Македонија и 25 години по членството во ОН, нема алтернатива освен пат кон НАТО и ЕУ
МИКИ ТРАЈКОВСКИ
На научна трибина по повод одбележувањето од 25 годишнината од приемот на Македонија во Обединетите нации, беше речено дека земјата и денес како и тогаш се наоѓа пред историски момент, а тоа е референдумот за прашањето за името. Беше спомената и големата заслуга на првиот претседател Киро Глигоров за кој беше речено дека бил од бенефит за Македонија.
Македонија пред 25 години направи историски исчекор кога беше примена во заедницата на Обединетите нации. Денеска државата повторно се наоѓа пред историски момент кога на 30-ти септември нејзините граѓани ќе се изјаснат на референдум.
Виктор Габер, претседател на Дипломатскиот клуб на Македонија е силен поборник на идејата Македонците да ја искористат шансата да направат разлика во животот на идните генерации:
„Ова е голем чекор што се прави (за државата) и од него зависи брзината на нашето вклучување во меѓународната заедница. Договорот со Грција претставува дефинитивно на европска и светска сцена дека македонскиот јазик и идентитет влегуваат како суверен дел во заедницата на народите. До сега ние ги имавме сите тие пречки иако нас некои земји не признаваа и под Република Македонија“ вели Габер, претседател на Дипломатскиот клуб на Македонија.
Но, гледајќи наназад, многумина се согласни дека голем придонес во трансформацијата на Македонија во денешна смисла има нејзиниот прв претседател. Тогашниот советник на Киро Глигоров, Ахил Тунтев вели дека државници како него не се раѓаат често:
„Глигоров беше еден бенефит и привилегија на Република Македонија. Тој беше лидер, лидер каков што би било можеби добро да имаме во Македонија и можеби не само во Македонија, бидејќи целата негова филозофија беше упатена кон доброто на човекот и просперитетот на нацијата“.
Според Тунтев, Глигоров треба да се препрочитува бидејќи бил човек кој гледал преку две планини:
„Тој прифати компромис за прием во ОН, затоа што знаеше дека тоа ќе ни донесе зачленување во Светската банка, ММФ и широко меѓународно признавање. Уште повеќе, кај него можат да се најдат одговори на многу битни прашања за иднината и просперитетната иднина на Македонија“.
За претседателот на МАНУ, Таки Фити, Македонија, 25 години по ОН, нема алтернатива за својата иднина освен членство во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ:
„Кои меѓу другото нудат и економски просперитет и инкорпорирање на вредности во нашиот политички и правен систем кои што се по теркот на западните критериуми и стандарди. Искуствата од трите големи проширувања на НАТО со екс социјалистичките земји, потврдија дека силно пораснаа инвестициите“.
Поранешни дипломати, академици, универзитетски професори во Охрид неодамна се собраа на одбележување на 25-годишнината од приемот на Република Македонија во ООН и промоцијата на зборникот „За и од Киро Глигоров“.
(voanewa)