Некои од проблематичните моменти во таквиот став се што државниот јавен обвинител не може да се разреши туку-така, по желба на премиерот, без за такво нешто основа да утврди Советот на јавни обвинители. А партиското членство на судиите и обвинителите се казнува со разрешување
Во неколкуте јавни настапи по повод 100 дена од работата на новата Влада, премиерот Христијан Мицкоски јасно кажа дека му истекува времето на актуелниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски да покаже резултати. Ако тие резултати не се случат, Мицкоски најави дека ќе предложи „наши луѓе“ за сите позиции во правосудството, практично израмнувајќи го поставувањето на нов јавен обвинител со поставување на партиски функционер во т.н. прв ешалон.
НЕ Е ТОА ТУКУ-ТАКА Некои од проблематичните моменти во таквиот став се што државниот јавен обвинител не може да се разреши туку-така, по желба на премиерот, без за такво нешто основа да утврди Советот на јавни обвинители. А партиското членство на судиите и обвинителите се казнува со разрешување.
Изборите се одржаа на почетокот на мај… новата Влада беше избрана на крајот на јуни… а деновиве, деновиве се навршија 100 дена од работата на новиот премиер и неговиот кабинет.
НАСЛЕДЕНИ СОСТОЈБИ „Состојбите се далеку од идеални“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на 1 октомври 2024 година. За наследените состојби премиерот говореше на едночасовната прес-конференција во Владата, а и потоа, во јавните настапи на неколку медиуми. Една од работите што ги наследи е државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Во сите настапи премиерот јасно стави до знаење што мисли за начинот на кој функционира обвинителството. Како илустрација ја користеше кривичната пријава на полицијата против бизнисмен, според премиерот, близок до претходната власт. За него, обвинителството побара мерки за претпазливост додека трае предистражната постапка, но не и притвор, што според оценката на Мицкоски е несоодветна мерка.
„Криминалот е 70, 80, 90 милиони денари, евидентиран, судот го пушта и… Тоа беше генерална проба, сакавме да видиме како ќе се реагира и го става на мерки на претпазливост да се јавува еднаш во неделата во суд. Ние имаме еден озбилно заробен систем помеѓу обвинителите и судиите….
– Сакаш да кажеш дека направивте тест? – беше прашање за пемиерот на гостуѕвање во еден поткаст.
– Да. И сфативме дека било кој посериозен да отиде нема ни тоа да го добие. Со овие обвинители и судии поединци коишто денеска се таму –
изјави премиерот Христијан Мицкоски во подкастот „Лазаров“.
Но и покрај тоа, додаде премиерот во гостувањето на подкастот „Лазаров“, Владата се уште не сака да иницира разрешување на јавниот обвинител. Му остава шанса да се покаже.
„Нашата задача и нашата цел е да овој обвинител, изгласан од мнозинството на СДСМ и ДУИ обвинува по закон. И му даваме шанса. Му даваме шанса да видиме како ќе се однесува. Нормално, тоа не е бесконечна шанса. И тоа има рок“, изјави Мицкоски.
И ПРЕМИЕРОТ ТРРЕБА ДА ГО ГЛЕДА ЗАКОНОТ Ако се погледне Законот за јавното обвинителство, ваквиот став на премиерот повторен и на други јавни настапи е проблематичен.
Александра Трајановска од Хелсиншкиот комитет објаснува дека согласно член 88, Собранието може да го разреши јавниот обвинител на Република Северна Македонија пред истекот на неговиот мандат по предлог на Владата, но под одредени услови.
„Владата претходно треба да има добиено мислење од Советот на јавни обвинители и тоа разрешување може да биде во две форми – ако е член на политичка партија или ако стори потешка дисциплинска повреда во своето работење. Тоа се единствените два начина во кои еден јавен обвинител може да биде разрешен“, вели Александра Трајановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
А што се подразбира под потешка дисциплинска повреда? Во членот 91, од алинеја 1 до 6, се набројани следниве дејствија:
– Потешка повреда на јавниот ред и мир;
– Ако (обвинителот н.з.) одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси;
– Прекршување на правилата за изземање;
– Ако е правосилно осуден на казна затвор до 6 месеци поради дејствија при вршење на службата;
– Ако неовластено издава класифицирани информации и
– Ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка.
Побаравме став и од јавниот обвинител на Република Северна Македонија – како го коментира и како влијае врз неговата работа ставот на премиерот дека е ставен на тест и дека има рок да се покаже, а во спротивно ќе биде разрешен. Ова е интегралниот одговор што го добивме од Јавното обвинителство:
„Јавниот обвинител не коментира политички изјави. Обвинителството постапува исклучиво според законските одредби и заложбата за законито, ефикасно и транспарентно работење е нешто што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го истакнал повеќе пати. Како досега, така и во иднина, јавноста ќе се увери дека делувањето и постапувањето на Јавниот обвинител на РСМ е во насока на исполнување на функцијата на јавното обвинителство и во насока на заштита на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните.“
ДИСКУТАБИЛНОСТ Но, уште подискутабилни од ставовите на премиерот за разрешување на актуелниот обвинител, се оние за избор на нов.
