Временската рамка на поминување на Договорот е позната. Судбината на евентуалните амнестираните ќе се рaзјаснува до Нова година. Измените за Уставот треба да се изгласаат, засега најверојатно со најмалку 81 „пријавен глас“ на 9 јануари. Време ли е да се мисли на претседателските избори?
РЕДАКЦИЈА ГЛОБУС
Дали во блиска иднина можеме да очекуваме дека било која политичка сила на македонските улици ќе излезе и ќе протестира против институцијата амнестија, што би го покренал било кој политички чинител? Малку е веројатно или речиси – никако дека таков ќе има, освен оној мал кружок околу Клетников, доволен за партија преферанс! Деновиве се погреба и лозунгот „нема правда – нема мир“ со кој започна движењето на „шарените“ а со кое падна режимот на Груевски, кој деновиве се спаси од одењето во затвор со бегство во Будимпешта, кај својот идеолошки побратим Орбан. Причината за упокојувањето на шарената револуција секако е гласањето на парламентарците со 95 гласа за, ниту еден воздржан и ниту еден против, со што помина Законот за амнестија. Не многу подоцна дури и кочничарот Иванов го потпиша тој акт, со што го направи по долг период својот работен стол функционален. Но ова, мора да се истакне остава длабока лузна на лузната на демократското лице, кое одново е длабоко повредено и неодмаздено пред варварските табиети на носителите на локалниот национализам.
Аналитичарите веќе пресметаа дека двата спротивставени партнери
на политичката сцена – а по повод уставните амандмани – нашле барем некаков минимален заеднички именител. Според Петар Арсовски СДСМ жртвуваше дел од поддршката од критичката јавност (онаа која се противи на каква било амнестија а тоа се поистакнатите претставници на „шарените“, ако може ние да забелкежиме), а и ВМРО ДПМНЕ, прифаќајќи модел на амнестија каде ги нема најголем дел од поважните организатори на 27 април 2017 година.
И што можеме сега да заклучиме? Најнапред дека СДСМ го редуцира бројот на своите поддржувачи (да се потсетиме на елиминација на малокрвните либерал-демократи со нивниот актуелен претседател, но како што веќе навестивме и на голем дел од невладиниот сектор, особено оној поагилниот).
Дека на Мицковски не му е лесно говори и фактот дека почнаа да му се мешаат ливчињата од говорите. Улицата не е телевизија која дозволува да се користи т.н. идиот машина, а просторот по кој неговиот говор може да се движи сега е тематски навистина збунувачки сиромашен, што може да се забележи и по потсмевот кој го доживува во последните настапи!
Колку за ДУИ, третата алка во синџирот на големите партии, таа започна (или поточно – продолжи) со расчистување на сметките внатре во канцелариите во Мала Речица. Куршумите не се исклучени од инструменариумот на пресметките.
Дали барем сега имаме чиста ситуација пред финалното гласање во Парламентот за уставните измени, со што гајлето околу заживувањето на Преспанскиот договор ќе се префрли во околината на атинска Синтагма?
Засега станува јасно дека пратениците кои сепак му се верни на Мицковски, во отсуство на сериозна опозиција во Белата палачинка, нема да ја подигнат раката за гласање на амандманите на Уставот со леснотијата со која изгласаа амнестија. Барем не сите. Кавадарчанецот Панче Минов наводно истакнал дека ќе биде „81 глас“. Албанските опортунисти веќе се совладани – еден амандман на Села му е усвоен, со што се смета дека неговата поддршка е добиена.
Според Законот за амнестија сега обвинетите во случајот со пучот од 27 април имаат пет дена да се изјаснат дали сакаат амнестија или не. За време на викендот, кога течат тие термини, бројот на кандидатите засега не е импресивен. Потоа споменатите претставнички на правосудството треба да е изјаснат по барањата во рок од пет дена, што значи дека дилема ќе се расчисти до Нова година или на нејзината патерица.
Дека власта веќе не се мачи со исходот на гласањето говори и фактот дека тоа двотретинско мнозинство е преокупирано со забрзано влегување во процедура на и онака предолго чеканите закони како што е оној за медиумите, потоа вториот, за антикорупциска комисија, па третиот за статусот на СЈО…
Сето тоа очевидно до Нова година ќе достигне до завршување барем на првото читање. Спонзорите на овој процес не се возбудуваат околу иднината на ратификацијата на Преспанскиот договор, што е видливо од фактот дека „шамарите“ што се делат наокулу се млаки а некаде оценети и како непотребни. Ете, на Каракачанов само му го споменаа бизнисот со пасошите (кој процедурално не е завршен) па кај бугарската страна отпорот е легнат на брашно, како што и министерката Захарова престана со своите вербални инциденти. Грчката опозиција е релативно издишана, особено откако Атина ги сопре руските амбиции да дејствуваат преку неа во рушење на напорите на Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Чувме дека и Вучиќ сега го поздравува (ќе му биде втор пат) носењето на Преспанскиот договор и преку него создавање на чист простор за идната брза пруга Атина – Скопје – Белград – Будимпешта. Окован во косовските грижи Вучиќ е гладен за пријатели а во тоа нема да му помогне досегашната реторика полна со подбивен однос кон нас.
Значи, сега останува да се спроведе процесот на ратификација во земјава и во Грција, за потоа да се оди на ратификација на НАТО -членството, и почетокот на преговори со ЕУ.
Новогодишно, добро е да се потсетиме најкусо кои се уште клучни точки во овој процес нѐ очекуваат во 2019-та .
Прво, извештајот доаѓа во април а ние немаме комотност од аспект на временската реформска рамка. Потоа доаѓаат изборите за европарламентарци, во мај 2019. Македонија тука ќе влезе во најкомплицираниот расчекор – европарламентот ќе биде распуштен и ќе се очекува нов состав со нови политики, кои не „мирисаат“ на добро за сите кандидати за членство. Видливо е дека десницата ќе добие повеќе гласови од сега а таа многу не не гледа со компнежлив поглед. Но, отворената врата во НАТО барем ќе биде силна утеха за ето она што го преживеавме во периодот 2012 – 2018.