Јасно е дека преостанатата врвушка на ВМРО ДПМНЕ одлучи сиот товар на долготрајната опшстествена криза да го префрли на Сашо Мијалков. А сега со својата последна изјава тоа го прави и претседателот Иванов. За се’ што има лошо во земјава е виновна УДБ а се знае кој бил оперативно одговорен за тој сегмент од безбедноста толку години. Експремиерот е засега под стаклен ѕвонец. Но, не и советникот за безбедност на Иванов – Синиша Алексовски
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во петокот попладне во резиденцијалниот објект Водно, човекот кој седи на фотелјата предвидена за шефот на државата, одржа прес конференција. Познат по тоа што не ги сака средбите со новинарите, дека тие наликуваат на она „имам нешто да му соопштам на народот“ а без било какво одговарање на прашања на пресот, Ѓорѓе Иванов го смени односот. Видливо променет, тој остана десеттина минути да одговори на неколку прашања, соочен со фактот кој најголем дел од јавноста и онака одамна го знае, или го насетува како многу веројатен: неговото име е преприсутно меѓу оние кои беа актери во настаните од 27 април 2017 година а кои обвинителството ги карактеризира како обид за противуставна промена на политичкиот поредок или поинаку – како обид за пуч.
КОЈ Е ВРВОТ За тој настан многу сме пишувале и секогаш останувало да се дочека сведочењето што ќе биде изнесено од страна на обвинетите а што ќе потврди кој е организаторот на тој обид з насилно недозволување да се конституира власта по изборите од декември 2016 година. За настанот извршителите се знаат, некои се во судницата на скопскиот Кривичен суд и во овој момент, некои се при тоа во домашен притвор или се сместени во истражен затвор. Конечно, во судницата обвинителите ги донесоа оние кои сосема јасно, во многу детали, го издвоија врвот на командниот штаб кој сепак имал неколку луѓе над нив. Јавноста онака се обидуваше да погоди: Мијалков? Груевски? Иванов? Тоа се единствените три опции, кои соло или во комбинација можеле да управуваат со пучистичкиот „комитет“.
Иванов како врховен командант над Армијата, нејзината оператива и сегментите од воената безбедност, со уставна позиција да може да воведен вонредна состојба во земјата, конкретно и кога Парламентот не може да функционира (!?) во сведочењата на обвинетите е присутен преку двајца членови на својот штаб – Синиша Алексоски, советникот за безбедност и Борис Јосифовски, шеф на неговиот кабинет.
Во својата верзија на својата позиција Иванов ја обвинува УДБ, значи и Мијалков, кој и онака е отфрлен од Мицковски и неговата екипа и исклучен од партијата. Таа е институцијата која се поврзува и со сведоците, значи индиректно и ги девалвира сведочењата на глаголивите во судницата. Не го споменува шефот на кабинетот Јосифовски, што значи дека или не е сигурен дека алибито што би го дал за него лесно би паднало во некои додатни сведочења ама се одлучува да го покрива пред се споменатиот Алексоски. Причината може да не е поврзана не само со случајот од 27 април туку и со кумановските настани! За таа поврзаност нешто веќе говореше и премиерот Заев.
НА СЛУЖБЕН ПАТ Одбраната на претседателот на Алексоски е поврзана за негово наводно службено патување за Вашингтон токму на 27 април, со авион а со преседнување во Истанбул. На аеродромот во Истанбул наводно заради влошување на ситуацијата (која не била предвидена за Иванов!) бил повикан да се врати и тој експресно од таму дошол во земјава, да не ви кажуваме за колку часови… Таква сторија за возење „ала Фанџо“ имаме и кај српското објаснување за тоа како Груевски избегал во Унгарија од црногорската граница до Суботица за пет-шест часови… но нејсе, на тие „матрикс“ филмски приказни не е имун ни претседателот Иванов!
Кариерата на Алексоски е чудна и се базира на партиски скалила во самиот врв на ВМРО ДПМНЕ. Според охридски извори ова селанче од Тажево (во околијата на Македонски Брод), било внук на началник на КОС а потоа и дипломат на СФРЈ, кој до смртта живеел во Охрид. Веднаш по доаѓањето на новата власт од страна на Јанкуловска бил поставен за командант на Алфите. Имал конфликт со шефот на ЈБ Радникот и благодарејќи на ургенција на Маја Иванова, сопругата на претседателот, тој станува негов советник, преку кого Иванов ќе се обиде да го контролира просторот на безбедноста и разузнувањето. Така, ако Мијалков го има Нинџа, Иванов го има својот Самурај, како што гласи еден од трите прекари на Алексоски (некои го викаат Докторот а трети Агло). Се поврзува и со новинарите, бидејќи наводноим давал инсајдерски информации. Дури, во еден момент на разидување меѓу активистите на „клубот“ на Аминта Трети, за таа своја функција на привилегирани информации од претседателскиот кабинет Синиша е нападнат од Миленко Неделковски, кој става мост меѓу него и луѓе како Васко Ефтов („Во центар“). Претпоставуваме дека дилемата е – зошто му се даваат вести (или спинови) само нему?