Во подкастот „Лазаров“, тој беше прашан што ако обвинителот не се покаже и каков кадар ќе дојде на тоа место? Мицкоски го израмни изборот на обвинител со избор на функционер во првиот ешалон на извршната власт.
– По кој принцип ќе ги носите кадрите, кога нема да се покаже тој човек, ќе треба друг обвинител, нели? – беше прашањето.
– Па, нормално дека треба да се гледа да биде, ако одиме кај обвинител, треба да биде искусен правник, со децениско искуство, човек којшто е од фелата итн. Се разбира, човек со кој ќе можеме да соработуваме. Нема сигурно да биде човек со којшто нема да соработуваме. Некој кога ќе ми каже, ех партиски или пријатели… Па, нормално, со тие луѓе ти мораш да соработуваш. Со тие луѓе си соработувал. Со тие луѓе си создал доверба – беше одговорот.
– Да, тука доаѓа моментот дали тој човек што е таму ќе го тргне моментот на партија и ќе соработува? – додатно прашање.
– Еве, сме направиле обид, професионалец да донесеме за Град Скопје, гледате како заврши сето тоа. Гледате како заврши. Нормално е дека луѓето со коишто имаш доверба, со коишто функционираш на дневна основа, со коишто се консултираш, со коишто разговараш, нормално е дека со нив и ќе соработуваш и тука нема ништо различно. Со кого функционираме, со кого арбитрираше, логично е јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ денот мој работен ми поминува во друштво на моите соработници од ВРМО-ДПМНЕ. И логично е тие да се мојот прв избор бидејќи со нив сум стекнал доверба. Да сум соработувал со… – додатна изјава на премиерот.
– Така нели повторно се партизира? – инсистирање на новинарот.
– Нема. Логично е тоа. И тоа и во Америка е така. И во Шведска е така. Проблемот е во администрацијата да не дојде до партизирање. Во оние надолни ешалони. Инаку логично е оној прв, оној клучно опкружување ќе бидат твоите најблиски соработници со кои функционираш во рамките на партијата или коалицијата. И тука не гледам нешто што е нелогично – кажа премиерот во подкастот „Лазаров“.
„Тоа е малку контрадикторно затоа што самиот закон навлага во тоа дека еден јавен обвинител не може да биде член на политичка партија. Така што, тие функции се неспоиви. Сепак, треба да биде некој што е професионалец во својата област, кој има долгогодишно искуство во кривичната правда и кој навистина е човек со интегритет, човек кој има високи морални и етички стандарди за да може да ја извршува функцијата којашто, нели, ќе му е доверена од страна на Собранието како орган кој ги претставува граѓаните на оваа држава“, коментира Александра Трајановска од Хелсиншкиот комитет.
Не само што јавниот обвинител не треба да биде човек од доверба на премиерот или на политичка партија, туку и неговиот избор не зависи само од Владата. Процесот е следен:
Владата испраќа барање, а Собранието распишува оглас за избор на нов јавен обвинител. Кандидатите кои ќе се пријават одат на проверка пред Советот на јавни обвинители кој дава образложено писмено позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати што ги исполнуваат условите согласно закон. Потоа, Владата бира кандидат, но само од оние кои Советот ги оценил позитивно. Тој кандидат, заедно со мислењето, се испраќа до и се гласа од Собранието.
Со други зборови, Владата може да бира само од кандидатите за кои зелено светло ќе даде Советот на јавни обвинители. А Советот на јавни обвинители може да не даде зелено светло за ниту еден кандидат, па огласот да се повтори. Но, може и да не даде мислење, па во таков случај да и остави на Владата да бира кого сака од пријавените кандидати.
Од Советот на јавни обвинители не добивме коментар за ставовите на премиерот бидејќи станувало збор за политички изјави. Но, тој веќе во следниот јавен настап, претходниот понеделник на МРТ, не пропушти да ги спомене и нив.
„Реално, бројките се такви, утре може да го смениме. И него, и Судски совет и Совет на јавни обвинители и веднаш интерпелација да им направиме, нови да предложиме. Можеме веднаш тоа да го направиме. Еве ние даваме шанса. Велиме, еве да не биде дека ние партизираме… но таа шанса нема да биде во недоглед. Таа шанса може да трае одредено време. Тоа време се ситни, се троши. И кога ќе видиме дека нема напредок, тогаш логично е да предложиме наши луѓе во коишто веруваме дека ќе го испорачаат тоа коешто очекуваме и ние и граѓаните да го испорачаат. А тоа е битка против криминалот и корупцијата“,
изјави Мицкоски.
(Користени се материлјали од повеќе медиуми – опремата е на Глобус)