Владата на Ципрас го преживеа гласањето за доверба, следната битка на Ципрас во Парламентот е за прифаќање на Договорот од Преспа. Сега се гледа зошто Меркел остана толку долго во Атина!
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Грчката драма со гласањето на доверба на владата на Ципрас јасно покажа дека канцеларката Меркел имала добри информации за состојбите кога остана толку долго во Атина минатиот викенд – речиси два ипол дена! Таа таму присгина во петокот попладне, остана саботата а си замина во неделата
НЕ СЕ МЕША, АМА ПОТСЕТУВА Германската канцеларка Ангела Меркел веднаш по пристигнувањето, да се потсетиме, упати повик до политчките сили во Грција да му дадат зелено светло на договорот помеѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името. Подвлекувајќи дека „не се меша во внатрешните работи“ на Грција, таа укажа дека Договорот од Преспа е од полза на цела Европа.
„Многу сум му благодарна на Алексис Ципрас што презеде иницијатива за да бара решение со премиерот Зоран Заев за еден многу, многу тежок проблем, имено – прашањето за името на соседната земја, и да постапува храбро. Тоа е проект за кој секој знаеше дека нема едноставно решение.“
Според Меркел, името Северна Македонија создава јасност и отвора можност за земјата „да стане дел од европската заедница и дел од НАТО“.
„Можам само да кажам дека сметам оти чекорот што го направи Алексис Ципрас како грчки премиер е решавачки чекор од кој ќе профитираат не само Грција и Северна Македонија, туку и цела Европа и нашите заеднички вредности“, рече Меркел, која изрази и благодарност што Грција се ангажира во Берлинскиот процес, кој има за цел да ги зајакне односите на Балканот и да се подобри она „што ни е од интерес на сите нам“.
На прашањето дали со Меркел има, како што тврди опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис, „дил“ Ципрас да се согласи на договор за прашањето на името, а за возврат да не мора да ги крати пензиите, германската канцеларка одговори:
„Се разбира, нема никаква врска помеѓу активностите во случајот на името и договорот со Македонија и некои економски реформи. Тоа не смее да се прави и се чудам што воопшто мора да се зборува за тоа.“
Дел од експертите во Грција пред посетата на германската канцеларка оценија дека таа на утрешната средба со лидерот на опозициската Неа Деморкатија, Киријакос Мицотакис, ќе интервенира и ќе изврши притисок тој, ако веќе не дава согласност за Договорот од Преспа, тогаш барем да се согласи со прием на Македонија во НАТО.
На вечерашната прес-конференција во Атина, Ангела Меркел, околу претстојните разговори со Мицотакис рече:
„Се разбира дека има различни ставови. Нема да се мешам во внатрешните грчки планови на различните партии. Меѓутоа, ќе се залагам за ставање крај на спорот за името. Не ја преценувам својата улога. За ова нема првпат да разговарам со господин Мицотакис. Но, верувам и цврсто сум уверена дека тоа е за добро на Грција, за добро на идната Северна Македонија, за добро на стабилноста на Западниот Балкан и за добро на ЕУ. Во тоа сум длабоко уверена. Има едно добро правило: опозицијата мора да ја критикува владата, така е насекаде низ светот во демократиите, но за прашања од многу големо национално значење треба да се прават обиди за наоѓање заедничка позиција. Ќе се залагам за тоа, но не негувам големи илузии што се однесува до ставовите. Тие сигурно нема да се променат со посетата на една германска канцеларка.“
ЗАКАНИ Заканувачки пораки, слики, повици – дел од грчките пратеници се изложени на сериозни закани пред гласањето за доверба на владата на премиерот Алексис Ципрас, кое е закажано за денеска, и претстојното гласање за договорот со Македонија за името.
Според медиумски извештаи, една пратеничка која сака да гласа и за владата на Ципрас и за договорот со Македонија, добила пораки преку телефон со слики на жени со отсечени глави. Други парламентарци информираат за заканувачки телефонски повици, насочени против нивните семејства.
Освен тоа, во северниот дел од Грција и во Солун, во текот на изиминатите денови осамнаа плакати со фотографии на пратеници, на кои стои прашањето: „И ти ли ќе ја предадеш (нашата провинција) Македонија?“
Полицијата досега има уапсено четири лица.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи на расправата во грчкиот Парламент, кусо пред гласањето доверба, ги извести пратениците дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.
ПРОБЛЕМ СО ИДЕНТИТЕТОТ НА „СКОПЈАНИТЕ“ Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија Киријакос Мицотакис, во неговиот говор рече дека тој што гласа „за”, го отвора пат за наводниот македонски идентитет и јазик за соседите, како што предвидува Договорот од Преспа.
Мицотакис му се обрати на Ципрас „да ги заборави експресните процедури и тајните методологии за да го помине штетниот Договор од Преспа”.
Ципрас му се обрати на Мицотакис и рече дека во добиениот текст, „соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава“, односно дека се појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството.
– Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во Договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици, рече Ципрас.
На барањето од Мицтакис, Договорот од Преспа да не се носи по брза постапка во Парламентот, Ципрас рече дека ќе има доволно време, иако за конкретното прашање веќе една година се дискутира, а воедно го повика и на ТВ дуел.
-Јас вторпат ве предизвикувам и ве поканувам, дојдете и овде во Парламентот и на еден телевизиски дијалог за Договорот од Преспа, да ни кажете кои се тие аргументи што ги имате, му порача Ципрас на Мицотакис.
РЕЗУЛТАТ Познат е резултатот – на гласање доверба во грчкиот Парламент, Алексис Ципрас со 151 гласа „за“, доби поддршка за неговата влада. Од пратениците, 148 гласаа „против“, а еден беше отсутен.
Гласањето помина како што беше очекувано и најавувано. За доверба на владата, освен 145те пратеници од СИРИЗА, гласаа четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци, односно владата ја поддржаа: министерката за туризам, Елена Кундура, заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис, кои до неодамна беа дел од Независни Грци, заменик министерката за цивилна за заштита, Катерина Папакоста, која е независен пратеник, пратениците од Независни Грци, Костас Зурарис и Танасис Папахристопулос, и сега веќе независниот пратеник, а до завчера член на Река, Спирос Данелис.
Сите пратеници од опозициските партии, Нова демократија, Движење на промена, Златна зора, Река, Сојуз на централисти, Комунистичката партија на Грција, гласаа против.
Од Независни Грци, со исклучок на Зурарис и Папахристопулос, останатите членови на пратеничката група беа против доверба на владата.
По завршувањето на гласањето, грчкиот премиер во изјава за медиумите рече дека владата со добиената доверба ќе го заврши четиригодишниот мандат со едниствен критериум интересите и потребите на грчкиот народ.
На дводневната расправа во парламентот за обновување на довербата на владата, се обратија лидерите на политичките партии и грчкиот премиер, како на почетокот на седницата, така и на крајот. Жестоката дискусија се водеше и во однос на економијата, но и во однос на Договорот од Преспа.
Министрите од владата, како и пратениците од владејачката СИРИЗА, секој со свои аргументи цврсто го поддржаа решението меѓу Македонија и Грција, говореа зошто е корисен Договорот од Преспа, но и зошто владата треба да добие доверба и да го заврши четиригодишниот мандат.
Спротивно на нив, лидерите на опозициските партии, како и нивните лидери и пратеници, образложија зошто не ја поддржуваат владата, но и Договорот од Преспа, а повеќето од нив, рекоа дека во овој момент единственото и најдобро решение за земјата е распишување парламентарни избори.