Ова момче само си плаќа каде и да оди за да не претставува, а нема ниту еден денар работен стаж, ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. Зошто? Затоа што решил да плива за Македонија
ЈОВАНКА ДОЈРАНЛИЕВА
Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев се искачи на пиедесталот на маратонот во Италија пливајќи од Капри до Неапол. Освојувајќи го третото место тој ја потврди светската титула во Светската серија на ултрамаратони. Ова му е трета титула по ред. Претходно обезбеди медал во 2015-та и 2017-та година.
Но, веста за ова извонредно спортско достигнување ја нема на медиумите од национален ранг. Токму поради тоа, преку социјалните мрежи се огласи неговиот брат Дарко Поп Ацев, кој напиша:
„Дечково, (пишува Дарко за својот брат Евгениј) трипати е победник на светската серија ултрамаратони (2015, 2-17 и 2019 година). Успех, недоволно вреден да се спомене на ниедна национална ТВ. Успех непрепознаен од ниедна фирма, успех недоволен за да има барем некаква помош од државата. Државата чии бои ги брани и повеќе од достојно ја претставува. Кој не осетил и не видел, не знае колку пот и одрекувања е тоа“, пишува Дарко.
„Е, овој дечко, сам си плаќа каде и да оди за да не претставува, а нема ниту еден денар работен стаж, ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. Зошто? Затоа што решил да плива за Македонија. И како дал Господ, го прави тоа без никаква помпа, одбивајќи понуда да плива за друга држава.
Искрено, ти се восхитувам на честа, скромноста и истрајноста. Добри спортисти има многу, ама добри луѓе многу малку…е, ти си еден од нив. Честитки, голем човеку“, пишува Дарко за Евгениј, со надеж дека можеби нештата ќе се променат.
.