Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи во написот кој е преземен од новинската агенција „Мета“, воопшто не се спомнува дека претседателот на „Го сакам Водно“ е нападнат од активист на СДСМ
СИЛВАНА ЖЕЖОВА
Во преполната сала на месната заедница во Козле дојде до тепачка помеѓу групи на граѓани, пренесува „Мета“.Дел од присутните изразија незадоволство што Општина Карпош го форсира донесувањето на овој ДУП со кој се предвидува зголемување на урбанизацијата, изградба на три шесткатници кај каналот за спречување на поплави во Трнодол и изградба на индивидуални објекти високо на Водно.
Текстот што го рецензираме е пренесен коректно и е објавен линк до изворот, но насловот не произлегува од содржината. Во оригиналниот напис воопшто нема таква информација дека претседателот на „Го сакам Водно“ бил нападнат од активист на СДСМ. Во насловот исто така не се споменува ниту каде се случил нападот (на расправата за ДУП-от за Трнодол, Жданец и Козле во преполната сала на месната заедница во Козле), па на читателот му остава простор за произволно толкување.
На насловот реагираше и претседателот на „Го сакам Водно“, Андреа Јанков, кој на неговиот фејсбук-профил демантираше дека бил нападнат. Тој воопшто не бил присутен на расправата.
За настанот се огласија и од иницијативата „Го сакам Водно“ кои од нивни извори дознале дека постоел напад врз граѓански активист од иницијативата „Спас за Водно“, жител на Трнодол, од страна на лице кое не е жител на Трнодол, а бил вработен во Општината во минатото.
„Го сакам Водно“ најостро ги осудува физичките напади од било која страна, и не можеме да не реагираме на неадекватната заштита на јавната расправа, која, иако отворена, се очекуваше да биде тензична. Општината не смее да организира ваков настан на ваква сензитивна тема и во тензична атмосфера без да обезбеди минимум безбедносни услови, а уште помалку да дозволи партиски членови или (бивши) вработени да напаѓаат луѓе, се вели во реакцијата на „Го сакам Водно“.
Правилото за наслов на текст е дека тој произлегува од содржината на текстот, кој во написот што го рецензираме не е запазено. Имајќи предвид дека се споменува лице инволвирано во случајот, потребна е негова изјава за потврда или негирање. На медиумот, не е објавена ниту реакцијата на претседателот на „Го сакам Водно“, нема извинување кон него, а не е сменет ниту насловот наспроти фактот дека тој не бил нападнат од одредено лице кое наводно бил активист на СДСМ.
(Критинк)