 55 бронзени и 24 пофалници). По сите тие успеси, од „Јахја Кемал“ во 2016 најавија дека веќе нема да даваат изјави по повод признанијата од странство, туку ќе остават – за нив и за учениците „да зборуваат нивните дострели“. А, само во следната, 2017 година, се дуплираа дотогаш освоените награди на дури – 228 (53 златни, 118 сребрени, 42 бронзени и 15 пофалници).
Дента кога амбасадорката изнесе тешки обвиненија против „Јахја Кемал“, стигна и веста од Кембриџ, дека 11 ученици на овие училишта од Струга и Струмица, на натпреварот за интелектуални предизвици на тема „Неуспех: пат кон успех“, на кој индивидуално и тимски учествувале 963 ученици од 28 земји, на возраст од 14 до 18 години, освоиле – 18 златни, 6 сребрени, 6 бронзени медали и 8 пофалници.
Од Министерството за образование и наука во медиумите соопштија дека работата на сите училишта во Македонија е подложна на контрола, како и дека од турската амбасада не добиле официјално барање за истрага или за евентуално затворање на некое училиште. Медиумите објавија став на МОН дека „децата слободно може да се запишуваат во сите училишта кои имаат согласност за работа од Министерството и кои работат во согласност со законските одредби, а такво е училиштето ‘Јахја Кемал’“.
Дебатата околу „Јахја Кемал“ почна пред по изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ова училиште го доведе во врска со движењето ФЕТО на Фетула Ѓулен. Во февруари 2017, само три месеци по назначувањето, во интервју за турската агенција „Анадолија“, амбасадорката во Македонија, Тулин Еркал Кара најави дека по формирањето на новата македонска Влада ќе ја интензивираат меѓусебната соработка во борбата против ФЕТО во Македонија: „Ќе застанеме покрај секој што ќе ѝ се спротивстави на структурата на ФЕТО… Во Македонија има седум училишта, весник и трговски организации под името ‘Заман’. Покрај тоа, има и голем број многу важни турски компании и институции во коишто се инфилтрирале на ист начин, како што тоа го направиле и во Турција…“
Според амбасадорката, „информациите што луѓето ги поседуваат, информациите што ги имаат Македонците, не се толку јасни и очигледни како оние што ги имаме ние…“. Во интервјуто таа потенцира и дека ФЕТО има училишта во 115 земји. За спорните училишта во Македонија амбасадорката посочува дека Турција не бара нивно затворање, туку преземање од македонската Влада, „за подоцна да бидат префрлени под надлежност на Фондацијата ‘Маариф’“.
Потенцирајќи дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Република Македонија, амбасадорката Кара, тогаш изјави за ФЕТО и дека „јас, како Тулин Еркал Кара, до мојот последен здив ќе се борам против оваа структура“.
(Користени се материјали на ВОА и на Мета. Опремата е на Глобус)