Прво, дека понорот „Завир“ не само што не бил единствен туку не бил и најголем понор преку кој водата од Преспанското истекува во Охридското Езеро. Произлегува дека водата кај Свети Наум, Тушемиште или во Корчанското поле истекува преку многу други мали понори низ варовничката структура
МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
Кралот Александар Караѓорѓевиќ, кој во 1924 година престојуваше во Претор на источниот брег на Преспанското Езеро, по се изгледа, е најзаслужен што една година подоцна беше докажано дека водата од ова езеро преку понорници истекува во соседното Охридско Езеро кое се наоѓа на помала надморска височина и дека,,Врагодупка,,, вушност, е понорот ,,Завир,, кај селото Долна Горица во Мала Преспа, кој веќе дваесетина години е на суво и преку една бразда е поврзан со езерската вода.
На една страница од својот дневник за 1924 година Јаким Јонов од Претор, на печалба во Америка, забележал:
„Денешниов ден ми го разубави писмото од стрика Пандета (Јонов, официјално Јовановиќ од Претор, тогаш во втор мандат претседател на преспанската општина со седиште во Подмочани, која го опфаќала регионот од Претор па се до Ресен на север и на која подоцна и самиот Јаким Јонов ќе биде претседател). Ми пиша дека неговото височество Кралот (Александар Караѓорѓевиќ) престојувал во Претор и оти стрико се покажал како добар домакин. Езерото многу му се бендисало на Кралот и како погранично подрачје побарал овде да се изгради морнаричка касарна и да се донесат патролни бродови за чување на границите со Грција и со Албанија. Слушајќи за езерото ветил дека ќе организира да се испита дали навистина преку ’Врагодупка’ кај Долна Горица водата истекува кај Свети Наум”.
Така и се случило. Преспанскиот хроничар Кирил Јоновски од Претор во својата монографија ,,Преспа“, пишува дека при едно негово теренско истражување во Мала Преспа разговарал со 90 годишниот Димко Василев од селото Долна Горица, кој бил сведок на настанот кога во 1925 години во тамошниот понор „Завир“ била фрлена црвена боја, која по три часа навистина се појавила на изворите кај Свети Наум, кои се наоѓаат на 15 километри воздушна оддалеченост од Долна Горица.
Тргнувајќи од фактот што и најстарите жители на Мала Преспа единствениот видлив понор го викале „Завир“, тој, всушност, е „Врагодупка“, како што тој под друго име бил познат кај населението во Преспа.
Долго време „Завир“ бил единствениот видлив понор преку кој водата од Преспанското Езеро истекува во Охридското Езеро. Ако се има предвид дека со години нивото на Преспанското езеро се одржувало на околу 853 метри надмосрка височина и дека сега надморската височина изнесува 841 метар, значи дека понорот „Завир“ се наоѓал на длабочина од само десетина метри и заради релативно големиот отвор било видливо завирувањето на водата односно правење вител на површината на водата кој повлекувал предмети во длабочината и до кој лугето се плашеле да се доближат.
Откако понорот „Завир“ излезе на суво, а количеството на водата што истекива кај Свети Наум остана иста, произлегуваат неколку факти. Прво, дека понорот „Завир“ не само што не бил единствен туку не бил и најголем понор преку кој водата од Преспанското истекува во Охридското Езеро. Произлегува дека водата кај Свети Наум, Тушемиште или во Корчанското поле истекува преку многу други мали понори низ варовничката структура или дека главните понори се на планинските клифови и на поголема длабочина заради што на езерската површина не се забележува завирување.