Работна група на Министерството за култура влезе во „Музејот на ВМРО“, започна преиспитувањето на оправданоста на изградбата на објектот
Министерството за култура ја известува јавноста дека работната група формирана за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ – „Музеј на ВМРО” и „Музеј на жртвите од комунистичкиот режим” и формално започна со својата работа, го одржа својот прв работен состанок и го изврши првиот директен увид во објектот…
При својата прва посета на Музејот вчера, работната група оствари средба со раководството, изврши првичен увид во музејската поставка и прибави дел од неопходната документација потребна за подготовка на детална анализа за овој музеј. Работната група во состав д-р Александар Литовски (претседател), д-р Донка Барџиева Трајковска, д-р Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, м-р Гордан Николов и м-р Жарко Трајановски (членови) ќе има задача да изврши увид во целокупната документација поврзана со одлуката за основање и изградба Музејот, да изврши увид во целокупната документација поврзана со начинот на прибирање и откуп на музејскиот материјал, да направи проценка на музејската збирка, да изврши евалуација на начинот на експонирање на музејската збирка и пропратниот илустративен материјал, како и евалуација на начинот и условите на чување на музејскиот материјал.
По разгледување на целосната документација и состојба, Работната група ќе изработи Елаборат за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“- „Музеј на ВМРО” и „Музеј на жртвите од комунистичкиот режим”.
Уште од јули лани во Министерството за култура се чешла документацијата поврзана со отворањето и управувањето на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, попознат како Музеј на ВМРО или Музеј на жртвите од комунизмот. Исходот треба да покаже дали се во врска со музејот е направено согласно законите.
Работна група формирана од Министерството во следниот период ќе изврши евалуација на музејската дејност во Македонија. Во рамки на таа анализа, велат од таму, ќе се преиспита и потребата од постоење на овој музеј.
-Во моментов две работни групи оформени од Министерството работат на ревизија и анализа на проектот „Скопје 2014“, во чии рамки припаѓа и овој музеј. Ревизијата треба да даде одговори и за закнитоста, одржливоста и оправданоста од негово функционирање, како дел од македонскиот музејски систем. Согласно наодите на нашите работни групи и стратешките определби на програмите на Министерството, ќе дојдеме до решенија кои ќе бидат изнесени пред јавноста на јавна расправа – вели портпаролот на Министерството за култура, Петрит Сарачини.
За иднината на овој музеј ќе решава јавноста. Во консултација со граѓаните Министерството ќе ја донесе конечната одлука како понатаму ќе функционира оваа установа, која предизвика бројни контроверзии.
Само за шест уметници од Украина, кои насликаа масовни сцени со реалистични прикази на настани од македонската историја, беа потрошени 770.000 евра. Со уметниците се преговараше во четири очи, без објавување на оглас.
Во музејот има вкупно 109 восочни фигури, дел од нив се во чест на Тодор Александров, Мара Бунева, Ванчо Михајлов, Гоце Делчев, Крсте Мисирков. Сместени се во дел од тринаесетте оделенија кои секој посебно ја претставува историјата на македонскиот народ во различни периоди.
Цената за изградба и опремување на музејот достигна сума од 16 милиони евра, откако со физички и правни лица беа склучени над 80 договори. Околу 50 договори се склучени само за изработка на масовните сцени, уметничките слики и портретите.
Пред две години музејот склучи уште еден договор со кој 612.000 евра беа потрошени за пренамена на конференциската сала.
Директор на музејот е се уште Бранислав Светозаревиќ, поставен на оваа функција од неговото отворање во 2010 година. Од Министерството немаат одговор дали и овој директор ќе биде опфатен во бранот на кадровски смени. Велат дека се уште трае изборниот период и до локалните избори не може да се размислува за тоа.
-В.Д. директорите доаѓаат од самите колективи и на функција се шест месеци. Потоа се распишува конкурс за сите национални установи. Општа ревизија имавме во сите институции и таму каде што утврдивме прекршувања интервениравме веднаш. Освен тоа на некои места наидовме на опструкции и поставивме в.д. директори за да ги отвориме документити и материјалите каде што сметавме дека е тоа потребно. Така што процесот со в.д. директори е само привремено решение за ослободување на институциите – вели Сарачини.
Овој музеј беше под истрага во Специјалното јавно обвинителство кое отвори предмет наречен „Тендери“. Поранешната министерка, Елизабета Канческа Милевска, е обвинета за злоупотреба на службена должност и сторена лична корист за друго лице. Се товари дека во период додека се градел објектот, склучила договор со градежната фирма „Бетон“ без завршена постапка за јавна набавка, за што потоа биле исплатени еден милион евра.
За главен архитект при изградбата на објектот бил избран Зоран Јордановски, а музејот бил изграден од компанијата Бетон од Штип.
Музејот бил изграден во периодот од 2008до 2011 година, и официјално отворен на 8 септември 2011 година, по повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија.
Ова е проект на Владата на Република Македонија, а реализиран од Министерството за култура на Република Македонија. Формиран е со Одлука на Влада на РМ од 31 јули 2008 година. Изградбата на музејот почнала во 2008 година и траела три години. Музејот е отворен на 20-годишнината од независноста на Република Македонија, на 8 септември 2011 година.
Сместен е во објект од 6.435 квадратни метри нето-површина, музејските изложбени простории опфаќаат 2.500 квадратни метри. Музејот бил официјално отворен од страна на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој во музејот го предал оригиналот од Декларацијата за независноста на Македонија, која е изложена во холот при самиот влез.
Автори на музејската поставка се проф. д-р Зоран Тодоровски, проф. д-р Даринка Петреска, проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Никола Жежов. Автор на сценографскиот амбиентален простор архитект Валентин Светозарев.
Преметот „Тендери“ на СЈО, за кого минатата недела говореше самата специјална јавна обвинителка Јанева, која при тоа ја повика ексминистерката Канчевска Милевска да го признае делото и да добие помала казна. Токму таа е главна осомничена во овој предмет бидејќи без завршена постапка за јавна набавка дозволила фирмата Бетон Штип да изврши завршни градежни работи во Музејот на македонската револуционерна борба, за што потоа биле исплатени 1 милион евра. СЈО има запленето документи од Министерството за култура поврзани со проектот Скопје 2014. Изградбата на музејот чинела повеќе од 16 милиони евра со склучени многу анекси за дополнителни работи. Основниот договор гласел дека објектот ќе чини 6 милиони евра.