Со замрзнување на придонесите против платите во кеш Владата настојува да внесе ред во оваа област
Како една од мерките за намалување на исплатите во готово се планира фиксирање на придонесите, велат неофицијално владини извори, посочувајќи дека тоа би важело за одредени сектори. Најавата доаѓа откако премиерот Зоран Заев неодамна укажа дека ќе има промени во делот на севкупното давање на плата, а засегнатите министерства и институции најавија дека работат на дефинирање на механизми за спречување исплата на плата на работниците на црно не откривајќи детали.
Од Управата за јавни приходи велат дека се вклучени во изработката и спроведувањето на Стратегијата за формализирање на неформалната економија и, согласно своите надлежности, самостојно, но и во соработка со други надлежни органи ги преземаат сите активности и мерки што се во насока на придонесување или директно влијаат во справувањето со неформалната економија, како и против кршењето на работничките права.
Идејата за фиксирање на придонесите не е нова. Заев уште на почетокот со работа на оваа влада, во јули 2017 година, пред бизнисмените вети средување на проблемот со исплата на дел од платите во готово.
„Во еден момент ќе ги замрзнеме придонесите за плата на одредено ниво и ако сака бизнисменот да исплати 40.000 денари плата, тој ќе плати придонес само на 25.000 денари. Така ќе ставиме крај и на исплатата на дел од платата во кеш на штета на работниците и на државата“, рече тогаш премиерот Зоран Заев.
Сега, вели дека уште е рано за да каже кои конкретни чекори ќе се преземат за спречување на една од најчестите форми на прекршување на работната регулатива.
„Има газди што си плаќаат 11 отсто персонален данок, 11 отсто данок на добивка си го вадат кеш и им го даваат на работниците како награда. И тоа им е дел од платата. Ќе направиме определени чекори, но со време, кога ќе дојде тоа, ќе соопштиме што ќе значат тие чекори за да поттикнеме платата да се даде чесно, бруто-плата, како што треба, за таа да биде доволно примамлива. За да одам во приватна компанија во која ќе знам дека ќе имам повеќе плата, дека се почитува мојата работа, дека ќе бидам исполнет со таа работа, ќе си ја сакам и дека ќе можам да напредувам внатре и нема да бидам под политички притисок“, рече Заев пред неколку дена на ТВ 21.
Според „Фајнанс тинк“, проблемот на плата во плик бара долгорочен напор насочен кон градење на т.н. општествен договор помеѓу државата, работодавците и работниците.
„Мерките за намалување и искоренување на платата во плик може грубо да се класифицираат во две групи: казнивост и мотивација (и едукација). Втората група може да даде поголеми резултати. Казнените мерки се насочени кон редовни теренски проверки, вонтеренски проверки со вкрстување административни податоци (УЈП) со анкетни податоци (Статистика) и кампањи со нагласок на казните и ефективноста во откривањето. Мерките за мотивација се стимулативни преку воведување поголеми даночни ослободувања за најниско платените работни места и едукација за поттикнување за формализација и зголемување на даночниот морал и даночното знаење“, укажуваат од овој институт.
Колкав е процентот на таканаречени скриени плати, различни истражувања даваат различни проценки. Според анкетата на квалитет на живот на „Фајнанс тинк“ од 2017 година околу 17,8 отсто од формално вработените работници во Македонија примаат плата или дел од плата во кеш. Според истражувањето на ЦИКП (Центар за истражување и креирање на политики), дури 50 отсто од испитаните граѓани во 2016 година навеле дека примаат плати кои се целосно или делумно непријавени, иако голем дел од нив се формално вработени.
„Платите во кеш ќе ги снема оној момент кога органите на контрола ќе си ја работат работата на територија на цела Македонија. Комплетната сива економија во Македонија опфаќа до 30 отсто. Тоа мора да запре“, дециден е Горан Рафајловски, даночен консултант. Тој вели дека кога инспекција во контрола ќе забележи извлечени пари од сметка без валидно образложение или неоправдани трошоци, тогаш на инспекторот му е јасно за што станува збор.
„Ќе го казниш, нема да може да вади пари, ќе мора сите на сметка да ги стави. Не се продаваат три бурека со потрошени 50 килограми брашно. Власта треба да ја натера бизнис-заедницата да плаќа данок. Мора да има ред и тоа за сите, и за најсиромашните и за најбогатите. Спроведување на закон е едноставна работа, само треба да се има волја“, вели Рафајловски. (А.С.)