На денот на нападот на толпата под раководство на т.н. двојна Петта управа, припадници на други безбедносни структури слично, се споменуваат имињата на посочените двајца членови на најтесниот кабинет на Иванов. Едниот, Борис Јосифовски е дел од – да го наречеме така – кризниот штаб во ВМРО ДПМНЕ, на осмиот кат на Шампитата, влез преку подземната гаража, кој кажува, според сведочењето на судењето, дека претседателот во изјава за медиуми во 22 часот тој ден ќе објави вонредна состојба која ќе „покрие“ практично се’ што ќе се направи во Собранието. Името на Алексовски се споменува често меѓу учесниците во форма на усна порака дека пуч секако ќе има и дека тој треба да се случи во 22 часот. Тука е и првиот известувач во српската амбасада во Македонија Живаљевиќ, кој е откриен од една телевизија во Собранието а кој потоа изјави дека за негово присуство на дотичното место побарал дозвола токму од Алексоски!
Случајот со Живаљевиќ, целосно непријатен за релации меѓу двете држави – соседи, е затворен на 15 јуни 2017 година, призна самиот Алексоски за порталот МКД.мк. „Заради добрососедските односи, на остварената билатерална средба меѓу претседателите на Македонија и на Србија, остварена за време на состанокот на Брдо-Бриони процесот, од македонска страна беше побарано да се изврши предвремена замена на Живаљевиќ и за тоа да се договорат директорите на разузнавачките агенции од двете земји, по што тие тоа го реализираа“, вели Алексоски за овој медиум.
ПОКЛОПУВАЊЕ НА ИСКАЗИТЕ ВО СВЕДОЧЕЊАТА Поклопувањата на сведоците за учеството на Алексоски во пучот се пречести и идентични за да се отфрлаат од прва а Иванов се обрати на нацијата навистина, според тогашните оперативни тајминзи, во 22 часот со едно штуро, општо и неинспиративно отфрлување на насилствата и побегна во бекстејџот, за да нема прашања. Ова дека Иванов ќе се обрати на нацијата го знаеле учесниците, според сведоците неколку часови порано, кога содржината на соопштението требала да биде поинаква. Ним им станало јасно дека работите во од се смениле – увиделе дека некој оперативно ја презел командата со МВР и дека нема ништо од пучот.
Тоа беше јасно и за јавноста која седеше пред телевизорите – што би рекол Груевски од Виена – „во влечки“: дека само влегуваме во фаза на отфрлување на вината од себе на објективно најодговорните, што заврши со оној говор на Груевски на аеродромот Петровец во сличен стил.
Позицијата на Алексоски во основа е проблематична, бидејќи, тој се споменува и во аферата Монструм и во кумановските настани. За тоа и Заев, во време кога бомбите беа актуелни, искоментира дека нема конкретни докази за вмешаност на високи преставници од власта во тие настани, но затоа пак за има нивни преставници.
– Немам конкретни докази, но мислам дека се вмешани (во Монструм – н.з.) врз основа на тоа што слушнав. Исто така, мислам дека се вмешани и во нападот во Куманово, каде беа убиени наши полицајци. Осум наши полицајци загинаа од криминални структури кои влегоа од Косово во Куманово и ги окупираа куќите. Убеден сум дека власта тука вмешала прсти и дека истрагата ќе го докаже тоа, рече Заев. Во врска со кумановските настани, на новинарско прашање дали поседува докази и дали тие докажуваат вмешаност на Сашо Мијалков за настаните во Куманово, Заев вели: „Ние имаме само индиции, не и докази“.
– Многу структури се инволвирани. Еден е Синиша Алексовски. Го чувме разговорот помеѓу него и лицата кои се јавуваат кај командантот Мирсад Ндрецај од Косово, познат криминалец и бандит кој хара по овие простори – Косово, Србија, Прешево, Куманово, тетовскиот крај, скопскиот дел и тие имале комуникација. Зошто имале потреба да имаат меѓусебна комуникација. Постојат сериозни индиции за Синиша Алексовски. Мислам дека тој е шеф на обезбедување на тајните служби кој беше кај Ѓорѓе Иванов, но постојат и други индиции за инволвираност во високите структури, додаде Заев.
Дали оваа изјава открива зошто Иванов толку соработуваше во операциите на недозволувањето Зев да ја добие власта, откако, се разбира, во Собранието мнозинството ќе си избере претседател на Парламентот? Како и зошто позицијата на Алексоски е толку битна да се покрива со разни СФ алибија? Па, затоа што Иванов после последните сведочења сепак е притиснат до ѕидот.
Јасно е дека преостанатата врвушка на ВМРО ДПМНЕ одлучи сиот товар на долготрајната опшстествена криза да го префрли на Сашо Мијалков. А сега со својата последна изјава тоа го прави и претседателот Иванов. За се’ што има лошо во земјава е виновна УДБ а се знае кој бил оперативно одговорен за тој сегмент од безбедноста толку години. Експремиерот е засега под стаклен ѕвонец. Но, не и советникот за безбедност на Иванов – Синиша Алексовски.