ФАТМИР БЕСИМИ
Како резултат на успорувањето или целосното запирање на економската активност, дојде до намалување на понудата на стоки и услуги на светските пазари. При повторното отворање на економијата, понудата не успеа да одговори на брзорастечката побарувачка и како резултат на тоа дојде до раст на цените на светските берзи, особено на енергијата и некои од примарните производи
Со примени три дози на вакцини, минатата недела се тестирав позитивен на ковид, по што поминав една недела во изолација дома, кога ја напишав и оваа колумна, а благодарение на технологијата немаше застој во работењето и сите планирани состаноци ги реализирав виртуелно. Комплименти до вработените во Министерство за финансии, кои цело време беа на ниво на задачата, како и до раководството со кои функционираме како еден тим. Но, поентата ми е на еден друг аспект, ние веќе се соочуваме со друга криза, енеретската и инфлацијата и големи неизвесности на пазарите од војната во Украина, а сѐ уште не е завршена претходната, односно Ковид-19 сѐ уште е присутен. Значи имаме преклопување на кризи, една врз друга, што во кумулатив ја прави состојбата да биде една од најтешките после Втората Светска Војна.
Афтершок – потрес, ефект од претходен голем потрес или подобро кажано преклопување на кризи – една врз друга. Oва најдобро го опишува она што се случува со светската економија сега. Ова е афтершок на кризата предизвикана од пандемијата ковид-19, а дополнително стимулиран од геополитичките случувања, кои кулминираа во војната во Украина. Корона-кризата е најголемата економска криза со која се соочил светот по Големата депресија. Сепак, светската економија многу брзо успеа да се врати на нозе. По падот на глобалната економија во 2020 година од -3,1%, во 2021 година следеше брзо опоравување со робустен раст на бруто домашниот производ од 6,1%. Благодарение на бескомпромисниот, силен одговор на носителите на политиките, светот успеа да ја преброди оваа криза многу побрзо и поефективно во споредба со глобалната финансиска криза. На развиените и економиите во развој им требаше само една година да се вратат на нивото пред кризата, за разлика од глобалната финансиска криза, каде иако ударот беше послаб, подолго траеше.
Но, додека светот и економијата успешно заздравуваа од пандемијата, се појави нова закана – афтершок. Како резултат на успорувањето или целосното запирање на економската активност, дојде до намалување на понудата на стоки и услуги на светските пазари. При повторното отворање на економијата, понудата не успеа да одговори на брзорастечката побарувачка и како резултат на тоа дојде до раст на цените на светските берзи, особено на енергијата и некои од примарните производи. Секако, има и други чинители кои придонесоа кон ова. Имаше повеќе регионални случувања кои придонесоа за кусоци на енергија, вклучително и залагањата на Европската унија за намалување на емисиите на CO2.
Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци, кои преку меѓународните пазари се прелеаа во националните економии. Овие притисоци, својата кулминација ја забележаа по почетокот на руската инвазија на Украина, имајќи го предвид значењето на Русија и Украина во европските и светските синџири на добавување. Европа речиси 40 отсто од природниот гас и 25 отсто од нафтата ја набавува од Русија, додека третина од светскиот извоз на пченица доаѓа од Русија и Украина, петтина од извозот на пченка и 80% од извозот на сончогледово масло за јадење.
Сето ова резултираше со раст на стапките на инфлацијата, кои за многу економиите рушат рекорди поставени пред неколку декади. Според Меѓународната организација за труд (ILOSTAT), годишната стапка на инфлација глобално, мерена преку индексот на цени (CPI) во март се искачи на 9,2%, што е раст во споредба со февруари кога истиот индекс изнесува 7,5%, јануари 6,8%, додека декември 2021 изнесуваше 6,4%. За потсетување, во изминатата декада стапката на инфлација беше константно ниска, дури прениска и за некои централни банки беше предизвик да ги достигнат таргетите. Очекувањата на Меѓународниот монетарен фонд во април се дека кај развиените економии стапката на инфлација годинава во просек ќе изнесува 5,7%, додека за земјите во развој 8,7%, или за 1,8 и 2,8 процентни поени повисоко во однос на проекциите од јануари годинава.
Истовремено со растот на ценовните притисоци, поттикнати пред се од растот на цените на енергенсите, храната и некои други примарни производи, се влошуваат изгледите и за раст на глобалната економија. ММФ очекува глобалниот раст да забави од 6,1% раст на БДП во 2021, на 3,6% во 2022 и 2023 година. Ова е надолна ревизија за 0,8 и 0,2 процентни поени во однос на јануарската проекција, односно по почетокот на војната во Украина. Сепак, основното сценарио е дека и годинава економијата ќе биде во позитива, како што е впрочем и случајот со афтершокот, кој е помал потрес од првичниот.